1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ПССЕ: Бугарија да го почитува македонското малцинство

Тони Гламчевски14 декември 2012

Парламентарното Собрание на Советот на Европа побара од Бугарија спроведување на конвенцијата за заштита на националните малцинства како и потпишување на европската повелба за регионални и малцински јазици.

Фотографија: picture alliance/abaca

Парламнетарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) побара од Бугарија целосно спроведување на сите одредби кои ги содржи Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, посебно во делот на спроведувањето на индивидуалните права, со оглед, како што стои во резолуцијата, дека таа не го признава постоењето на македонското малцинство и помаците. Исто така од Бугарија се бара да ја потпише европската повелба за регионални и малцински јазици. 

Во таа насока ПССЕ смета дека Бугарија треба да напредне во давањето на правата на лицата кои им припаѓаат на националните малцинства, во делот на промовирањето на мајчинот јазик, како и промовирањето на нивниот културен идентитет.

ПССЕ исто така бара од Бугарија систематски и безусловно да ги осудува говорите на омрази насочени против малцинствата, како и да ги зајакне мерките за меѓусебна трпеливост и взаемно почитување и истовремено да ги охрабри политичарите да имаат примерно однесување и да се зафати со решавањето на проблемите на ромското малцинство.

Во резолуцијата подготвена од италијанскиот парламентарец Лука Волонте, се вели дека и покрај постигнатиот напредок Бугарија треба да напредува во повеќе клучни области, како независноста на правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и се надева дека таа ќе продолжи да напредува на демократски начин. Резолуцијата ПССЕ ќе треба да ја изгласа на јануарската сесија во Стразбур.

Европскиот парламент исто така бара почитување на правата на малцинствата во ЕУ

На декемвриската сесија во Стразбур европратениците исто така инсистираа на почитувањата на правата на припадниците на националните малцинства во земјите членки на ЕУ.

Во усвоената резолуција за фундаменталните човекови права, без притоа да се именуваат припадниците на малцинствата, глобално беа повикани сите држави членки на ЕУ да ги ратификуваат рамковните конвенции на Советот на Европа за заштита на националните малцинства и повелбата за регионални или малцински јазици. Од државите членки е побарано да се борат против дискриминацијата на која се изложени националните или етничките и лингвистичките малцинства и да преземат мерки за зачувување на нивните јазици.

Според Европратениците не постои единствено решение за подобрување на ситуацијата на националните малцинства во земјите членки, но се посакува да се утврдат некои заеднички минимални права.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми