Пулицеровите награди во знакот на Ковид-19 и на Џорџ Флојд
СН/агенции
12 јуни 2021
Најпрестижните новинарски награди во САД годинава пред сѐ им оддаваат признание на покривањето на пандемијата на коронавирусот и на полициското насилство во САД. Една тинејџерка доби специјална награда.
Реклама
Годинешната Пулицерова награда во најпрестижната категорија „Во служба на јавноста“ ја доби весникот „Њујорк Тајмс“ за неговото „храбро и сеопфатно“ известување за пандемијата на коронавирусот, соопштија организаторите во Њујорк.
Новинарот Ед Јонг од списанието „Атлантик“ и фотографот Емилио Моренати од новинската агенција Асошиејтед Прес (АП) исто така беа наградени за известувањето за пандемијата.
Покрај наградите за следење на пандемијата на коронавирусот, значаен дел од признанијата беа доделени и за известувањето за протестите по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд кои прераснаа во движењето „Црните животи се важни.
Пандемија: Животот свртен на глава
Пред нешто повеќе од една година мистериозен нов коронавирус започна да се шири низ светот. Денес, бројот на заразени во пандемијата е над 100 милиони, а секојдневието на луѓето ширум планетата е драматично променето.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Колективно физичко дистанцирање
Сингапур има многу ниски стапки на инфекции со коронавирусот од октомври досега. Набљудувачите ја фалат оваа град-држава во југоисточна Азија за одржување на вирусот под контрола со внимателно следење на нејзините граѓани, делумно со апликацијата за задолжително следење. Падот на инфекциите значи дека локалното население може да посетува кино на отворено - под услов да се одржува физичка дистанца.
Фотографија: Edgar Su/REUTERS
Во Јужна Африка се шири страв
Јужна Африка е најтешко погодената африканска земја од пандемијата на коронавирусот. Овој пациент во болница во близина на Кејп Таун е еден од 1,4 милиони граѓани кои се заразени со Ковид-19. Новата варијанта на коронавирусот, позната како B.1.351 или 501Y.V2, само го зголеми стравот. Исто како и новата варијанта на британскиот вирус, се смета дека оваа јужноафриканска мутација е многу позаразна.
Фотографија: Rodger Bosch/AFP/Getty Images
„Социјално дистанцирање на сонце“
Со зголемените летни температури, многу Австралијци се во можност да уживаат во освежително пливање во океанот. Поставени се знаци за да ги потсетат посетителите на плажите да држат дистанца додека уживаат во сонцето, во обид да се спречи нов пораст на инфекции. Австралија забележа значително намалување на бројот нови случаи од септември наваму.
Фотографија: Bai Xuefei/Xinhua/imago images
Болка поради оние кои починаа
Келвија Андреа Гонкалвес (16) плаче на гробот на нејзината мајка во бразилскиот град Манаус - Андреа дос Реис Брасао почина на само 39-годишна возраст. Таа е една од безбројните жртви од Ковид-19 во градот кој остана без неопходниот кислород. Многу луѓе го обвинуваат екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро за мрачната состојба во земјата. Во Бразил од вирусот починаа над 221.000 лица.
Фотографија: Bruno Kelly/REUTERS
Што е сигурно е сигурно?
Во Хонг Конг, властите оградија цели населби без предупредување како одговор на ненадејниот пораст на инфекциите. Градот, посебен административен регион на Кина, наметна слични драконски мерки за спречување на епидемијата на вирусот како оние кои беа во сила во Кина. До неодамна, стапките на инфекции тука беа многу ниски.
Фотографија: Tyrone Siu/REUTERS
Танцување во сопствен меур
Американскиот рок-бенд The Flaming Lips смисли начин како да организира концерти со физичка дистанца: на неодамнешниот концерт во Оклахома Сити, бендот ја замоли публиката да влезе во пластични меури кои се надувуваат. На овој начин, тие можеа да се танцуваат додека безбедно се изолирани во сопствени меури. Публиката дури можеше да го држи на раце и фронтменот Вејн Којн кој се стркала од сцената.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Цркви претворени во центри за вакцинација
Многу цркви во моментов се затворени поради пандемијата, па местата за богослужба се претвораат во центри за итна вакцинација- како тука во катедралата Лихфилд, во близината на Бирмингем, Англија. За разлика од земјите во ЕУ кои во моментов се соочуваат со недостиг на вакцини против Ковид-19, Велика Британија редовно се снабдува со дози.
Фотографија: Carl Recine/REUTERS
Светло на крајот од тунелот
Ејми Езат подготвува торта во форма на вакцина која треба да се дистрибуира меѓу пациентите со Ковид-19 кои се лекуваат во болницата во Каиро. Египет се бори да ја активира својата кампања за имунизација низ целата земја. Сепак, на многумина можноста да се вакцинираат против коронавирусот им дава огромно чувство на надеж.
Фотографија: Hanaa Habib/REUTERS
8 фотографии1 | 8
Специјална награда за 18-годишна тинејџерка
Американскиот весник „Минеаполис стар трибјун“, пак, е добитник на годинешната Пулицерова награда во категоријата ударни вести за известувањето за смртта на Џорџ Флојд за време на полициското приведување, додека новинската агенција Ројтерс и часописот „Атлантик“ ја поделија наградата за „објаснувачко новинарство“.
Комитетот за доделувањето на Пулицеровата награда на церемонијата, која беше пренесувана онлајн, соопшти дека доделил и награда за „посебно достигнување“ на Дарнел Фрејзер, тинејџерката која се најде на местото на убиството на Флојд и го сними со својот мобилен телефон.
Протести против колонијализмот и расизмот
Антирасистичките протести по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд го подгреаја конфликтот околу колонијализмот. Во Европа и САД се оштетуваат, уништуваат и отстрануваат споменици.
Во изминатите години имаше повеќе конфликти околу статуата на Едвард Колстон во Бристол. Сега демонстрантите го извадија споменикот од неговиот постамент и го фрлија во пристаништето. Колстон работел за Кралско-африканската компанија, која поробувала 5000 луѓе годишно. Подоцна влегол во историјата како филантроп поради неговите донации за училишта и болници.
Активисти го обвинуваат иницијаторот на извидничкото движење Роберт Баден-Пауел за расизам, хомофобија и восхитување со Адолф Хитлер. Неговата статуа се наоѓаше во Браунси, во јужна Англија. По уништувањето на првите споменици во текот на антирасистичките протести, локалната власт во знак на претпазливост самата ја отстрани статуата на Баден-Пауелс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Matthews
Леополд Втори и белгискиот колонијален режим
Во Белгија има многу статуи на кралот Леополд Втори. Монархот кој владеел со земјата од 1865 до 1909 година, во Конго создал брутален колонијален режим, кој важи за еден од најнасилните во историјата. Повеќе статуи на Леополд Втори беа испрскани со боја. Оваа, во предградието на Антверпен, Екерен, беше транспортирана во музејскиот магацин од страна на властите.
Фотографија: Reuters/ATV
Кристофер Колумбо – помеѓу почит и презир
И во САД се разгоре судир околу спомениците на контроверзни личности. Гневот на демонстрантите е насочен, меѓу другото, против Кристофер Колумбо. Оваа статуа на морепловецот во Бостон, остана без глава. Домородците во северна Америка го отфрлаат оддавањето чест на Колумбо, поради тоа што велат дека неговите експедиции овозможиле колонизација на континентот и геноцид на индигените народи.
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Контроверзно сеќавање: Статуа на Колумбо во Чиле
Колумбо за некои е една од најзначајните личности во светската историја, за многу луѓе во Латинска Америка, меѓутоа, неговото име се поврзува со почеток на ера на страдања. Од аспект на индигените народи, шпанскиот колонијализам е темно поглавје во нивната историја. И во Латинска Америка во минатото се уништувани и оштетувани статуи на Колумбо.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Boensch
Џеферсон Дејвис во визир на демонстрантите
Џеферсон Дејвис бил претседател на Конфедеративните држави на Америка и еден од водечките политичари во Граѓанската војна. Статуата на Дејвис сега е испрскана со боја и откорната. Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом во САД, пледира за отстранување на статуите на претставниците на Конфедеративните држави. Овие луѓе застапувале „свирепост и варварство“, изјави демократката Пелоси.
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla
Роберт Ли ја подели Америка
И оваа статуа на Роберт Ли, генерал на конфедеративната армија во американската граѓанска војна, би требало да биде отстранета. Во Ричмонд, во американската сојузна држава Вирџинија, споменикот ќе биде отстранет по налог на гувернерот Ралф Нортам. Многу Афроамериканци во статуите на политичарите и војниците од Конфедеративните држави на Америка гледаат симболи на угнетување и ропство.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Helber
7 фотографии1 | 7
Врачувањето на наградите наесен
14 од 21 категорија од Пулицеровите награди се резервирани за новинарска работа- од истражувачки стории до фотографии и карикатури. Но, се доделуваат и награди за литература, како и за музика и театар.
Објавувувањето на добитникот на Пулицеровата награда требаше да биде одржано во април, но беше одложено поради пандемијата со коронавирусот. Доделувањето на наградите, кое обично се одржува по објавувањето, е одложено за наесен. Пулицеровата награда е најпрестижна награда во американското новинарство, а се доделува од 1917 година, кога новинскиот издавач Џозеф Пулицер ја востановил во својот тестамент.