Пустец - универзитетски град
16 јануари 2009За нас се отвора новата надеж, наречена: Пустец-универзитетски центар. Не криејќи ја големата радост и задоволство, вели градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко најавувајќи дека пролеттва ќе бидат поставени темелите на американскиот универзитет „Макариши централен универзитет“. Ќе може да се школуваат две илјади и петстотини студенти на 14 факултети од областа на медицината, правото, економијата, уметноста, земјоделството, администрацијата и културата. Ќе се гради на едно од најубавите места, Глобочани. Ќе се протега на 100 хектари земја, на три локации, 36 објекти. Целата инвестиција ќе изнесува 40 милиони евра. Универзитетот е основан во градот Феирфилд во државата Ајова, во 1971 година од сопственикот Макариши Махеш Јоги, Индиец по потекло, додава Темелко. Покрај универзитетските центри во САД, тој се шири и на европскиот континент. Веќе има изградено универзитет во Швајцарија а овој во Пустец ќе биде прв во Југоисточна Европа. Зошто токму во Пустец, кое се смета за едено од најнеразвиените подрачја во Европа: тие сакаат чиста еколошка средина, а Мала Преспа е чиста природа.
Пред Пустец се отвораат нови можности
Мала Преспа, подрачје со околу шест илјади жители, Македонци по род, очекува економски препород: ќе има доста нови вработувања и голем прилив на туристи.
До сега Македонците се школувале на универзитетот во Корча, во Тирана, а над сто се на универзитетите во Битола и во Скопје. Се очекува тука да се школуваат и студенти од други градови во Албанија, но и од Македонија и други земји во регионот.
Општината превзема и други активности за подобрување пред се‘ на патната инфраструктура. Во тек е изградбата на патниот правец Стење - Пустец, во должина од 13 километри и широчина 6,5 метри, инвестиција од пет милиони долари. Овој зафат, како и веќе изградената нова водоводна мрежа, колекторот за заштита на Преспанското езеро, и најавата за изградба на туристички комплекс, се очекува некогашната слика за Мала Преспа, како неразвиено, сиромашно, да не речеме најбедно подрачје, да остане во минатото.