1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пустош и жртви по „Сенди“

АТ/ К.Саре/ дпа/ дадп/ афп31 октомври 2012

Ураганот „Сенди“ остави хаос и пустош на источниот брег на САД. Повеќе од 50 луѓе ги загубија животите. Милиони луѓе останаа без струја. Материјалните штети се проценуваат на десетици милијарди долари.

Фотографија: Reuters

Ќе биде потребно време додека се нормализира животот за стотици илјади Американци. Уште сега ураганот „Сенди“, кој со намалена јачина се движи во внатрешноста на САД се смета за едно од најразурнувачките невремиња во историјата на САД. Градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг изјави дека тоа можеби е најлошиот ураган што воопшто го погодил регионот.

Ураганот имено го парализираше животот во Њујорк, градот кој всушност никогаш не спие. Насекаде улици под вода, тунелот на подземните железници беше поплавен, поради што мораше да биде прекинат сообраќајот. 80 куќи во населбата Квинс изгореа, а голем број се поплавени. Вол стрит остана затворен два дена по ред.

Во меѓувреме расте бројот на жртвите од невремето: Досега во САД животот го загубија повеќе од 50 луѓе, но многумина се’уште се водат за исчезнати. Поголемиот дел од жртвите загинаа, поради тоа што ги погодиле дрвја или паднати гранки или дошле во допир со паднати струјни кабли. Само во милионската метропола Њујорк, според градоначалникот Блумберг загинаа 18 лица. Спасувачките акции се’ уште се во тек.

Фотографија: AP

8,2 милиони граѓани во вкупно 18 сојузни држави останаа без струја, соопшти американскотот министерство за енергија. Најмногу погодени беа жителите на сојузната држава Њу Џерси, каде 2,5 милиони домаќинства беа отсечени од снабдувањето. Во Њујорк без струја останаа два милиони луѓе, од нив 750.000 во градот Њујорк. Ваквата состојба би можела да потрае. Според проценките на една компанија за снабдување со електрична енергија, би можело да трае дури и една недела додека сите домаќинства бидат повторно вклучени на електричната мрежа.

Во сојузните држави Њу Џерси и Њујорк мораа да бидат исклучени повеќе атомски централи. Најстариот реактор во земјата, превентивно беше исклучен уште пред ураганот „Сенди“ да стигне на американско копно.

Претседателот како менаџер на криза

Американскиот претседател Барак Обама апелираше, граѓаните да бидат внимателни: „ Бурата се’ уште не помина“, рече Обама при посетата на Црвениот крст во Вашингтон. Невремето целосно го помеша календарот со термини на претседателот. Во пресрет на претседателските избори на 6. ноември Обама мораше да откаже важни термини и манифестации, исто така и неговиот предизвикувач Мит Ромни.

Фотографија: Reuters

Но претседателот брзо ја презема улогата на менаџер на кризата: „Можете лично да ми се јавите во Белата куќа“, ги увери гувернерите на сојузните држави најсилно погодени од невремето и со тоа доби неочекувана пофалба од противничкиот табор: Гувернерот на Њу Џерси, од редовите на Републиканците Крис Кристи изрично му оддаде признание на американскиот претседател за неговиот кризен менаџмент. Претходно Обама прогласи состојба на катастрофа во делови од сојузните држави Њујорк и Њу Џерси, со што овозможи дополнители средства за помош. Според некои проценките вкупните штети од ураганот би можеле да изнесуваат меѓу 30 до 50 милијарди долари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми