1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путиновите воени закани кон Украина

18 февруари 2022

Украинската криза ни случајно не дојде ненадејно. Но, однесувањето на Путин не се објаснува само со старата руска траума, смета Јерг Химелрајх.

Videostill | Putin's troop maneuvers at the Ukrainian border
Фотографија: DW

Годинешната Минхенска конференција за безбедност целосно е во знакот на неизречената закана на Путин со воен напад врз Украина. На целиот западен свет и натаму му застанува здивот.  Стационирањето на 150.000 војници  на северната, западната и јужната граница на Украина, како и преместувањето на делови од поморската флота од источно Средоземје во Црно Море зборуваат сами за себе, иако самиот Путин тоа го објаснува како чисто техничка операција. Сите руски информации за наводно повлекување на трупи досега се без верификација. Затоа, тие не треба да водат кон во Германија радо практикуваните еуфории на опуштање кон Путин. Путин во секој момент  може да изврши инвазија.

Тоа што Путин воопшто ја доведе оваа ескалација до ваква кулминација, е исто така последица на  германската политика  кон Русија по крајот на Студената војна, а која носи печат на наивни погрешни проценки. Уште на 5 февруари 1997 гоина Џорџ Ф. Кенан,  Нестор на американската политика кон Русија, по повод одлуката за прием на Полска, Чешка и Унгарија во НАТО, предупреди дека ова проширување кон Исток на Алијансата само ќе ги осоколи националистичките, антизападни, антидемократски и воени тенденции во руската политика.

Целосно непрепознавање на руските потреби

Да се излезе во пресрет на желбата на огромното мнозиство на овие народи во источна и централна Европа за заштита преку НАТО по децениите советско угнетување, секако беше правилно. Нивното право на суверенитет и на слободен избор на сојузи, исто како и од Советскиот Сојуз и Русија потпишаните Хелсиншки акти на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа од 1975 и Чартата од Париз гарантираат, не можат да бидат жртвувани на олтарот на огромната болка на една светска сила која го доживеала својот залез.

Но, длабоката руска потреба за омекнување на ова проширување на НАТО кон Исток, наиде на комплетно непрепознавање, не само во Германија.

Дури и покрај тоа што Путин на Минхенската безбедносна конференција, пред точно 15 години, на целосно изненадената западна јавност недвосмислено ѝ предочи дека проширувањето на НАТО кон Исток ја принудува Русија да го дополнува својот ракетен арсенал со оружја „кои ќе  го пробијат американскиот систем“.

Кога се случи руската инвазија во Грузија во август 2008 година, германската руска политика, во сенка на тогашниот француски претседател Никола Саркози, чувствуваше олеснување што Путин не го окупира веднаш и Тбилиси. Дури, во Министерството за надворешни работи под тогашниот шеф на дипломатијата и сегашен претседател на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер постоеше и сфаќање дека тогашниот грузиски претседател Михаел Сакашвили по своја вина ја испровоцирал оваа руска инвазија. Во тоа време Штајнмајер сонуваше за „модернизирачко партнерство“ со Русија.

Руски трупи кај Украина

Погрешна проценка на личноста Путин

Германската романтизирачка руска политика  исто така беше изненадена и од анексијата на Крим во 2014 година. Дебаклот на разбирањето за руските политички особености, колку да се тие спротивни на правото, се темели на фаталната погрешна проценка на политиката на Путин и неговата тенденција неа да ја спроведува со сета сила. Тој е спремен со сите средства, вклучувајќи и воени, европскиот мировен поредок по крајот на Студената војна, со чист презир кон целата архитектура на меѓународни договори кои го гарантираат, да го врати и да го потчини на некогашните светски територијални сфери на влијание.

Во овие средства на моќ патем спаѓа и агресивната енергетско- безбедносна политика, со која политички се инструментализира зависноста од  рускиот експорт на гас.  И тоа германските сојузни влади свесно го игнорираа, со тоа што сите договори за испорака со државниот Газпром ги третираа само како „приватен бизнис“.

Украинската демократија во опасност

Ако се погледне сегашната воена агресија на Путин кон Украина, на крајот не станува збор само за имагинарна воена закана, ниту само за задоволување на постхегемонијалните руски соништа за светска сила. За Путин, а првенствено за него лично и помалку за руското население, е важно да пропадне демократскиот владин модел во Украина, колку да е тој уште несовршен.

Функционирачка стабилна демократија во историски и културно тесно поврзаната Украина се заканува да ја уништи легитимноста на темелот на власта на Путиновата клептократска диктатура. Тоа тој не може да го прифати.

Речиси смешните сценарија за загрозеност од Украина или од НАТО произлегуваат од старите руски фобии на опколеност, на чувството за постојана непосредна воена закана од силите на Западот. Само тие оправдуваат еден автократски систем на владеење, потреба од заштита од оваа закана преку силно раководство, кое исклучува секаква опозиција.

Гостински коментар на д-р Јерг ХимелрајхФотографија: privat

Воена одбрана и економски санкции

Владимир Путин формално може да остане на власт до 2036 година. Толку долго нема да попушти неговата агресивна политика на воен притисок. На тоа западната, а пред сѐ германската страна може да се спротистави само со недвосмислена воена одбрана и со економски санкции. Овде способноста за учење кај германската политика има уште голем потенцијал нагоре. Дипломатски отстапки во суштината на западните темелни вредности, како идејата за „Финландизација" на Украина се сосем погрешни.

Надворешна политика  која се раководи од вредности, не смее да дозволи на Украина да ѝ се укине правото на самоопределување, дотолку што ваква отстапка за Путин би била само меѓустаница до целосно политичко искористување на земјата. Затоа, од  германската влада  треба јасно да биде кажано дека Украина во основа го има правото да стане членка на НАТО, без оглед што тоа во моментов не стои на дебата.

Секако, треба да се прават напори и да се користат сите канали на дипломатско олабавување. Целата област на договорна контрола на вооружувањето (ниеден од централните договори не е веќе во сила, за сите мора наново да се преговара) се нуди за градење мерки на доверба во меѓусебен интерес и за разградување на заканите. На таков начин, со договори можат да бидат ублажени фобиите на Путин од закани. А тој може да покаже колку му е вистински важна европската и руската безбедност.

Д-р по правни науки Јерг Химелрајх е професор на француската Бизнис школа (ЕСЦП), во одделот во Берлин. Уште во 2007 година тој во часописот „Меѓународна политика“ на Германското друштво за надворешна политика предупреди првпат на постапките на Владимир Путин.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми