Путин се вакцинираше, но Русите ja избегнуваат Спутник V
Емили Шервин
24 март 2021
Додека Европа се бори со недостиг на вакцини, руската вакцина Спутник V е широко достапна. Но, кампањата за вакцинација на земјата има проблем со довербата, кој можеби дури ни рускиот претседател не може да го реши.
Реклама
Владимир Путин стана прочуен поради тоа што го покажуваше своето голо торзо на фотографии. Но, кога станува збор за вакцинацијата против коронавирус, се чини дека Русите нема да го видат ни како ги засукал ракавите.
Рускиот претседател се вакцинираше вчера против Ковид-19, без присуство на камери, и се чувствува добро, изјави неговиот портпарол Димитриј Песков. Тој рече дека Путин денеска ќе продолжи со планираните обврски.
Песков претходно соопшти дека рускиот претседател ќе ја прими првата доза од вакцината, но не пред камери, бидејќи „никогаш не сакал такво нешто и не му се допаѓа тоа“. Песков не сакаше да открие која од трите вакцини одобрени за употреба во Русија ја примил Путин, велејќи само оти сите три се „апсолутно добри, безбедни и ефикасни“.
Во Русија се раширија шпекулации за тоа зошто претседателот не беше меѓу првите кои ја примија вакцината против коронавирусот Спутник V, откако Русија ја започна својата кампања за вакцинација на почетокот на декември. Првично, Путин рече дека нема да се вакцинира поради неговата возраст, а потоа затоа што е спротивно со неговиот распоред за вакцинирање.
Вакцина-туризам во Русија
Спутник V беше именувана според првиот сателит во светот со алузија на вселенската трка за време на Студената војна. Вакцината беше избрзано одобрена минатата година и покрај извештаите дека третата фаза на испитувања не е завршена. Путин ја нарече руската вакцина „најдобра во светот“ и оваа недела се пофали дека веќе 55 земји ја одобриле вакцината. ЕУ во моментов ја разгледува апликацијата на Спутник V, пред можното одобрување. Во февруари, истражувањето објавено во реномираното научно списание „Лансет“ покажа дека вакцината е ефикасна 91,6%. Освен Спутник, веќе е достапна уште една руска вакцина, а друга е пред воведување.
ДВ разговараше со претставници на две европски туристички агенции, една со седиште во Норвешка и друга во Италија, кои ги потврдија плановите за организирање тури за вакцинација во Русија, што ќе им овозможи на патниците да добијат две дози Спутник V.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Пјетро ди Фебо, директорот на италијанската туристичка агенција Јурејжан Травел за ДВ изјави дека веќе постои огромна побарувачка за тури за вакцинација во Русија, иако неговата компанија сè уште не започнала да ги рекламира. Фебо вели дека во моментов има 250 лица на листа на чекање за патување за имунизација, и покрај тоа што рускиот министер за здравство оваа недела инсистираше на тоа дека вакцината во моментов е наменета само за руски граѓани, а не за странски туристи.
Тешка битка
Но, досега руската корона-вакцина е поуспешна во странство отколку дома. Путин, неделава изјави рече дека нешто повеќе од 6 милиони Руси примиле барем една доза од вакцината. Стапката на вакцинација во Русија (во моментов околу 6 дози на сто лица) е бавна дури и во споредба со земји како Германија, каде темпото на вакцинација се соочува со огромна критика во јавноста. Претставници на руските власти изјавија дека се надеваат оти до лето ќе вакцинираат 68 милиони Руси - или 60% од населението, со цел да се постигне колективен имунитет.
Но, властите може да се соочат со тешка битка. Анкета спроведена во февруари од страна на независната агенција за истражување на јавното мислење Левада Центар покажа дека 62% од Русите не сакаат да се вакцинираат со Спутник V. И бројот на луѓе кои одбиваат да примат вакцина постојано се зголемува во последните неколку месеци.
Социологот Денис Волков смета дека бавното темпо на кампањата за вакцинација во Русија се должи главно на скептицизмот. „Постои многу неверување дека [коронавирусот] е сериозна болест. И тоа влијае на бројот на луѓе кои се подготвени да се вакцинираат", изјави за ДВ заменик директорот на Левада Центарот. Неговата анкета исто така покажува дека 56 проценти од Русите велат дека не се плашат од Ковид-19, додека речиси две третини од Русите веруваат дека „вирусот е создаден вештачки и е нов вид на биолошко оружје“.
Опасно бестрашни
На мал пазар во центарот на Москва, како продавачите, така и купувачите ја потврдуваат статистиката. Луѓето за ДВ велат дека не планираат да вакцинираат. „Не би го направил тоа, за ништо на светот. Ова не е вакцинација, тоа е експеримент со генетски инженеринг", инсистира еден човек, кој купува калинки на тезга со овошје на пазарот.
Продавачка на алкохол на соседната тезга објаснува дека мисли оти нејзината вакцина против грип ќе биде доволна за да ја заштити од Ковид-19. „Родена сум во Советскиот Сојуз. Не се плашам од ништо во овој живот“, вели таа, додавајќи: „Путин нека прими вакцина - јас не примам. Само затоа што тој го направи тоа, за мене не менува ништо“.
Коронавирус во Русија: на кои бројки да се верува?
03:10
Но, другите навистина го следат неговиот пример. Експертите велат дека одбивањето на Путин да се вакцинира досега, влијаело на темпото на вакцинација во Русија. „Две третини од луѓето ги одобруваат неговите постапки. За тие две третини од Русите, значајно е дали претседателот е вакциниран или не", вели Волков од Центарот Левада. Тој смета дека властите треба да ги охрабруваат политичарите и поп-ѕвездите да примат вакцина „Секој кому луѓето му веруваат, треба да се вакцинира - пред камера“, додава тој.
„Еден од нас"
Константин Калачев, независен политички аналитичар, вели дека одбивањето на Владимир Путин да се вакцинира пред камерите „ќе предизвика сомнежи - особено затоа што е познато дека е горд на своето тело, на сопствениот мачо имиџ и на мажественоста“.
Тој има своја теорија за тоа зошто Путин чекаше толку долго за да прими вакцина. „Мислам дека Путин и самиот е скептик кога станува збор за вакцинациите. Тој е еден од нас, тој е како одраз во огледало. Ако повеќето Руси не сакаат да се вакцинираат и се плашат од несакани ефекти - добро, Путин не можеше да стане Путин ако не беше токму како и мнозинството Руси “.
Пандемија: Животот свртен на глава
Пред нешто повеќе од една година мистериозен нов коронавирус започна да се шири низ светот. Денес, бројот на заразени во пандемијата е над 100 милиони, а секојдневието на луѓето ширум планетата е драматично променето.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Колективно физичко дистанцирање
Сингапур има многу ниски стапки на инфекции со коронавирусот од октомври досега. Набљудувачите ја фалат оваа град-држава во југоисточна Азија за одржување на вирусот под контрола со внимателно следење на нејзините граѓани, делумно со апликацијата за задолжително следење. Падот на инфекциите значи дека локалното население може да посетува кино на отворено - под услов да се одржува физичка дистанца.
Фотографија: Edgar Su/REUTERS
Во Јужна Африка се шири страв
Јужна Африка е најтешко погодената африканска земја од пандемијата на коронавирусот. Овој пациент во болница во близина на Кејп Таун е еден од 1,4 милиони граѓани кои се заразени со Ковид-19. Новата варијанта на коронавирусот, позната како B.1.351 или 501Y.V2, само го зголеми стравот. Исто како и новата варијанта на британскиот вирус, се смета дека оваа јужноафриканска мутација е многу позаразна.
Фотографија: Rodger Bosch/AFP/Getty Images
„Социјално дистанцирање на сонце“
Со зголемените летни температури, многу Австралијци се во можност да уживаат во освежително пливање во океанот. Поставени се знаци за да ги потсетат посетителите на плажите да држат дистанца додека уживаат во сонцето, во обид да се спречи нов пораст на инфекции. Австралија забележа значително намалување на бројот нови случаи од септември наваму.
Фотографија: Bai Xuefei/Xinhua/imago images
Болка поради оние кои починаа
Келвија Андреа Гонкалвес (16) плаче на гробот на нејзината мајка во бразилскиот град Манаус - Андреа дос Реис Брасао почина на само 39-годишна возраст. Таа е една од безбројните жртви од Ковид-19 во градот кој остана без неопходниот кислород. Многу луѓе го обвинуваат екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро за мрачната состојба во земјата. Во Бразил од вирусот починаа над 221.000 лица.
Фотографија: Bruno Kelly/REUTERS
Што е сигурно е сигурно?
Во Хонг Конг, властите оградија цели населби без предупредување како одговор на ненадејниот пораст на инфекциите. Градот, посебен административен регион на Кина, наметна слични драконски мерки за спречување на епидемијата на вирусот како оние кои беа во сила во Кина. До неодамна, стапките на инфекции тука беа многу ниски.
Фотографија: Tyrone Siu/REUTERS
Танцување во сопствен меур
Американскиот рок-бенд The Flaming Lips смисли начин како да организира концерти со физичка дистанца: на неодамнешниот концерт во Оклахома Сити, бендот ја замоли публиката да влезе во пластични меури кои се надувуваат. На овој начин, тие можеа да се танцуваат додека безбедно се изолирани во сопствени меури. Публиката дури можеше да го држи на раце и фронтменот Вејн Којн кој се стркала од сцената.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Цркви претворени во центри за вакцинација
Многу цркви во моментов се затворени поради пандемијата, па местата за богослужба се претвораат во центри за итна вакцинација- како тука во катедралата Лихфилд, во близината на Бирмингем, Англија. За разлика од земјите во ЕУ кои во моментов се соочуваат со недостиг на вакцини против Ковид-19, Велика Британија редовно се снабдува со дози.
Фотографија: Carl Recine/REUTERS
Светло на крајот од тунелот
Ејми Езат подготвува торта во форма на вакцина која треба да се дистрибуира меѓу пациентите со Ковид-19 кои се лекуваат во болницата во Каиро. Египет се бори да ја активира својата кампања за имунизација низ целата земја. Сепак, на многумина можноста да се вакцинираат против коронавирусот им дава огромно чувство на надеж.