Руската делегација беше, може да се каже, првата лига на руската администрација. Со оглед на тоа што ова беше четврта посета на Путин на Србија, се наметнува прашањето: со што малата Србија заслужи толкаво внимание?
Реклама
Посетата на рускиот претседател Владимир Путин во прв ред потсетуваше на неработен ден или, на пример, на ден за пешаци без автомобили. Со оглед дека повеќето државни фирми беа принудени организирано да ги испраќаат вработените на разни пунктови во градот за да претставуваат спонтано собрани граѓани, атмосферата во секој случај беше неработна и карневалска.
Со оглед дека поради високите мерки на безбедност, сообраќајот во текот на денот беше во прекин, непрегледни колони пешаци ги преплавија белградските улици обидувајќи се некако да стигнат до своите куќи. Во текот на целиот ден во Белград можеа да се видат групи луѓе кои, опремени со руски и српски знамиња, дојдоа во главниот град од внатрешноста. Секако дека имаше и такви кои самоиницијативно сакаа во текот на вечерта да го видат Путин во живо пред храмот Свети Сава, но забележливо беше дека на многумина тоа им беше работна обврска.
Околу 120 илјади луѓе, колку што според официјалните податоци дошле на платото пред Свети Сава, на крајот на посетата од Путин добија реченица на српски: Ви благодарам на пријателството. Слободен ден, сендвич, сок и 1.500 динари, екскурзија во Белград, орден за Вучиќ и благодарноста на Путин - секој на свој начин ќе ја запамети посетата на рускиот претседател.
Заемна корист
Руската делегација беше, може да се каже, првата лига на руската администрација. Со оглед на тоа што ова беше четврта посета на Владимир Путин на Србија, се наметнува прашањето: со што малата Србија заслужи толкаво внимание? Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ смета дека за оваа посета Вучиќ и Путин имале заемен интерес: „Интересот на Путин е да биде сигурен дека каков било договор кој ќе го потпишат Србија и Косово, а кој би го пишувале Вашингтон и Брисел, ќе ја сочува Србија под руско влијание. Србија и Република Српска во моментов се главната потпора на руските интереси на Западниот Балкан. Вучиќ од друга страна сака да слушне како Путин реагира на можниот договор меѓу Белград и Приштина. Притоа им испрати порака, пред сѐ на оние кои се против договорот, дека го има Путин на своја страна“, вели Јакшиќ.
Соговорниците на ДВ забележуваат дека Путин и нема многу адреси во Европа на кои може да отпатува. Во таа смисла и Владан Марјановиќ, новинар на неделникот НИН, забележува дека „на Путин не може да му штети, во една европска земја која е и кандидат за членство во ЕУ, да биде дочекан посрдечно одошто деновиве би бил дочекан во некоја руска губернија на крајот на светот. Посебно по неодамнешното подигање на старосната граница за одење во пензија во Русија, што веднаш негативно се одрази и врз популарноста на Путин“.
Марјановиќ додава дека по поразот на руската политика во Црна Гора и Македонија, на Путин добро му доаѓа да демонстрира дека сѐ уште држи некои позиции во овој дел од Европа. „Дополнителен бенефит е нелагодноста која оваа посета ќе ја предизвика во рамките на ЕУ“, вели Марјановиќ.
Русија не го дава Косово?!
Судејќи според изјавите на Вучиќ и Путин, проблемот на Косово било една од главните теми на посетата. Путин го повтори познатиот став дека решението треба да се бара низ „заемно прифатливо решение и почитување на Резолуцијата 1244 на ОН“, додека Вучиќ нагласи дека „без Русија нема да има никакво решение на косовското прашање“. Аналитичарите сметаат дека во ставот на Москва се крие и нешто друго.
„Мислам дека Русија се крие зад стандардните изјави дека ќе го прифати она што ќе го договорат Белград и Приштина. Се чини дека Русија за таквиот потег би очекувала гаранции од Србија дека нема да отплови по патот на Македонија и Црна Гора. А од друга страна, сигурно би очекувала и некакви отстапки од Вашингтон и Брисел. Русија може да каже - нема да ставиме вето на договорот меѓу Белград и Приштина, но тоа има своја цена“, вели Бошко Јакшиќ.
Пишувањето на руските медиуми на некој начин ги потврдува таквите гледишта. Според нивните оценки, прифаќањето на поделбата или разграничувањето на Косово и Србија би отворило простор за признавање на Косово. Тоа дефинитивно би го зацврстило Косово како протекторат на НАТО, а во Москва се стравува дека Вучиќ потоа би можел да ја одведе земјата кон НАТО. На таков развој на настаните предупредува и српската опозиција која смета дека, по признавањето на Косово, заради зачувување на власта Вучиќ би се свртел кон нов проект - членство во НАТО.
Според Јакшиќ, тоа е многу веројатно сценарио. „Русија значително го прошири своето влијание на Балканот поради косовското прашање. Било какво конечно решение би значело затворање на тој драгоцен канал на руско влијание. А тоа никако не е во руски интерес“.
Политичари кои станале пријатели
Можат ли светските врвни политичари да бидат пријатели? Одговорот гласи: и да и не. На Денот на пријателството ви ги прикажуваме политичките пријателства и оние кои само наликуваат на тоа.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Забава над облаците
Германскиот канцелар Хелмут Кол и американскиот претседател Бил Клинтон во 1998 година се шегуваат во американскиот претседателски авион Air Force One кој лета кон Франкфурт. Дали ќе имаше толкава срдечност доколку лево седеше актуелниот американски претседател Трамп, а десно актуелната германска канцеларка Меркел? Веројатно не. Хелмут Кол и Бил Клинтон важеа за вистински пријатели.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Збогување од еден пријател
Вистинското пријателство често се препознава дури во клучни моменти. Дека Клинтон и Кол беа поврзани со вакви пријателство можеше да се види на комеморацијата по смртта на поранешниот германски канцелар, во 2017 година. Бил Клинтон не само што присуствуваше, туку изгледаше вистински трогнат - повеќе од актуелната канцеларка Меркел, која го теши.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Murat
Фатени за рака
Целата галерија би можела да се состои од фотографии на Кол и неговите пријатели, зашто поранешниот канцелар имаше близок однос со голем број светски државници. Делот за Кол го завршуваме со можеби најпознатата фотографија која сведочи за едно машко пријателство: Кол и францускиот претседател Франсоа Митеран во 1984. во Вердан фатени за рака им оддаваат почест на загинатите во двете светски војни.
Фотографија: ullstein bild/Sven Simon
Сличен вкус за облекување
И наследникот на Кол, Герхард Шредер, негуваше и негува пријателства со моќниците во светот. Но, Шредер повеќе тендира кон Исток. Него го врзува блиско пријателство со рускиот претседател Владимир Путин и до некаде сличен вкус за облекување. На фотографијата двајцата во 2014 година срдечно разговараат во летната резиденција на Путин на Црното Море.
На средбата се разговараше за европска политика, како приближувањето на Русија кон ЕУ. Она што го прикажува фотографијата е навистина близок однос на двајцата државници при прошетката крај брегот. Двајца луѓе, куче, плажа, залез на сонце - слики кои вообичаено се доказ за некој семеен одмор. Во 2004 година Шредер го нарече Путин „чист демократ“, за што е критикуван до денес.
Фотографија: Jürgen Gebhardt/BPA/dpa/picture-alliance
Не бакневче, туку вистински бакнеж
Иако можеби изгледа како нешто повеќе, и во овој случај станува збор за пријателство. На одбележувањето на 30-годишнината од постоењето на ГДР, на 5 октомври 1979 година, првиот човек на ГДР и генерален секретар на Централниот комитет на СЕД, Ерих Хонекер и советскиот претседател и шеф на КПР, Леонид Брежњев, фотографите го забележаа т.н. братски бакнеж на двајцата државници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Spiegl/S.Simon
Пријателство меѓу нации
Дваесет години претходно почна едно неочекувано пријателство. Првиот германски канцелар Конрад Аденауер (д.) и францускиот претседател Шарл де Гол првпат се сретнаа во 1958 година. Двајцата брзо изградија срдечно пријателство, што беше изненадување. На фотографијата двајцата државници се во Бон, во 1962 година, а во позадина се луѓе кои демонстрираат за обединета Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хорст Зехофер и...?
Кого го има прегрнато во 2016 година тогашниот баварски премиер Хорст Зехофер? Тоа е унгарскиот премиер Виктор Орбан. Двајцата се толку цврсто прегрнати, што меѓу нив „не може да се стави ниту лист хартија“. Веројатно затоа Зехофер листовите ги држи в рака. Дистанцата кон Ангела Меркел е поголема - кај двајцата. Но, дали Зехофер и Орбан се вистински пријатели? Веројатно не.
Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се разбираат прилично добро. Придонес за тоа има Трамповиот зет Џеред Кушнер, врз кого Трамп радо се потпира кога станува збор за политиката на Блискиот Исток. Според Њујорк тајмс, таткото на Кушнер и Нетанјаху се пријатели. Кога Нетанјаху доаѓал во посета, спиел во собата на Кушнер, а тој морал да се сели во подрумот
Фотографија: Reuters/R. Zvulun
Од максимална ескалација до светски мир
„Малиот ракетен човек“ и „сенилниот со побелена коса“ наголемо се фалеа меѓусебно по средбата на 12 јуни годинава. Ким Јонг Ун и Доналд Трамп претходно беа во вербална војна, а по меѓусебната средба делуваа вчудовидувачки хармонично. Она што ги поврзува е - непредвидливоста. Оттука, некакво пдооцнежно пријателство меѓу двајцата не би требало барем да се смета за незамисливо.