1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин го принудува Западот на избор меѓу чума и колера

Инго Мантојфел Превод:СН29 септември 2015

За првпат по десет години, претседателот на Русија Путин повторно зборуваше во ОН. Неговиот став во сирискиот конфликт го доведува Западот под притисок, смета Инго Мантојфел.

Фотографија: Reuters/C. Allegri

Кој мислеше дека рускиот претседател Владимир Путин во неговиот говор пред Генералното собрание на ОН во Њујорк ќе најави компромисен руски предлог во сирискиот конфликт и барем реторички ќе се дистанцира од сирискиот властодржец Башар ал Асад,сега мора да е разочаран. Рускиот претседател во неговиот говор јасно укажа дека коалиција во ОН, поддржана од Москва против терористичката милиција Исламска држава ќе има само со режимот на Асад.

Само со Асад

И не, Путин нема да го остави Асад да падне- ни сега а веројатно ниту во иднина. Чисто од принцип. Зашто Путин, како што вели, е против секакво надворешно мешање во внатрешните работи на една држава. Зад ова се крие не само загриженост за рускиот партнер на Блискиот Исток, Асад, туку со тоа Путин недвосмислено се брани себеси од секаква критика од Западот против неговиот спорен владејачки систем во Русија.

Чисто протоколарно: Со острата осуда на надворешното мешање, Путин се разбира притоа не мисли на меѓународно-правно нелегитимната анексија на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија како и на сепаратистите во источна Украина поддржани од Москва.

Со неговиот став, рускиот претседател го принудува Западот на избор меѓу чума и колера во сириската криза: или САД и Европа од една страна ќе го прифатат Асад како фактички партнер во борбата против терористичката ИД. Со тоа нема само да се стабилизира режимот на сирискиот властодржец, туку и руската улога како глобален играч во светската политика ќе добие значителен залет. Западната изолација на Русија како санкција за руското мешање во соседната земја Украина тогаш би била пробиена.

Инго Мантојфел, раководител на Европската Редакција на Дојче Веле

Или и натаму ќе биде како досега

Ако нема согласност со Путин, моменталната ситуација во Сирија непречено би продолжила: Убиствената војна на Блискиот Исток и натаму ќе протерува милиони луѓе- веројатно пред сѐ во насока на средна Европа. А за третата опција- високоризичен ангажман на масивни западни воени сили со копнени трупи во Сирија без мандат на ОН- досега барем гласно не размислува ниту една од западните престолнини.

Сите овие опции воопшто не претставуваат лесен избор за Западот, кој сѐ уште не сака сосем да ги прифати своите слабости и немоќ. Времињата на самостојни американски ангажмани на Блискиот Исток, во секој случај се минато- што впрочем јасно го укажа и претседателот Обама во неговиот говор пред Генералното Собрание на ОН.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми