1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин, Зеленски и германскиот Бундестаг

17 март 2022

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рано претпладнево ќе им се обрати на пратениците во Бундестагот преку видео порака. Вакви говори има одржано и во американскиот Конгрес и во ЕП.

Deutschland Bundestag in Berlin | Debatte Ukrainekrieg
Фотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање до германските пратеници најверојатно ќе побара натамошна поддршка - финансиска и со доставување оружје.

Германските пратеници вчера попладне на ситуацијата во Украина ѝ посветија еден час и покажаа единственост. Сите говорници оценија дека постапките на рускиот претседател Владимир Путин се „спротивни на меѓународното право“ и сите нагласија дека Германија стои цврсто на страната на Украина.

„Неверојатни човечки страдања, ужасни разурнувања“ - вакви формулации имаше во секој говор во парламентот.

Робин Вагнер, ЗелениФотографија: Revierfoto/IMAGO

„Ме боли срцето“, рече пратеникот на Зелените, Робин Вагнер, кој зборуваше за очајни пријатели и познаници во воената зона.

Во минатото, Германија помогнала во финансирањето на војната со увоз на гас и нафта од Русија, нагласи Вагнер: „Не е тајна дека ние Зелените долго време се бориме за сознанието дека енергетскиот пресврт и заштитата на климата се одговор и на безбедносно-политичките прашања. И затоа е крајно време секојдневно да стануваме понезависни од нафта, јаглен и гас“.

Германците не треба првенствено да се жалат на високите цени на бензинот, кога во исто време луѓе гинат во војна, вели Вагнер, кој својот говор го заврши со оценката дека рускиот претседател не се плаши од ништо повеќе како од демократија и слобода: „Но, Путин никогаш нема да може да го победи овој дух“.

ЦДУ сака повеќе испораки на оружје

Потоа, возбудениот пратеник на ЦДУ, Давид Вадефул, побара повторно да ѝ се даде воена помош на Украина. Вадефул вели дека се срами за други поради тоа што Германија не прави доволно.

По првичното двоумење, владата на СПД, Зелените и ФДП реши да испорача оружје, но Вадефул во насока на претставниците на владата луто порача: „Ако испораките на оружје што се случија не служат само за да си ја смирите совеста, тогаш мора да бидете подготвени за натамошни испораки на оружје“.

Давид Вадефул, ЦДУФотографија: imago images/Political-Moments

Кога политичарот на ЦДУ потоа побара „конечно“ да се разгледа запирање на гасоводот Северен тек 1 од Русија, проект што претходната влада предводена од ЦДУ секогаш го поддржуваше, тој беше прекинуван со извици и дофрлања од пратениците. Нервите поради војната се истенчени, тоа е видливо и во Бундестагот.

Бербок: „Само Путин може да стави крај на оваа војна“

Сојузната министерка за надворешни работи Аналена Бербок беше скептична во врска со успехот на тековните разговори меѓу Украина и Русија. Сепак, како што рече, „наспроти осамената војна на Путин стои здружената европска и меѓународна заедница“. Но, горчливо е што само Путин сега има моќ да стави крај на оваа војна, смета Бербок.

Ненси Фезер, сојузна министерка за внатрешни работиФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Опозицијата потоа упати жестоки обвинувања кон сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер поради нејзината политика кон бегалците. Министерката, како што се вели, предолго се двоумела во организацијата на распределбата на украинските бегалци меѓу сојузните покраини.

Фезер возврати: „Од почетокот на оваа ужасна војна, јас сум во многу близок контакт со покраините. Заедно со општините, правиме сѐ што можеме за на бегалците од војната кои доаѓаат кај нас да им помогнеме брзо и сеопфатно“.

- повеќе: Повеќето Германци го поддржуваат новиот курс на Владата и се плашат од голема војна

Расправија за видео пораката од Зеленски

Владата и опозицијата, и покрај нивниот заеднички бес поради војната, не се единствени и во врска со видео пораката на украинскиот претседател Зеленски во Бундестагот.

По неговото обраќање нема да има дебата. Поради тоа, лидерот на партијата и на пратеничката група на ЦДУ, Фридрих Мерц, револтирано побара од канцеларот Олаф Шолц да даде владина изјава за војната во Украина.

Според Мерц, невозможно е по пораката на украинскиот претседател Бундестагот едноставно да премине на вообичаена работа. „Сметаме дека тоа е сосема несоодветно“, рече Мерц.

Експертот за надворешна политика на ФДП, Александар Граф Ламбсдорф се осврна на изјавата на Путин дека сака да ја ослободи Украина од наводните нацисти. Ламбсдорф гласно викна: „Оваа Украина? Која толку добро ја претставува претседател од еврејско семејство? Претседател кој во Холокаустот загубил многу роднини?“

Сите говорници во германскиот парламент се согласуваат дека Зеленски заслужува поддршка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми