1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет етапи на руско-турските односи

10 октомври 2016

Денеска рускиот претседател Владимир Путин е во посета на Турција. До неодамна, таквото патување беше речиси незамисливо. Кои беа најважните фази во поновата историја на руско-турските односи?

China Recep Tayyip Erdogan und Wladimir Putin in Hangzhou
Фотографија: Reuters/Sputnik/Kremlin/A. Druzhinin

Од ноември минатата година до јуни годинава, меѓу Москва и Анкара владееше „студена“ војна. Но, не беше секогаш така: Турција и пост-советска Русија своите односи успешно ги градеа во текот на многу години. Еден поглед на изминатите 25 години.

1. Крајот на Советскиот сојуз и ситните трговци

Приближувањето на постсоветска Русија и Турција одеше брзо. Евтината облека од Турција го освои рускиот пазар благодарение на ситните трговци. Побарувачката за мода со западен изглед во Русија беше голема. Покрај тоа, турските фирми брзо најдоа место и во руската градежна индустрија. Треба да се спомене и договорот за испорака на гас преку гасоводот Син тек од 1997 година.

2. Златно доба на пријателство и соработка

На највисоко политичко ниво, односите се интензивираа подоцна - со доаѓањето на Путин во 2000 на власт во Русија и на Ердоган во Турција во 2003. Односите на двајцата лидери долг низ години беа блиски и пријателски. Во текот на овој период, обемот на трговската размена меѓу двете земји неколку пати растеше, вклучувајќи го и гасот. Во 2014 година двете земји станаа важни трговски партнери.

3. Крим како предизвик за Турскиот тек

Но 2014 година стана и година на предизвици. Турција опуштено реагираше на анексијата на Крим од страна на Русија, иако Турците се грижат за Татарите кои живеат на тој полуостров. Се чинеше дека предизвикот беше успешно надминат. Најдобриот доказ за тоа е изјавата од 1 декември 2014 година во која Москва и Анкара најавуваат изградба на Турскиот тек, нов гасовод од Русија преку Црното море до Турција. Намерата беше тој да го замени пропаднатиот Јужен тек.

4. Признавањето на геноцидот врз Ерменците и авионите Су-24

Но преговорите за изградба на Турскиот тек се оддолжија. Пораснаа тензиите, меѓу другото и поради судирот меѓу Ерменија и Азербејџан околу енклавата Нагорно Карабах. За Анкара беше голем удар и тоа што рускиот претседател го призна геноцидот над Ерменците. Ердоган потоа ја потсети Москва на Крим и на присилното раселување на цели народи во времето на Сталин.

Но, за Ердоган најнепријатно беше руското мешање во граѓанската војна во Сирија, каде Анкара веќе со години, неуспешно следи целосно различни цели во однос на Москва. Турција сака да го урне Асад, а Русија го поддржува. 
На 24 ноември 2015 се случи инцидент кој драматично ги влоши односите: турската војска собори борбен авион на Русија над Сирија. Одговорот на Москва беа сеопфатни санкции: забрана за увоз на турски земјоделски производи, визи за Турците, замрзнување на стопанските проекти, крај на заедничките културни иницијативи и заминување на руските студенти од Турција. Но, на обете страни најтешко им падна тоа што Кремљ на Русите им забрани туристички патувања во Турција.

Фотографија: Reuters/D. Sagolj

5. Извинување и приближување

Во јуни годинава Ердоган напиша писмо со кое се извини за соборувањето на рускиот авион. Турскиот претседател истакна дека Русија останува „пријател“ и „стратешки партнер“. Тој сака повторно подобрување на билатералните односи. Путин потоа ја укина забраната за туристички аранжмани за Турција. Останатите санкции треба да се елиминираат постепено.
Но, состанокот меѓу Ердоган и Путин во август годинава во Санкт Петербург, покажа дека обете страни се подготвени за приближување, но и дека не сакаат компромиси во врска со надворешнополитичките ставови: темата Сирија едноставно е исклучена од разговорите. Договорено е продолжување на преговорите за изградбата на Турски тек и нуклеарна централа од руски тип во Акују, како и создавање на слободна трговска зона. Сепак, соработката меѓу Турција и Русија уште не е на некогашното ниво. 

 

Михаил Бушујев/бг

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми