Путин и натаму ја има поддршката од мнозинството
25 декември 2011„Како политичар и кандидат за претседател Путин и натаму ужива поддршка од мнозинството во земјата“, изјави Песков за новинската агенција Франс Прес, во првиот официјален коментар по вчерашниот голем протестен собир во Москва против наводниот изборен фалсификат и владеењето на Путин.
Песков изјави дека вчера било слушнато мислењето на демонстрантите.
„Ние го почитуваме тоа. Луѓето кои излегоа на улиците се многу важен дел од општеството, но тие сепак се малцинство“, додаде портпаролот на Путин.
Претседателски кандидат без конкуренција
Учесниците на протестите под потото „За чесни избори“ вчера побараа одржување нови избори во земјата, оставка на претседателот на Централната изборна комисија Владимир Чуров и казнување на одговорните за кражбата на гласови.
Според проценките на полицијата, на вчерашниот собир во Москва излегле околу 30 илјади луѓе, додека проценката на организаторите беше дека на него присуствувале околу 120 илјади.
Песков додаде дека е очигледно оти Путин е претседателски кандидат без каква било конкуренција. Претседателските избори во Русија треба да се одржат на 4 март наредната година.
Автор:СН/ЕМФ/афп/бета
Редактор: Е. М. Фиданоска