1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и Орбан, спасителите на христијанството

Борис Калноки
30 октомври 2019

Рускиот Владимир Путин повторно е во посета кај унгарскиот премиер Орбан. Главни теми на разговорите се струјата, гасот и парите. Паѓа во очи дека Путин многу почесто оди во Будимпешта отколку на пример, Ангела Меркел.

Ungarn Viktor Orban empfängt Wladimir Putin
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Koszticsak

Во Будимпешта се одржува конференција на епископи и свештеници од Блиски Исток, на која тема е прашањето: како да се заштитат христијаните во тој регион. Присутни се црковни великодостојници пред се` од Ирак и Сирија. И рускиот претседател Владимир Путин.

Путин и неговиот домаќин Виктор Орбан овојпат во јавноста се претставуваат како заштитници на христијанството онаму каде тоа настанало и каде е најзагрозено - на Блискиот Исток.  Тука тие двајцата се разликуваат од западните земји, кои добро внимаваат при реализацијата на хуманитарни проекти во тој регион да не прават разлика меѓу муслимани и христијани, зашто тоа би претставувало дискриминација.

Состанок на спасителите на христијанството

Путин и Орбан на тоа гледаат поинаку: западните земји го сметаат прогонот на христијаните за „форма на прифатена дискриминација“, изјави во пресрет на конференцијата унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто. Факт е: досега Унгарија дала 50 милиони евра за изградба и обнова на училишта, цркви и болници на христијанските заедници во тој регион. Освен тоа, Унгарија е единствена држава која има заменик-секретар задолжен за заштита на прогонетите христијани ширум светот. 

Тоа во секој случај е нешто ново кога станува збор за средбите на Путин и Орбан. Секојпат кога тие двајца се состануваат, било во Будимпешта, било во Москва, а тоа значи отприлика двапати годишно, медиумите, првенствено оние од Запад, полни се со оценки во контекст - средба на двајца автократи. Тие сега очигледно сакаат да испратат некој попозитивен сигнал: средба на двајца спасители на христијанството. Дали западните медиуми сега ќе бидат попозитивни во оценките?

Пари и атомски електрани

Тоа е кулисата. Но, кога станува збор за содржините на средбата, тогаш станува збор претежно за пари и снабдување со енергија, а не за христијанство. Две главни теми би требало да бидат прашањето за снабдување со гас и проширување на атомската електрана Пакс. Кога станува збор за неа, се зборува за бизнис во вредност од десетина милијарди евра. Унгарија реши за модернизација и проширување на постојната атомска централа да ангажира руски, а не западни фирми. Технички гледано, тоа има логика: токму Русите ја изградија нуклеарната електрана Пакс, па е разбирливо и да ја модернизираат, односно надградат. 

Унгарската нуклеарна електрана Пакс

Но, политички гледано, одлуката е осетлива и предизвика бројни дебати. Многумина во неа гледаат опасен потег со кој малата Унгарија се доведува во уште поголема зависност од големата Русија кога е во прашање снабдувањето со енергија. И својот гас Унгарија го добива исклучиво од Русија. Причината - едноставно, тој е поевтин. Па, зарем земјата би требало да купува поскап гас само затоа за да им се умилкува на западните земји и нивните концерни? 

Ако се погледне внимателно на деталите, ситуацијата станува покомплицирана. За финансирање на работата Русија и` одобри кредити на Унгарија, под услови кои на јавноста не и` се познати. Но, факт е дека по моментот на склучување на кредитниот договор, каматите на светскиот финансиски пазар беа доста паднати, а условите на руско-унгарскиот договор не се менувани. 

Освен тоа, реализацијата на проектот бележи доцнење. Делумно причина е отпорот на Европската унија. Но, прашање е и како сето ќе се реализира. На Унгарија веќе сега и` недостига квалификувана работна сила за изведување такви работи. Многу Унгарци одамна се отселија на Запад во потрага по поголеми плати.

Гас, Украина и моќ

И темата снабдување со гас во основа е политичка - посебно по избивањето судири меѓу Русија и Унгарија. Русија најави од почетокот на следната година да престане да им испорачува гас на трети земји преку гасоводите кои поминуваат низ украинска територија. Алтернативни рути се веќе постојниот гасовод Северен тек 1, кој е пуштен во погон во 2011 година, како и спорниот гасовод  Северен тек 2,  кој уште е во изградба. Тие два гасовода водат преку Балтичко Море и наменети се во голем дел за снабдување на Германија и земјите на ЕУ со руски гас.

Освен тоа, тука е и гасоводот Турски тек, со кој гасот преку Црно Море треба да стигнува до Турција. Предвидено е тој гасовод да почне со работа следната година. Еден крак од него треба да води и до Унгарија, со капацитет од шест милијарди кубни метри гас годишно. Во тој контекст сигурно не е случајност што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 7 ноември ќе ја посети Будимпешта.

Изградба на спорниот гасовод Северен тек 2Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Сето тоа значи дека Путин во иднина на Украина може едноставно да и` ја прекине доставата на гас, без да го загрози снабдувањето на Европа. Политички, тоа секако е многу проблематична ситуација, но во Германија тоа никој не може гласно да го критикува, со оглед што и тука рускиот гас стигнува заобиколувајќи ја Украина.

Реална политика на една мала земја

Покрај сите тие конкретни теми, секако се поставува прашање: поради што Орбан и Путин се посетуваат многу почесто отколку што унгарскиот премиер ги посетува на пример западните земји. Откако Орбан дојде на власт во 2010 година, германската канцеларка Ангела Меркел беше само двапати во Будимпешта.

Еден од одговорите секако е фактот дека  со своите западни партнери Орбан многу често се среќава во Брисел.  Но, дел од одговорот е и во реалната позиција на Унгарија: како мала земја стисната меѓу светските сили,  Унгарија научи дека најдобро е на секого нешто да му понуди и со сите да биде добра.  Така, Орбан ја поддржува американската политика во Ирак и Авганистан и испраќа таму војници. Германските автомобилски концерни добиваат многу поволни услови за работење во Унгарија. А на рускиот претседател Путин Орбан му ја нуди модернизацијата на атомската централа Пакс и сцена за настапи: во Будимпешта Путин може да покаже дека и во редовите на ЕУ има свои сојузници. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми