Путин не ја заслужува наградата Квадрига
13 јули 2011Веста за добитникот на годинешната награда „Квадрига“, што се доделува на луѓе кои се визионери, и имаат храброст и одговорност, ги зачуди руските борци за човекови права. Политикологот Лев Пономарјов за Дојче веле изјави дека Владимир Путин воопшто не се вклопува во низата досегашни добитници на престижната награда, како што се канцеларот на германското обединување Хелмут Кол, поранешниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, на Чешка, Вацлав Хавел и актуелниот српски претседател Борис Тадиќ. Лев Пономарјов иронично додава дека ќе беше подобро во образложението за наградата да се напише дека таа на Путин му се доделува за „напредувањето на Русија кон авторитарен режим и за укинување на демократските придобивки“. „Тоа е шлаканица за демократското движење во Русија и за целата европска демократија“, нагласува Пономарјов, кој е претседател на движењето „За човекови права“.
Економски интереси во игра
Претседателката на Транспаренси интернешенал за Русија, Елена Панфилова, смета дека одлуката на Одборот за доделување на наградата се води од економските интереси на Германија, конкретно од потребата по сигурни пратки на земен гас од Русија. На ваквото мнение му се приклучува и независниот политиколог Дмитриј Орешкин. „Очигледна е зависноста на Европа и посебно на Германија од рускиот земен гас, односно од Путин.“ Тој додава дека можеби зад одлуката стои уште една важна причина. Имено, на Русија и’ претстојат избори и на Путин сигурно му е добродојдено во очите на руската јавност да добие „европски ореол“. Досега него го красеше имиџ на анти-европеец, но сега, со оваа награда ,руските избирачи би можеле да стекнат впечаток дека тој сепак ужива и почит во Европа.
Одлуката нема да се смени
Руските борци за човекови права се надеваат дека до официјалното доделување на наградата на 3 октомври, денот на повторното обединување на Германија, ќе се крене уште поголем бран критики во германската јавност на ваквата одлука на Одборот на „Квадрига“. Во меѓувреме, Одборот, по дводневните советувања во Берлин, нагласи дека останува на донесената одлука, наспроти јавните критики. „Рускиот премиер ја добива наградата за неговата доверливост и стабилност во градењето на германско-руските односи“, се вели во соопштението по консултациите. „Нагласуваме дека прифаќањето на разликите во ставовите спаѓа во механизмите на политиката и тоа се однесува особено на меѓудржавните односи!“
Автор: Егор Виноградов/Горан Чутаноски
Редактор: Борис Георгиевски