1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин: Обама мора да го сопре крвопролевањето во Украина

АТ/ ртр/дпа/афп/ ард15 април 2014

Претседателите на Русија и на САД повторно телефонираа поради конфликтот во Украина. Шефот на Кремљ го отфрли обвинувањето за мешање во конфликтот и го повика Обама, да го искористи неговото влијание за деескалација.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот претседател Владимир Путин повторно го отфрли обвинувањето на Западот дека стои зад сепаратистичките немири на југозападот на Украина. Тоа биле „шпекулации“, кои се потпирале на непрецизни информации, појасни Путин во телефонскиот разговор со американскиот претседател Барак Обама.

Причина за протестите во Доњецк, Луганск, Харков, Славјанск и други градови биле „одбивноста и неспособноста“ на властите во Киев, да ги земат в предвид интересите на руското и населението кое говори руски, повтори Путин. Украинските власти најпрво би морале да размислат како би можеле сите политички региони на транспарентен начин да учествуваат во развојот на еден нов устав за земјата.

Обама, според информации на американскиот претседателски кабинет, апелирал до Путин да се погрижи за тоа проруските демонстранти во повеќе градови на источна Укриана да ги ослободат запоседнатите управни згради. Обама изразил и длабока загриженост за поддршката на Русија за сепаратистите.

САД и други западни држави се сомневаат дека Москва, слично како на црноморскиот полуостров Крим ќе интервенира со специјални единици и во источна Украина, за да подготви отцепување на регионот. Постоеле докази за тоа дека Русија ги поддржувала сепаратистичките стремежи, кажа претходно владиниот портпарол Џеј Карни. Имено постоеле докази дека демонстрантите, кои се забарикадираа во повеќе градови во земјата во јавните установи, биле платени.

Обама да го искористи своето влијание

Путин му се јавил телефонски на неговиот американски колега, се вели од Москва, за тој да го искористи своето влијание и да спречи крвопролевање и употреба на насилство. Двајцата претседатели постигнале согласност за дипломатска соработка при решавање на конфликтот, во пресрет на планираните разговори во Женева меѓу Русија, САД, Украина и ЕУ. На оваа средба в четврток би требало да се разгледаат можностите за мирно решавање на кризата.

Исто така и според податоци од Вашингтон телефонскиот разговор бил на иницијатива на Русија. Тој бил „отворен и директен“.

Пред разговорот со Путин Обама телефонски разговараше и со францускиот претседател Франсоа Оланд за состојбата на истокот на Украина која се влошува, соопшти Белата куќа. Оланд и Обама нагласиле дека Русија ќе се соочи со „натамошни значителни трошоци“, доколку не го промени своето однесување.

ЕУ усвои натамошни санкции за Русија

Претходно министрите за надворешни работи на ЕУ на средба во Луксембург постигнаа согласност да ја прошират листата со санкции против Русија. Со оглед на последните случувања донесовме одлука, да ја прошириме листата со лица, чии сметки се блокирани и имаат забрана за патување“, изјави шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.

Министрите сепак, пред средбата во Женева не усвоија економски санкции против Русија. Од оваа средба зависи дали ќе има вонреден самит на ЕУ, на кој би можело евентуално да се воведат економски санкции против Русија. Со вакви санкции Брисел се закаува со недели. Министрите за надворешни работи на ЕУ исто така усвоија економска помош за Украина како и укинување на царините за стоките од оваа земја.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми