1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин одлучи да не исфрла американски дипломати

БГ
30 декември 2016

Рускиот претседател Владимир Путин го отфрли барањето на неговото МНР да возврати на санкциите од САД со исфрлање на американски дипломати од земјата.

Russland Jahrespressekonferenz Wladimir Putin
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kolesnikova

Путин нема да возврати со реципроцитет на американската одлука да исфрли 35 руски дипломати од САД и да воведе санкции против Русија.

Руската агенција РИА јави дека Путин одлучил да ги причека одлуките на идниот американски претседател Доналд Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, пред да реши за евентуални натамошни чекори за руско-американските односи.

Претпладнето, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров му предложи на Путин Москва да исфрли 35 американски дипломати и да им забрани на останатите дипломати на САД да користат два објекти во Русија.

Тоа беше предложено како реакција на одлуката на администрацијата на Барак Обама да прогласи 35 руски дипломати осомничени за шпионирање за „персона нон грата“ и да наметне санкции врз две руски безбедносни агенции поради нивната вмешаност во упадот во компјутерскиот систем на Демократската партија и влијанието врз текот на изборите во САД.

Лавров рече дека наводите за руско мешање во американските избори се беспредметни.

Но, Путин го одби планот на Лавров.

„Нема да исфрлиме никого“, соопшти тој, дополнувајќи дека санкциите ги гледа како уште еден обид да се поткопаат односите меѓу Москва и Вашингтон и дека жали што администрацијата на Обама на овој начин го завршува мандатот.

Руски претставници се надеваат дека идниот претседател Трамп ќе ги поништи мерките на Обама. Рускиот премиер Дмитри Медведев претходно оцени дека е жално што администрацијата на Обама го започнала мандатот со обид да ги подобри односите со Русија, а го завршува на „смртна постела“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми