1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ја видов палатата на Путин одвнатре“

Наталија Смоленцева | Елена Барушева
29 јануари 2021

Во ново видео на Јутјуб, Алексеј Навални прикажува грандиозен имот којшто му припаѓа на рускиот претседател Владимир Путин. ДВ разговараше со активистот Димитриј Шевченко кој со години ја набљудува оваа градба.

Putin-Palast beim Schewtchenko-Besuch
„Палата за Путин“ - онака како што во 2011 година ја виде активистот Димитриј ШевченкоФотографија: Dmitry Schewtchenko

Најновото видео на Фондацијата за борба против корупција на Алексеј Навални (ФБК) предизвика големи бранувања во Русија. За само неколку дена видео клипот има десетици милиони прегледи. Содржината е прилично експлозивна: под наслов „Палата за Путин. Приказна за најголемиот поткуп“, во филмот кој трае два часа, се прикажуваат детали за грандиозен имот на руското Црно Море. Според истражувањата, само зградата е на површина од 18.000 метри квадратни, а околниот имот е речиси 40 пати поголем од кнежевството Монако. Ова наводно чини 100 милијарди рубљи (околу 1,12 милијарди евра). Според ФБК, „Палатата“ е финансирана од руските државни компании Роснефт и Транснефт. Двете ги раководат блиски пријатели на претседателот Владимир Путин: Игор Сечин и Николај Токарјев.

Активистите за заштита на животната средина со години го набљудуваат објектот. Неколкумина успеале и да упаднат внатре и да направат фотографии. Еден од нив е активистот Димитриј Шевченко, раководител на невладината руска организација „Граѓанска иницијатива против еколошки криминал“ (ЦИАЕК). ДВ разговараше со него.

ДВ: Господине Шевченко, што откривте ново од истражувањето на Навални?

Димитриј Шевченко: За мене ново е што таму има изградено подземно лизгалиште. Инаку, другите работи ни се познати. Но, сепак ова е прв обид сите достапни информации во врска со оваа градба да се систематизираат. Мора да се пофалат колегите дека ги поврзале сите синџири на финансирање и ги разоткриле сите лажни подфирми.

Шевченко можел да го фотографира и паркот на „Путиновата палата“Фотографија: Dmitry Schewtchenko

Во 2011 и Вие бевте на градилиштето. Како дојде до тоа?

Ја следиме оваа работа уште од 2004 година, кога се дозна за градежните планови на ‘ртот Идокопас. Ова многу не' вознемири, бидејќи таму има недопрени борови шуми со дрвја кои се заштитени во Русија. Беше јасно дека ќе има сечење и расчистување на теренот. Кога во 2010-та, по обелоденувањето од еден бизнисмен Сергеј Колесников, се дозна дека таму ќе се гради за рускиот претседател сакавме одблизу да видиме што се прави.

Зошто отидовте до градилиштето на „Палатата за Путин“?

Јас и мојот колега Сурен Гасарјан во 2011. решивме заедно со уште неколку луѓе да провериме што точно се случува таму. Мора да се каже дека објектот во тоа време не беше посебно обезбеден. Никаде не се криевме, рампите беа отворени. Така стасавме до главната зграда, речиси до местото кое се прикажува во филмот на Алексеј Навални: голема влезна порта со двоглав орел на неа. Отпрвин нè игнорираа. Работниците си работеа наоколу и никому не поставуваа непотребни прашања. Но, кога нѐ открија вработените во Федералната служба за набљудување на Руската Федерација - ФСО (безбедносна служба на рускиот претседател, нешто како пандан на американската тајна служба н.з.) настана узбуна. Моравме веднаш да престанеме со снимање. За среќа јас имав сокриено една мемориска картичка со слики во чизмата. Тоа се единствените фотографии од објектот кои не се направени од градежни работници.

Потоа службениците не знаеја што да прават со нас. Двајца соработници на ФСО повикале полиција и погранични служби, од којзнае која причина. Се појавија и голем број соработници на една приватна фирма за обезбедување. Дрско ни ги одзедоа сите наши работи пред очите на полицијата. Ни го отворија автомобилот и видовме како ги носат сите наши работи внатре во палатата, во таа сива зграда.

Чувари пред палатата во 2011 годинаФотографија: Dmitry Schewtchenko

Што сѐ видовте таму?

Практично целиот централен дел, главниот влез во палатата, прошетавме наоколу дури и до страната свртена кон морето. Ми падна в очи дека кај влезот целата шума беше исечена и веќе се правеше нов парк, додека шумата кон морето беше недопрена. Очигледно главната зграда не треба да се гледа од морето. Потоа влегов во уште една соба, која во филмот на Навални е претставена како „Аква-диско“. Таму имаше една фонтана поврзана со базен. Ѕирнавме и во дворот. Портата беше заклучена, но можеше да се види што се прави и таму.

Знаевте за кого се прави оваа резиденција кога отпатувавте таму?

Точно знаевме каде сме. Но, нѐ изненади тоа што први ни се обратија луѓето на ФСО. Формално палата важеше за приватен имот. На нашето прашање што бара тука ФСО, не добивме одговор. Исто така нѐ изненади големиот број на странски работници. Кога започна разговорот со луѓето од ФСО, ни се приближи еден човек и ни рече дека нелегално сме влегле на имотот и дека секакво снимање е забрането. Зборуваше руски, но со италијански акцент. Потоа луѓето од приватната фирма за обезбедување почнаа да ни ги одземаат работите. Целата операција ја водеше еден човек за кој подоцна се испостави дека е од Балканот.

Базен во „Путиновата палата“ - фотографија од 2011 година на Димитриј ШевченкоФотографија: Dmitry Schewtchenko

Имавте ли некакви последици поради оваа посета?

Луѓето на градилиштето тогаш беа опуштени и не очекуваа посети. Поради тоа не знаеја како да постапат со нас. Но, ни го одземаа видео материјалот и сите останати наши работи. Потоа полицијата не' одведе од Путиновата палата во селото Дивноморскоје. Таму потпишавме писмена изјава дека сме ограбени. Следното утро ни се јави еден полицаец од селото и ни рече дека нашите работи и документите наводно случајно се пронајдени во шумата. Секако дека не ни беа вратени мемориските картички со снимениот материјал. Целиот случај едноставно беше заташкан.

Но, секако имаше последици. Подоцна, кога Сурен Гасарјан отиде до палатата и се обиде да го разгледа и делот околу плажите, имало повеќе инциденти со обезбедувањето. На Сурен тогаш му се закануваше кривична постапка поради што тој мораше да ја напушти Русија.

Дали по 2011 година бевте уште еднаш на имотот од „Путиновата палата“?

Внатре не. Но, набљудувавме што се случува во околината. На пример, еден крајбрежен појас е целосно затворен, што секако не им се допаѓа на луѓето. Видов како граничари бркаат луѓе од плажа. Тие мораа да ги расклопат своите шатори и да се идентификуваат. Нивните податоци се зачувани. Подоцна од медиумите дознав дека јахтата на Путин, „Олимпија“ пловела во областа околу палатата. Очигледно во тој момент лично тој се релаксирал таму.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми