1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин се обидува да ја уништи ЕУ одвнатре

Рајнхард Бик/ сн26 јуни 2015

ЕУ мора да биде подготвена за она што доаѓа од Русија и медиумите мора подобро да ги оспособи за пропагандната војна која се заканува од Москва, истакнува германската политичарка, експерт за Украина, Виола фон Крамон.

Фотографија: Imago/Itar-Tass/M. Metzel

Политичарката од редовите на германската партија на Зелени, Виола фон Крамон, е експерт за Украина во редовите на нејзината партија. Таа во интервју за германскиот јавен сервис Дојчландфунк (ДЛФ) зборува за актуелната ситуација во Украина и позициите на рускиот претседател Владимир Путин.

ДЛФ: Договорот од Минск постојано се крши. Дали договорот е целосно безвреден?

Виола фон Крамон: Мислам дека е безвреден. Јас од почетокот се сомневав во тоа дали Минск 2 воопшто може да придонесе за одржување на мирот. Сега точно се гледа дека сепаратистите, раководени од Москва, немаат никаков интерес за мир. За време на мојата последна посета на Киев присуствував на прес-конференцијата на ОБСЕ. И таму е јасно кажано: напаѓачка страна се сепаратистите. Тие на постојаната набљудувачка мисија на ОБСЕ не и’ даваат пристап. Тоа конкретно значи оти перманентното упатување апел до двете страни во конфликтот, посебно од страна на западните министерства за надворешни работи, не е оправдано.

На кој начин би можел да се спаси договорот, односно како е можно да се дојде до примирје?

Едната страна нема интерес за примирје и тоа е нешто што многумина на Запад не го разбираат. Ние знаеме дека Путин веќе подолго време на украинската граница трупа единици со тешко вооружување, а дали ќе биде употребено во северниот или јужниот дел, односно во Харков или пак на југ, не знаеме. Но, во секој случај тенденциите одат кон дестабилизација на Украина. И тоа навистина го измачува населението. Народот е веќе исцрпен и е на самиот крај од силите. Бројот на бегалци, исто како и порано, постојано се зголемува. Па дури иако е во сила примирјето, луѓето ги напуштаат кризните области.

Ајде да зборуваме за стационирањето на американски тенкови и тешко вооружување во Источна Европа. Понекогаш изгледа дека Путин го мами Западот, посебно Американците кои доаѓаат многу блиску до нивните граници, а тогаш паѓаат во замка. Има ли во тоа вистина?

И да и не. Бидејќи, само да ги намамуваат во замка, порано мислевме оти тоа е само обична игра. Но, ние сега кога ќе ја погледнеме војната во Украина, сфаќаме дека не е во прашање игра, туку дека се работи за вистинска акција. И тоа е психолошки момент од страна на американското министерство за одбрана кој можам да го разберам, да им покажат на балтичките земји, Полска и Бугарија: Да! Ние сме тука во замка на замката која е направена за вас и ние сме на ваша страна. И тоа мора сега да се стори.

И она што како и секогаш мора да се нагласи е тоа дека Русија постојано тврди оти ниту еден нејзин војник не е вклучен во борбите во Украина. А тоа значи дека бројот на загинати на руска страна е релативно мал. Но, ако во некој случај би дошло до отворена војна, Русија во тој случај би претрпела значајни загуби и тоа би морала исто така да му го објасни на својот народ, а тоа не е лесно, посебно кога се војува против братска земја, како што е тоа Украина. Верувам оти засега веројатно најдобро е да се поддржат балтичките и другите братски земји во НАТО сојузот. И ако погледнете како Путин сега дејствува во однос на Норвешка. Морам да кажам дека Норвешка не претставува никаква опасност, но тие без разлика бараат конфликт. Исто е и со Финска. Тоа се мирољубиви соседни земји, кои се исто така нападнати. Тука има еден момент во руската внатрешна политика, целно да привлечат непријатели на самата граница.

Виола фон КрамонФотографија: DW/V. Kropman

Но, во што се сомневате? Путин не може да биде заинтересиран за војна, бидејќи во тој случај би имале трета светска војна.

Тој не е заинтересиран за светска војна, но има интереси за згуснување на редовите во сопствената земја. Тој има огромни проблеми, и тоа не само економски, финансиски, туку огромни структурни проблеми, а исто така и војна против злите непријатели: САД, НАТО, против фашистите, и што уште не се провлекува низ медиумите во последниве 14 месеци, тоа е она што му обезбедува моќ. Исто така во моментов мора многу добро да се обрне внимание на тоа како тече финансирањето на десничарските и националистичките партии во Европа.

Тој бара антиевропски, антизападни и антилиберални сили и систематски ги поддржува. И тоа во комбинација со 30-процентното зголемување на вооружувањето кое трае од 2008 година, што се разбира е закана за соседните земји. Ние едноставно мораме да бидеме подготвени за она што доаѓа од Русија, и уверена сум дека нашите медиуми мораме подобро да ги оспособиме за информативната и пропагандна војна која се заканува од Москва. Јас не верувам дека ќе дојде до отворена војна, ама сум уверена дека Путин се обидува Европската унија во оваа форма да ја уништи одвнатре, а за тоа има доста појдовни точки. Тука има навистина многу слаби земји каде може да се удри многу систематски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми