Рускиот парламент даде зелено светло за уставна реформа со која на претседателот Путин му се овозможува нов мандат. Рускиот претседател претходно индиректно потврди подготвеност за повторна кандидатура во 2024 година.
Реклама
На денешната седница на руската Дума во Москва, во второто читање, 382 пратеници гласале „за“, 44 се воздржале, а ниеден пратеник не се изјаснил против реформа на рускиот устав. Мандатот на Владимир Путин како претседател завршува во 2024 година. Критичарите му префрлаат дека со уставните измени сака да осигура натамошно останување на власт. Се смета дека предлогот за уставни реформи ќе помине и на утрешната седница на Советот на Федерацијата, горниот дом на рускиот парламент.
Пред одлуката на парламентот, Путин денеска првпат индиректно најави подготвеност за претседателска кандидатура во 2024 година. Со оглед на планираната уставна реформа, која вклучува и „анулирање“ на неговите досегашни мандати, доколку Уставниот суд даде согласност, Путин би бил подготвен за натамошно извршување на функцијата, изјави 67-годишниот претседател во текот на денешната дебата во Думата околу планираните досега најкрупни промени во уставот во руската историја.
Со својот глас да ги поништат досегашните мандати на Путин, вклучувајќи го и тековниот четврти, пратениците го отворија патот Путин и по 20 години на власт да остане на чело на државата по четири години. Негов наследник досега не е на повидок.
Според досега важечкиот устав, последниот можен мандат на Путин завршува во 2024 година. Во текот на парламентарната дебата, тој се изјасни против укинување на генералното ограничување на два претседателски мандати. Во руската владејачка политичка партија Обединета Русија, во последно време се множеја гласови на Путин да му се овозможи доживотно да остане претседател на државата. Во својот говор, Путин денеска истакна дека очигледно е оти народот сака негово останување на функцијата, дополнувајќи дека уставните измени ќе бидат ставени на референдум кој ќе се одржи на 22 април. Реформата на уставот патем натамошно би ги проширила ингеренциите на шефот на државата. Првиот човек на Кремљ изминатата недела изјави дека претседателската функција претставува негова судбина.
Владимир Путин: Патот до моќта
Владимир Путин е избран за претседател на Русија во четвртиот мандат. Поглед кон подемот на Путин од нискорангиран агент на КГБ до незапирлива политичка сила.
Фотографија: Reuters/D. Mdzinarishvili
Кадет на КГБ
Роден во Санкт Петербург во 1952, Путин се пријави во советската раразузнувачка служба КГБ веднаш по завршувањето на правниот факултет во 1975. Негова прва задача бил надзорот на странски државјани и вработени во конзулатите во родниот град, тогаш со името Ленининград Потоа замина на служба во Дрезден, источна Германија. Тој наводно запалил стотици документи на КГБ по падот на Берлинскиот ѕид.
Лево на фотографијата, младиот Путин стои до тогашниот градоначалник на Санкт Петербург, Анатоли Собчак. Тој му беше професор на Путин и го назначи за свој советник за меѓународни прашања. И покрај корупцискиот скандал на почетокот од службата, Путин не ја загуби работата, токму поради пријателството со Собчак.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Метеорски подем
Путин набргу се префрли во Москва. Во 1997 рускиот претседател Борис Елцин му додели среднорангирана функција во неговата администрација- позиција која Путин ќе ја искористи за да создаде важни политички пријателства, кои ќе му бидат од полза во наредните децении.
Фотографија: picture alliance/AP Images
Смртта на пријателот
Путин беше длабоко потресен од смртта на Собчак во 2000 година. Откако ученикот политички го надмина својот учител, Собчак стана гласен поддржувал на кандидатурата на Путин за претседател на Русија. Една година претходно, Путин ги искористи своите врски за да бидат отфрлени обвинувањата против Собчак за проневера.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov
Привремен претседател
Во јуни 2000 година, Борис Елцин поднесе оставка, отстапувајќу му на премиерот да стане привремен лидер на државата. За време на успешната претседателска кампања, повторно излегоа на површина обвинувањата за корупција против Путин од времето на неговата служба во Санкт Петербург. Марина Салје, пратеничката која ги изнесе обвинувањата, беше замолчена и принудена да го напушти градот.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Тандемократија
Кога Путин уставно беше спречен да се кандидира за трет последователен мандат во 2008 година, премиерот Дмитри Медведев се кандидираше на негово место. Кога Медведев беше избран, тој го назначи Путин за премиер. Тоа доведе до критики за „тандемократија“ во Москва и многумина беа убедени дека Медведев е марионета на Путин.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Победа
Во март 2018 година, Владимир Путин е избран за руски претседател во четврти мандат. Путин ќе биде на власт и во наредните шест години, со оглед дека претседателскиот мандат претходно беше продолжен на шест години. Избоrите беа засенети од обвинувањата за нерегуларности и манипулации, како и од фактот дека немаше вистинска опозиција на Путин.