1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин, Трамп и принципот на ситни чекори

Роберт Маџ
8 јули 2017

Возбудата пред средбата на Трамп и Путин на самитот на Г20 во Хамбург не можеше да биде поголема. Дали очекувањата се остварија? Само делумно, оценува Роберт Маџ.

Deutschland G20 Trump mit Putin in Hamburg
Фотографија: Reuters/Courtesy of Bundesregierung/S. Kugler

Врвните спортски настани се речиси големи општествени настани. Кога, на пример, силите ги одмеруваат боксери од светска класа, како Владимри Кличко и Тајсон Фјури, милиони луѓе го имаат вперено погледот кон нивната борба. Па, сепак, возбудата поради ваков еден боксерски меч не е ништо во споредба со возбудата пред средбата на двајцата глобални алфа-мажјаци, Владимир Путин и Доналд Трамп.

Дали Путин ќе побледе кога Трамп цврсто ќе му ја стегне раката? Дали Трамп ќе може да го поднесе ладниот поглед на Путин? Кој прв ќе трепне?

Сите кои се надеваа дека ќе се случи сензација, се разочарани. Средбата мина вообичаено. Ракувањето беше пристојно, а во еден момент се причини дека двајцата дури се гледаат пријателски еден со друг. На Путиновото лице дури се исцрта и нешто што наликуваше на насмевка, што прави разлика од замрзнатата гримаса која ја имаше на средбата со претходникот на Трамп, Барак Обама, на претходниот самит на Г20. Трамп дури рече дека му е „чест“ што се среќава со Путин.

Трамп и Путин можеби имаат различни ставови за многу работи, но своите контроверзи ги премостија со симболичниот момент на одржување на средбата, кој кажува многу: се одржа исто време кога на програмата беше предвиден стартот на разговорите на Г20 за климата, што е клучна тема на овој самит и која особено ѝ лежи на срце на канцеларката Меркел. Додуша, Трамп учествуваше во првата половина од овие разговори, но јасно е дека состојбата на еко-системот за него не е прв приоритет.

Средбата не ги оправда спектакуларните очекувања. Прво, наместо планираните 35 минути, траеше повеќе од два часа. Но, оние кои бараат резултати, а погледнуваат позади говорот на телото и по некоја остра изјава, можат по нешто и да најдат. Претседателите договорија, во соработка со локалните актери, прекин на огнот на југозападот на Сирија, кој треба да стапи во сила од недела. Циниците би забележале дека тоа е само капка вода на врел камен, но во Сирја и најмал напредок е значаен.

Роберт МаџФотографија: DW/R. Mudge

Колку средбата и да се чини скромна, таа претставува пробив ако се имаат предвид изјавите во предвечерјето на разговорите. За време на својот настап во Полска, пред одржувањето на самитот на Г20, Трамп остро го нападна Путин. Тој јавно го повика да им стави крај на „дестабилизирачкото влијание на Русија во Украина“ и на руската поддршка за „непријателски режими“, како во Сирија и Иран.

Путин, пак, наспроти тоа, си дозволи речиси отворено боцкање на сметка на Трамповите трговско-политички претстави и ги критикуваше ограничувањата за трговијата и инвестициите. Тие не се ништо друго освен „маскиран протекционизам“, рече Путин.

На почетокот на своето претседателствување Трамп „трубеше“ дека ќе има добри односи со Путиновата Русија. Путин, пак, согласно старата навика, беше воздржан. Можеби се надеваше дека американско-руските односи по завршувањето на мандатот на Обама ќе се подобрат, но сепак не ги отвораше картите.

Возбудата предизвикана од обвинувањата дека Русија се мешала во американските претседателски избори и дека на тој начин му дала поддршка на Трамп, ги доведе двајцата државници во повеќе од непријатна ситуација. Путин на средбата негираше каква и да било вмешаност. Трамп истовремено инсистираше на уверување дека Русија нема да се меша во американските работи.

Со тоа темата за двајцата беше завршена. Потоа се концентрираа на решение за конфликтот во Сирија, иако различните ставови околу политичката судбина на Асад би можеле да ги торпедираат нивните напори. Различни ставови двајцата имаат и околу ситуацијата во Украина и борбата против тероризмот.

Возбудата пред средбата можеби беше претерана, но приближувањето на Трамп и Путин, колку и да е површно, и покрај сите задршки, би можело да биде поттик за конструктивен однос.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми