Путин полага во соработката со Трамп
1 декември 2016Во своето редовно годишно обраќање од Кремљ кон парламентот и нацијата рускиот претседател Владимир Путин порача дека Русија е подготвена да соработува со новата американска администрација, пред сѐ во борба против тероризмот. Тој истакна дека соработката меѓу Русија и САД во решавањето на глобалните и регионалните прашања е во интерес на целиот свет. Рускиот претседател нагласи дека ќе продолжи да соработува со САД во борбата против реални а не измислени опасности.
„Секако дека сметам на заеднички напори со САД во борба против вистинската, а не измислена, закана, а тоа е меѓународниот тероризам.“
Истотака, предупреди оти секој обид да се „укине стратешката рамнотежа“ би можел да биде глобално катастрофален, во очигледна алузија на руско-американскиот нуклеарен баланс.
Русија не бара конфликт со никого, порача уште претседателот Путин . „За разлика од некои странски колеги кои ја сметаат Русија за непријател, ние не бараме- и никогаш не сме барале- непријатели. Нам ни требаат пријатели. Ние, меѓутоа, нема да дозволиме да им се наштети на нашите интереси“, рече рускиот лидер.
Тој ја пофали храброста на рускиот воен пресонал кој се бори против бунтовничките групи во Сирија, во поддршка на претседателот Башар ал Асад, предизвикувајќи аплауз во салата во Кремљ.
Американските и европските политичари жестоко ја критикуваат Русија поради нејзината кампања за бомбардирање во Сирија, посебно во Алепо. Тие тврдат дека Русија би требало посилно да ја напаѓа Исламска држава наместо да ги поддржува силите на претседателот Башар ал Асад, обвинувајќи го за тешки кршења на човековите права.
За време на годишното обраќање кон руските пратеници, претседателот Путин уште изјави оти Москва е подготвена за дијалог со своите меѓународни партнери, но нема да им дозволи да се мешаат во нејзините интереси ниту во нејзиното донесување на одлуки.
„Нема да допуштиме какво било мешање во интересите на Руската Федерација и ќе решаваме за сопствената судбина без неосновани совети и извештаи“, рече рускиот лидер.
Тој, сепак, нагласи дека Русија е подготвена да учествува во решавање на глобалните кризи кога тоа ќе биде неопходно.
„Ние го согледуваме степенот на нашата одговорност и искрено сме подготвени да земеме удел во решавање на глобалните и регионалните проблеми, или секако, онаму каде што е нашиот ангажман соодветен, неопходен и баран“, рече рускиот претседател, пренесуваат руските новински агенции.