Путин ја предупредува Меркел од граѓанска војна во Украина
16 април 2014Германската канцеларка Ангела Меркел вчера вечер му се јави на рускиот претседател Владимир Путин за да разговара со него за ситуацијата во Украина. Кабинетот на Меркел информираше дека разговорот бил фокусиран на подготовките за планираниот состанок на високи дипломати од Русија, Украина, САД и ЕУ, кој треба да се одржи в четврток (17.04.) во Женева.
Во текот на телефонскиот разговор Путин го осудил распоредувањето на трупи од страна на Киев против проруските сепаратисти во источна Украина и тоа го оценил како „антиуставен“ обид за „присилно задушување на протестите“ во источна Украина.
„Рускиот претседател забележа дека острата ескалација на конфликтот ја донесе земјата на раб на граѓанска војна“, информираше Кремљ преку соопштение.
Според Кремљ, Меркел и Путин изразиле надеж дека разговорите меѓу претставниците од ЕУ, САД, Русија и Украина во Женева би можеле „да ја однесат ситуацијата во мировен правец“.
Путин и’ рекол на Меркел дека е значајно да се стабилизира украинската економија и да се осигура дека снабдувањата со руски гас на Европа нема да бидат попречени.
Пред разговорот меѓу Меркел и Путин, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека секаква акција на Киев против промосковските сепаратисти би можела да ги поткопа утрешните планирани разговори. Вчера украинските безбедносни сили се судрија со вооружени мажи на мал аеродром – акција што претседателот Олександар Турчинов ја нарече „антитерористичка операција“ против вооружени проруски бунтовници, кои ја зголемија контролата врз бројни објекти во десетина градови во источниот дел на земјата. За спроведување на таа акција во Славјанск, Украина испрати 20 тенкови и вооружен персонал. Акцијата е остро критикувана од Москва, но е поддржана од Вашингтон.
„Тие мора да бидат предупредени дека ако не го положат оружјето ќе бидат уништени“, предупреди украинскиот генерал Васјил Крутов.
САД планираат повеќе санкции
Во меѓувреме, САД информираа дека веројатно ќе бидат воведени дополнителни санкции против Москва поради нејзината вмешаност во немирите во источна Украина.
„Не само што прифаќаме дополнителни санкции, туку подготвуваме и дополнителни чекори“, информираше портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки. Малку е веројатно САД да ги воведат тие санкции пред утрешните разговори во Женева.