Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот, Владимир Путин, ќе се сретнат на 16. јули во Хелсинки, соопшти Кремљ. Средбата повеќе ќе му користи на Путин, смета Миодраг Шориќ.
Реклама
Што може да постигне Доналд Трамп при средбата со Владимир Путин? Малку нешто. Русија во никој случај нема да се повлече од Крим. И натаму ќе ги поддржува бунтовниците во источна Украина, како и Асад и иранските трупи во Сирија. Тешко дека Трамп ќе го промени Путиновото мото: „Русија на прво место“.
За разлика од него, шефот на Кремљ може да очекува доста работи од овој руско-американски самит. Кога тој и Трамп доверливо ќе ги наведнат и приближат главите за да разговараат за намалувањето на атомскиот арсенал, телевизиските слики ќе испраќаат порака дека станува збор за разговор на рамноправни политичари. Со тоа добива Путин, сеедно дали разговорите ќе имаат конкретен резултат.
Американско-руски договор на сметка на трети земји
Истовремено, Путин внесува уште поголем раздор во западниот табор. Токму „Големиот брат“ од онаа страна на Атлантикот ги подрива напорите на Велика Британија да ја изолира Русија поради аферата Скрипал. И Украинците тоа ќе го доживеат како навреда, ако не и како предавство. Сепак, и Украинците сами би требало да признаат дека американската поддршка отсекогаш била посилна на зборови, а финансиски скудна. Путин можеби би можел да направи отстапки во Украина, но само ако Американците се откажат од отпорот кон изградба на Северен тек 2.
Во секој случај, санкциите кон Русија ќе останат во сила и по самитот. Конгресот во Вашингтон не може да ги укине преку ноќ. Освен тоа, моментно не постои ни политичка волја кај конгресмените за нешто такво.
Зошто тогаш Трамп сака состанок со Путин? Тој пред сѐ наумил да исполни едно од своите изборни ветувања - дека ќе ги поправи односите со Русија. Освен тоа, изгледа дека на неговото его му се потребни спектакуларни политички инсценирања. Таа самозаљубеност автократите ја користат за остварување на своите цели. Северна Кореја под диктаторот Ким Јонг Ун едвај се помрда од местото. А Трамп средбата со него ја продава како историски успех. Путин тоа го сфати, па сега ќе постапи на ист начин.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.