1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пушачкиот рај Австрија

Б. Мерзебургер-Зил/ С. Недевски2 јуни 2014

Младите пушачи се голем проблем во Австрија. Според најновите истражувања, ниту во една земја членка на Организацијата за економска соработка и развој во Европа (ОЕЦД ) младите луѓе не пушат толку, колку во Австрија.

Фотографија: Fotolia/ Gina Sanders

Дитмар Ерлахер со години врши инспекции во гостилниците ширум Австрија. Пушењето го смета за сериозна опасност и прекршителите на законот за забрана на пушењето ги пријавува во полиција. Шерифот за чад, како што тој самиот се нарекува е убеден дека без чадот од цигарите би имало и помалку заболени од рак.

А Австрија е вистински рај за љубителите на никотинот. Никаде во Западна Европа на јавни места не се пуши толку многу и тоа се подразбира само по себе, колку на пример - во Виена.

И тука веќе пет години е забрането пушењето на јавни места, но постојат исклучоци. Од нив профитира и ресторанот „Л’ Троке“ во популарниот 7. реон на Виена. Додека во кафулињата во Париз веќе со години пушењето е забрането, гостите во Виена палат цигара врз цигара.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Форма на австриска демократија

Сопственикот Ален Асо дошол тука од Франција пред повеќе од 20 години. Неговото кафуле има површина од помалку од 50 квадратни метри, па тој можеше да избере дали ќе биде за пушачи или за непушачи. Се одлучи против забраната и за цигарата.

„Сметам дека тоа е форма на австриска демократија. За оние кои не сакаат да пушат има непушачки локали. Пушачите одат во локали каде е тоа дозволено, а големите гостилници имаат одвоени простории“, вели Асо.

Никаде во западна Европа не пушат толку млади, колку во Австрија. Иако цигари смеат да купуваат само постари од 16 години, и деца се снаоѓаат. Едно девојче, на пример, замоли една постара минувачка да ѝ ја позајми банкарската картичка и така на автоматот за цигари ја заобиколи задолжителната проверка на возраста. Една третина од 15-годишните девојчиња во Австрија посегнува по цигари.

На службениците во Министерство за здравство во Виена им се врзани рацете. Одговорноста тие ја префрлуваат врз моќното лоби на тутунската индустрија и гастрономијата. Пријавите на Дитмар Ерлахер завршуваат кај Франц Пич, задолжен за заштита на непушачите.

Но, од нив нема никакво влијание врз политиката, оти со апсолутна забрана на пушењето партиите би загубиле премногу гласови од избирачите. Тука би можела да помогне само ЕУ: Кога ЕУ би усвоила генерална забрана за пушење врз основа на правилата за заштита на вработените, тогаш и Австрија би морала да ја почитува таа околност и да ја вгради општата забрана на пушењето и во националното законодавство.“, смета Пич.

Фотографија: DW/E.Numanovic

Недоволна заштита на непушачите

Дитмар Ерлахер е на терен, заедно со претставници на Институтот за хигиена на животната средина. Ресторанот „Кај Лојполд“ го контролираше пред еден месец и поднесе пријава поради недоволна заштита на непушачите. Ерлахер сега е задоволен: „Тука на плочата гледаме дека има посебен влез директно за просторијата за непушачи. Додека на главниот влез, пак, има ознака дека внатре има ’Одвоен простор за пушачи во локалот‘, така што ова е мешан локал со две различни простории.“

И внатре се почитува законот за заштита на непушачите.

„Значи, ако продолжиме натаму, наидуваме на врата која автоматски се затвора, а има и ознака дека зад неа е просторија за непушачи.“, објаснува Ерлахер.

Но, научникот Манфред Нојбергер е разочаран: неговите мерења покажаа дека воздухот во просторијата за непушачи е повеќе од двојно позагаден отколку на улица.

„Концентрацијата на микро честички всушност би требало да биде значително помала отколку надвор, во густиот сообраќај. Значи, нема никаква полза од одвојувањето на просториите кое им е пропишано на угостителите. Тутунскиот чад и покрај тоа продира во просторијата за непушачи и тоа во концентрација која го загрозува здравјето“, вели Нојбергер.

Фотографија: Picture-Alliance/KEYSTONE

Целта е апсолутна забрана

За сопственикот на локалот Харалд Лојполд одвојувањето на просториите е сепак важно. Инаку, според законот, би морал да го забрани пушењето во ресторанот, а тоа сигурно би ги разлутило редовните гости - пушачи.

Тој инвестирал 20 илјади евра за да има во неговот ресторан оддели за пушачи и непушачи и со хумор гледа на австрискиот закон за заштита на непушачите, полн со дупки.

„Лојполд не продава здравје или нешто во тој смисол. На вратата не пишува дека кога ќе влезете ќе оздравите или ќе ви биде добро“, вели Харалд Лојполд.

Токму ваквото потценување на опасностите по здравјето го разбеснува Дитмар Ерлахер. Затоа тој нема намера да престане се’ додека не биде остварена целта - апсолутна забрана на пушењето во австриската гастрономија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми