Пјонгјанг се заканува со нуклеарен напад на „срцето на САД“
СН/ агенции
26 јули 2017
Се засилуваат шпекулациите дека Северна Кореја подготвува уште еден ракетен тест. Комунистичката земја испрати и нова нуклеарна закана до САД.
Реклама
Северна Кореја се закани со нуклеарен напад во „срцето на САД“, ако Вашингтон се обиде да го собори од власт сегашниот режим на чело со Ким Јонг Ун, извести јужнокорејската новинска агенција Јонхап, повикувајќи се на веста која ја објави севернокорејската агенција КЦНА.
„Ако САД се осмелат да покажат и најмал знак на обид да го соборат од власт нашиот лидер, ќе изведеме немилосрден напад на срцето на САД со наш силен нуклеарен удар, кој со време зајакна“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи во Пјонгјанг, пренесе агенцијата КЦНА.
Во вестите се наведува дека тоа е одговор на забелешката на првиот човек на американската разузнувачка служба -ЦИА, Мајк Помпео, кој во минатата недела алудираше на соборување од власт на комунистичкиот режим. Помпео тогаш изјави оти најважно е тоа што САД можат да направат да го „одвојат нуклеарниот капацитет од оној кој би можел да има намера да го користи“.
Во меѓувреме има сѐ повеќе индикации дека земјата би можела да спроведе нов ракетен тест. Американски и јужнокорејски медиуми, повикувајќи се на армиски разузнувачки извори, јавуваат дека се забележани транспортни возила кои носат опрема за лансирање. Новиот тест на интерконтинентална балистичка ракета или ракета од среден дострел би можело да се случи на 64-та годишнина од крајот на Корејската војна на 27 јули - инаку државен празник во Северна Кореја, кој се слави како ден на победата.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.