1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Пјонгјанг тестирал „нов тип на ракета“

СН/ агенции
15 мај 2017

Северна Кореја објави детали за нејзиниот најнов ракетен тест. Армијата вчера истрелала „новоразвиена балистичка ракета од среден дострел“ од типот Хвасонг 12. Шефот на државата Ким лично го надгледувал ракетниот тест.

Südkorea TV Übertragung eines nordkoreanischen Raketentest
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji

Северна Кореја објави денеска дека успешно лансирала нов тип балистички проектил за кој тврди оти може да носи нуклеарна боева глава, јави државната новинска агенција КЦНА. Агенцијата пренесува дека на вчерашното лансирање, на кое присуствувал севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, е тестирана „нова ракета земја-земја со среден дострел“.

Ким ги предупреди САД да „не ја занемарат или погрешно да ја проценат реалноста оти нивната територија и пацифичките операции се во дострелот на ракетата“, наведува КЦНА.

Проектилот „Хвасонг-12“ леташе 787 километри и достигна височина од 2.100 километри и според планираното паднала во морето. Ракетниот тест е успешно извршен, наведе КЦНА, додавајќи дека е лансирана од висок агол „земајќи ја во предвид безбедноста на соседните земји“.

Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг УнФотографија: picture-alliance/Jiji Press/M. Matsutani

„Тестирањето имаше за цел да ги потврди тактичките и техничките спецификации на новата балистичка ракета која може да пренесе голема нуклеарна боева глава“, јави КЦНА. Тестирањето, сепак, „не претставувало закана за САД“, соопшти американската Пацифичка команда.

Итна седница на Советот за безбедност

Во интервју за програмата „Оваа недела“ на американската ТВ-мрежа АБЦ, американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, изјави оти Ким е „во состојба на параноја“. „Тој е исклучително загрижен од сѐ и сешто околу него“, рече Хејли. „Нема никакво оправдание за севернокорејските акции. Тоа беше во близина на Русија. Кина не може да очекува дијалог. Заканата е реална“, додаде таа. На барање на САД и на Јапонија, Советот за безбедност на ОН утре треба да одржи вонредна седница за Северна Кореја.  

Севернокорејската ракетна проба следеше само неколку дена откако новиот јужнокорејски претседател Мун Џае Ин на инаугурацијата во Сеул, повика на тесна соработка со Северна Кореја.

Мун во поглед на најновиот ракетен тест  истакна дека тој претставува очигледно кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и оти е „тежок предизвик“ за безбедноста во регионот. Исто така тој , ѝ нареди на војската да го забрза поставувањето на јужнокорејскиот систем за противракетна одбрана КАМД.

Јужнокорејскиот претседател, Мун Џае ИнФотографија: Getty Images/Chung Sung-Jun

Јапонскиот премиер Шинзо Абе го нарече последното тестирање „апсолутно неприфатливо“, додека Белата куќа ја нарече Северна Кореја „флагрантна закана“ и повика на заострени санкции. Тензиите на Корејскиот Полуостров се засилија во последните недели поради нуклеарната програма на Пјонгјанг и ракетните тестови, како и поради заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД би можеле да преземат еднострана акција во знак на одмазда.

Системот за ракетна одбрана ТХААД кој САД годинава го пренесоа во Јужна Кореја, кој предизвика тензии со Кина, стана оперативен месецов.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми