1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пeнзионерот Николаус Нецхамер од Бон

24 септември 2010

Откако е во пензија Николаус Нецхамер речиси има повеќе работа отколку во деловниот живот: повеќечасовни прошетки, историски проучувања во архиви... Притоа, секогаш ужива во животот.

Станува рано, појадува и започнува со активностите. Николаус Нецхамер е станат веќе во 7:15 часот. Мора да се заврши книгата!

Духовно патување во минатото

Историчарот во слободно време од Бон се пронајде во проучувањето на семејните корени. Неговиот вујко Рејмунд, од 1905 до 1924 година бил католички надбискуп на Букурешт и редовно пишувал дневник. По речиси точно сто години, Николаус Нецхамер го претставил преводот на романски јазик во романската Академија во Букурешт. Нецхамер лично му ги предал томовите од дневникот дури и на патријархот на православната црква во Романија, Теоктист. Но, тоа не му било доволно и 71-годишниот пензионер сега работи на романското издание на друго дело на неговиот вујко. „Фасцинантно да се работи со историјата“, вели Нецхамер. Сепак, негово животно мото е: „Сегашноста е единствената реалност“. Покрај тоа, тој вели: „Животот покрај Рајна дава чувство на учество во струјата на животот.“ Притоа, секогаш го привлекуваат и далечни места. Понекогаш тоа е Букурешт или Виена, каде оди за да работи во државни и црковни архиви, или во Рим, каде држи реферат на еден меѓународен симпозиум.

Нецхамер лично му ги предал томовите од дневникот дури и на патријархот на православната црква во РоманијаФотографија: DW/Borisova

Учењето мора да биде забавно

Николаус смета дека има повеќе работа како пензионер отколку додека работел. Нецхамер и неговата сопруга Марија воделе сопствено приватно училиште повеќе од 36 години. Училиштето им го одредувало темпото на живот. Нецхамер радо се сеќава: „Имаше постојана размена меѓу нас од една страна, и учениците, родителите, учителите од другата. Сега веќе го нема тоа, заврши.“ Приватното училиште било како мал, посебен свет, еден микрокосмос. Нецхамер во никој случај не се смирил по пензионирањето. По заболувањето на сопругата потребно му е подолго време во домаќинството. И покрај тоа, Нецхамер наоѓа време за неговите истражувања и затоа често седи пред компјутер. Кореспонденцијата, извадоците од книги и материјалите од архиви се собрани во два големи дрвени ормани. „Сакам истовремено да правам повеќе работи.“ Тој смета дека тоа е поврзано со фактот дека е левучар, а го научиле да пишува со десна рака, што порано било вообичаено во Германија. Затоа сега, секогаш се обидува да прави нешто со двете раце. Тоа го смета за своја слабост.

Имав многу среќно детство и покрај строгите родители, вели НецхамерФотографија: privat

Прошетки до исцрпување

Кога е некој активен, потребен му е мир и одмор. За Николаус тоа се долгите прошетки. „Во првите два часа од потсвеста испливува се‘ што не е преработено. Се јавуваат заборавените работи, кои без исклучок треба да се направат. По два часа станува помирно, веќе нема конкретни размислувања, само впечатоци и чувства, најчесто пријатни. Тие ве обземаат.“

Долги прошетки за да се смири мозокотФотографија: DW

Роден е на границата со Швајцарија, во малото погранично село Ерцинген, каде пораснал во тесна врска со природата. Семејството имало доволно полиња и ливади и самите произведувале најголем дел од потребните прехранбени производи. Во нивното семејство биле десет деца: „Имав многу среќно детство и покрај строгите родители. Се разбира и ние децата работевме на поле и во домаќинството.“ Редовните семејни средби во родното место и денес се традиција. Николаус Нецмахер смета дека е среќен, и покрај тоа што не можел да си оствари еден животен сон - сакал да стане познат органист.


Автор: Марина Борисова / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми