1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работата од дома им штети на многу бранши

Клаус Улрих
24 октомври 2020

Работата од дома би можела да биде модел на работење во иднина. Но, кога милиони луѓе во метрополите веќе нема да патуваат до работното место, тоа ќе се одрази драматично на некои економски гранки.

Homeoffice - Arbeitsplatz in der Coronakrise
Фотографија: Imago/B. Friedel

Добрите искуства во корона-кризата им оставија видлив впечаток на дел од шефовите на фирми. „Врз основа на новите искуства и сознанија, многу претпријатија планираат поинтензивно користење на работењето од дома и по завршување на кризата“, вели Даниел Ердзиек, експерт во сферата на истражување на дигиталната економија во Центарот за европски економски истражувања (ЗЕВ), кој спроведе анкета во 1800 компании.

Повеќе работа од дома, меѓутоа, значи и помалку луѓе кои патуваат до работното место, а тоа може да има последици, произлегува од анализа на кредитното осигурување Атрадиус. Бројот на банкроти би можел да се зголеми, вели Михаел Каренберг, регионален директор во Атрадиус.

Тој додава дека ретко која компанија би претрпела сериозни штети по продуктивноста ако се работи повеќе од дома, но „со зголемување на мобилното работење ќе се прелоцираат деловните активности, а тоа води пред сѐ до зголемена несигурност во браншите чиј обрт зависи од големиот број работници кои патуваат до работното место во градовите и од луѓето кои работат во канцеларија“.

Работа од дома во време на корона (во проценти на работници): светло сино - работа од дома; темно сино - делумно работа од дома, делумно во канцеларијаФотографија: .

Се преиспитуваат издатоците за кирии

Така, според студијата на Атрадиус, празните канцеларии во многу компании би можеле да бидат повод за преиспитување и поставување на прашањето - дали во иднина ќе биде неопходно да се обезбеди постојано работно место за секој вработен и дали за таа цел ќе биде неопходно изнајмување големи деловни површини. Во многу случаи ќе се покаже дека трошоците за таа цел се превисоки. Особено кај големите компании годишните издатоци за кирии изнесуваат честопати повеќе милиони евра.

Како последица од тоа, голем број фирми нема да ги продолжуваат своите договори за изнајмување. Тоа, пак, ќе значи значително топење на фондот за изнајмување недвижности, доколку не се најде профитабилен концепт за користење на површините потоа.

Повеќе:

Што сѐ се промени во светот поради коронавирусот

Корона: Иднината е во работа од дома?

Ќе го издржи ли интернетот времето на коронавирусот?

Покрај приватните инвеститори, од тоа ќе страдаат и голем број институционални инвеститори кои се упатени на добивки од тој тип. Тука, меѓу останатите, се вбројуваат и банките, инвестициските и капитални друштва, социјалните осигурувања, здравствените и пензиските фондови, управителите со имот, црквите, здруженијата и фондациите. Кај нив може да се отворат големи дупки во приходите.

Празни канцеларии значат и помали приходи за фирмите кои управуваат со мензите, пред сѐ поради тоа што ќе продаваат многу помал број јадења, а погодени ќе бидат и многу ресторани.

Празни канцеларии - секојдневие во време на коронаФотографија: picture alliance/PhotoAlto/S. Olsson

Гастрономија, текстилна индустрија...

Ќе се зголеми и несигурноста кај фирмите од индустријата со хартија. Во анализата на Атрадиус се вели дека работењето од дома ја забрза и дигитализацијата, па ќе биде потребна помалку хартија, особено онаа за печатење. Со тоа уште повеќе ќе се зголеми притисокот врз секторот, кој веќе минатата година беше соочен со големи ризици од банкрот.

Корона-пандемијата и работата од дома значително го намалија и бројот на деловни патувања. Разговори и преговори се водат сѐ почесто преку видео-конференции, односно преку телефон. Доколку таквиот тренд продолжи, тоа ќе создаде дополнителна несигурност кај рестораните и хотелите, кои зависат од оние кои патуваат службено.

Освен тоа, се намалува и потребата од канцелариска облека, како костуми и вратоврски. Тоа, пак, ќе има значително влијание врз профитот на компаниите кои имаат голем приход од канцелариска мода. Атрадиус проценува дека текстилната бранша во моментов е една од најзагрозените од банкроти.

Продажбата на бизнис-костуми се намалуваФотографија: Colourbox

Автомобили, работилници, бензиски станици

Во случај на трајно проширување на работата од дома, значително ќе се намали и бројот на поминати километри со автомобил. Тоа ќе биде плус товар за автомобилската индустрија, која и онака веќе две години е во тешка ситуација и зголемен ризик од банкроти на голем број доставувачи. Под поголем притисок ќе се најдат и работилниците и бензиските станици.

Големи загуби ќе имаат и продавниците во центрите на градовите. Тоа особено ќе се одрази пред сѐ на оние трговци на мало кои немаат онлајн-понуда и кои и онака се веќе тешко погодени од мерките за сузбивање на пандемијата поради карантините.

Онлајн-трговијата се вбројува во добитниците Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Профитери од кризата

Но, има и бранши кои би профитирале од интензивирана работа од дома. Тука се вбројуваат пред сѐ информатичката и комуникациско-технолошката бранша, кои може да сметаат со зголемен број на продадени компјутери, мобилни телефони, софтвер програми и техника за пренос на податоци.

Покрај тоа, добитници ќе бидат и компаниите кои нудат продукти и услуги за сопствениот дом, како производители и продавачи на мебел, поради тоа што многу места за работа од дома ќе треба да се преуредуваат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми