1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во Германија: „Исправно е да се отворат границите“

Линдита Арапи
29 август 2019

Германската влада во 2015. донесе одредби за Западен Балкан со кои се регулира начинот на кој работниците од регионот може да најдат работа во Германија. За тоа за ДВ зборува експерт на Институтот на германска економија.

Deutschland Flüchtlinge und Arbeit | Flüchtling aus Somalia, Ausbildungsbetrieb
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

ДВ: На германскиот пазар на работна сила итно му е потребен квалификуван кадар. Одредбите на германската влада од 2015-та за Западен Балкан го поттикнаа доаѓањето во Германија на илјада работници од Западен Балкан. Дали одредбите може да се наречат успешни?

Видо Гајс Тене: Тие беа голем успех. До 2015 година имаше само голем број баратели на азил од Западен Балкан. Оттогаш има голема миграција, лица кои во земјата наоѓаат работа и даваат голем придонес за постоењето на стручна работна сила во Германија. Севкупно гледано, малку е она што би можело да се смета за негативно во одредбите.

Дали се тоа навистина квалификувани стручњаци? Се слушаат критики дека занаетот во Германија се учи во професионални школи. Има ли забелешки од работодавците?

Мене не ми е познато дека некој од нив се жалел дека не станува збор за квалификувани работници. А ако ги погледнеме статистиките, се гледа дека половина од дојдените работат токму работи за кои се бара соодветно свидетелство.

Какви работници доаѓаат од Западен Балкан во Германија, повеќе послабо квалификувани или високо квалификувана работна сила?

Би рекол дека најголемиот дел од нив се некаде на средина кога станува збор за квалификациите. Има и високо квалификувани кадри, додуша помалку отколку што доаѓаат од некои трети земји, тука има послабо квалификувани работници во контекст на оние кои потекнуваат од други земји. Но, најголемиот дел од нив е навистина средно квалификуван, а под тоа подразбирам лица кои немаат диплома од некоја виша школа, но не се ни слабо квалификувани, туку посетувале некаква школа за занает.

Видо Гајс Тене е економски експерт од Институтот на германската економијаФотографија: IW/U. Wagner

Во кои бранши има најмногу такви работници?

Се работи за широк спектар, но гледаме дека многу лица од Западен Балкан работат градежни работи, нешто повеќе ги има во угостителството, како и во услужните дејности, а посебно во службите за хигиена и во здравството ги има нешто повеќе од други.

За колкав број работници станува збор? Што ги разликува од другите, да речеме оние од Источна Европа?

Знаеме дека на почетокот на 2019. имало 100 илјади работници за едноставни работни задачи и околу 60 илјади на работни места кои бараат квалификации, со исклучок од Црна Гора, таму нема статистика. Специфично е тоа што многу работат во тој среден сектор што инаку се гледа во ЕУ, а што не може да се каже за други трети земји.

Кога станува збор за теми како интеграција на пазарот на трудот, дали работниците од Балканот имаат и трајни договори за работа?

Не можам да Ви кажам во колкава мера се договори на ограничено, или на неограничено време. Но, да тргнеме од тоа дека се типични договори кои обезбедуваат заработка и даваат одредена сигурност, бидејќи тоа е услов за добивање дозвола за престој. Не треба да се смета дека сите се на слабо платени работни позиции под лоши услови, туку се работи за регуларни услови за работа која е добро платена.

Имате ли сознанија за проблеми или случаи да не им се продолжат договорите?

Немам такви податоци, но мора да се има предвид дека луѓето од Западен Балкан кои добиле работа врз основа на одредбата за Западен Балкан со губењето на работата автоматски ја губат и дозволата за престој, поради што мораат да се вратат. Колку лица се задржуваат во сива или црна зона е тешко да се процени.

Каде ги гледате проблемите за оваа категорија работници од Балканот? Со какви ризици се соочени овде?

Всушност гледам мал ризик за лицата од Западен Балкан, бидејќи знаеме дека нивото на заработувачка во Германија е далеку поголемо отколку во шесте земји. Тоа значи дека ним им се исплати дури и ако се овде релативно кратко време. На Германија ѝ недостасуваат квалификувани работници и во моментов на пазарот на труд им се нудат и долгорочни договори. Но, и кога луѓето се враќаат назад, побогати се за едно искуство кое може да биде добро вреднувано и во нивните земји. Така што, гледам мал ризик за лицата кои доаѓаат во Германија.

Овие земји веќе сега се соочени со проблеми, имаат голема миграција, многу луѓе сакаат да дојдат во Германија и тука да најдат работа. Но, кој ќе ги замени водоинсталатерите или медицинските сестри, кои и онака се во мал број? На пример, министерот за здравство сака да донесе негуватели од Косово.

Германската влада не е вистинскиот соговорник за стратегијата за Западен Балкан. Тоа е Европската унија и на ниво на ЕУ има стратегии за Западен Балкан. Тие го гледаат тоа и секако дека се разговара на темата дека германската влада сака да доведе стручна работна сила од Западниот Балкан. На тоа можам само да кажам: исправно е да се отворат границите и да се каже дека на лицата им е дозволено да дојдат во земјата. Таргетирано врбување на работна сила од Балканот, имајќи го предвид демографскиот развој и наведените проблеми на пазарот на труд, не е многу поволно.

Каква стратегија би можела да им помогне на овие земји?

Она што во крајна линија може да им помогне на овие земји е приближување кон ЕУ, со што на среден рок би можеле да профитираат од европскиот заеднички пазар, како и од помошта на ЕУ за регионален развој. Единствено нешто кое би помогнало е вистински пат кон ЕУ. Тоа особено важи за земји како што се Босна и Косово. Тука мора да бидат расчистени имотните и корисничките права. Тука се потребни потемелни реформи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми