Новиот германски Закон за доселување квалификувани работници е во сила само неколку дена, од 1 март. Само изминатиот викенд една германска фирма за вработување во Нови Сад ангажирала 29 луѓе.
Реклама
„Од понеделникот Паул Штрулер е повторно во Германија. Прокуристот на фирмата за вработување работници „Минтајм хјуман рисорсис д.о.о.“ викендот го поминал во Србија. Од октомври оваа фирма има канцеларија во Нови Сад. Во саботата таму е одржан втор информативен разговор. Како и првиот пат, дошле околу 50 лица кои фирмата ги повикала преку оваа канцеларија. На крајот останале 29 кои, како што сега стојат работите, ќе добијат работа во Германија. Заднина на сето ова е првенствено Законот за доселување квалификувана работна сила кој е во сила од 1 март и ја олеснува миграцијата на луѓе од земји надвор од ЕУ.“
Германскиот весник Лампертхајмер цајтунг пишува дека фирмата „Минтајм“ секојдневно чувствува недостиг од квалификувани работници. „Тоа е причина поради која отидовме во странство“, објаснува Штрулер. Пред седум години, оваа фирма од Дармштат ја отворила својата прва филијала во Шпанија. Сега размислува за отворање нови канцеларии на Косово и во Литванија. Минатата година „регрутирала“ околу 50 странски работници, оваа година ќе ги има околу 100, вели Штрулер.
„Тој додава дека потребата од квалификувани работници е толкава што од 150 до 170 работници за привремена работа, колку што ги има ’Минтајм’ на договор, секоја година една третина од нив преминува во стален работен однос. Така, во Хесен, според информациите од Индустриската и трговска комора ИХК, моментно недостигаат 28.000 квалификувани работници, а ширум земјата, според Сојузната агенција за труд, се бараат преку еден милион, само во негувателската бранша недостигаат околу 25 до 30 илјади луѓе. Некои клиники веќе си ги преземаат една на друга вработените со премија за премин во новиот тим, која се движи и до 5.000 евра“, пишува весникот.
Неколку совети за аплицирање за работа во Германија
Во Германија, апликантите често пати грешат за исти работи. Еве неколку совети како да го направите следниот чекор во процесот на вработување. Многу нешта звучат очигледно, но не ги потценувајте!
Фотографија: Colourbox
ТРЕБА: Аплицирајте за реалистични работни места
Прочитајте го описот на работното место и бидете сигурни дека ви одговара. Доколку тукушто излегувате од училиште, немојте да аплицирате за директорско место. Но, истовремено не бидете прескромни. Компаниите често добиваат огромен број апликации и посветуваат едвај 5 минути за секој кандидат. Доколку веднаш не увидат дека одговарате, Вашата апликација ќе заврши во одбиените.
Фотографија: picture-alliance/dpa
НЕ ТРЕБА: Да испраќате нецелосни апликации
Бидете сигурни дека испраќате се што е потребно за огласот. Секогаш нека ви бидат подготвени документите, за да не пребарувате во последен момент. Најчесто ќе ви требаат Биографија, Мотивациско писмо, препораки и ПДФ копии на дипломите, како и други документи кои ја докажуваат Вашата квалификација.
Фотографија: C. Klose/dpa/picture alliance
ТРЕБА: Држете се до стандардот
Иако креативноста е често добар квалитет, треба да водите сметка за некои германски стандарди во апликацијата, на пример: датум на раѓање, брачен статус - и најконтроверзно- Ваша фотографија.Тоа е традиција во Германија. Повеќе не е неопходно, но комисиите сакаат да ја видат, макар и само за да им помогне да ги запаметат кандидатите.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
НЕ ТРЕБА: Испраќање до непознат
Не ја адресирајте апликацијата со „До засегнатите“ или „Драги г-не, дрaга г-ѓо“. Потрошете малку време на истражување на компанијата и пронајдете кој е шеф на човечки ресурси. Тоа покажува иницијатива и интерес. Пребарајте на интернет страницата на компанијата или на социјалните мрежи за да знаете кому да се обратите. Не заворавајте да ја наведете и адресата на компанијата на писмото.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose
ТРЕБА: Лекторирајте
Ова е нешто што оние кои регрутираат постојано го потенцираат- лекторирајте! Лесно е, бесплатно и не одзема многу време. За некои оддели едноставните јазични грешки се крај. Други имаат повеќе разбирање, но сепакт остава многу лош впечаток, особено ако другите апликанти се потрудиле нивната апликација да биде безгрешна.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
НЕ ТРЕБА: Да го правите сами
Побарајте помош или совет, особено доколку не сте од Германија и не ви е мајчин јазик. Нека препрочитаат и нека ви сугерираат идеи. Дури и доколку Биографијата ви е на англиски, вашето мотивациско писмо треба да е на германски. Работодавачите веројатно ќе сфатат дека некој ви помогнал, но ќе знаат и дека ви било важно да се претставите во најдобро светло.
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Marks
ТРЕБА: Да биде автентично
Лажење во апликацијата е лоша идеја. Бидете свои и бидете креативни. На германскиот пазар на трудот сега е далеку понеформално во однос на изгледот. Тетоважи, пирсинг и шорцеви до неодамна беа неприфатливи. Сега дури и полицајците си ги покажуваат тетоважите. Овие добредојдени промени имаат врска со дигитализацијата и недостатокот на квалификувани работници.
Фотографија: picture-alliance/empics/A. Matthews
НЕ ТРЕБА: Да бидете неконзистентни
Вашето резиме и мотивациското писмо нека бидат конзистентни. Тоа се однесува на форматот, фонтот, јазикот, сѐ. Тоа се првите нешта кои се гледаат и кои оставаат впечаток. Содржината исто така мора да биде конзистентна: датуми, места, настани... не смее да има разлика. Во суштина, подобро е да се испрати повеќе одошто помалку. Но, истовремено, не претерувајте со текст од 30 страници!
Ова е важна животна лекција која многумина се уште ја игнорираат кога постираат пијани фотографии или неприкладни нешта. Замислете што ќе помисли идниот шеф за Вас? Дополнително, вашите социјални профили треба да бидат ажурирани и да покажуваат позитивен имиџ на прикладен кандидат за работното место кое се бара.
Фотографија: picture-alliance/empics/D. Lipinski
9 фотографии1 | 9
Кога станува збор за занаетчиски дејности, Занаетчиската комора пренесува дека во ниедна бранша нема доволно луѓе. „Потребата од работници е огромна во куќната техника, погоните за производство на животни продукти и во здравството и градежништвото“, наведува претседателот на Занаетчиската комора, Бернд Ехигер.
Помош во првите шест месеци
Кандидатите од Нови Сад доаѓаат од медицински професии, пишува Лампертхајмер цајтунг - од лекари па се` до негуватели или физиотерапевти. Тука се и возачи на автобуси и камиони, столари, хемичари, мехатроничари, инженери за машиноградба и логистика. Работниците од земјите надвор од ЕУ, поради компликуваните прописи, не можат да бидат ангажирани во фирми кои позајмуваат работници на одредено време, па „Минтајм“ за нив бара само работа на регуларниот пазар на работна сила.
Германските претпријатија на „Минтајм“ му пријавуваат кои работни места сакаат да ги пополнат, а оваа фирма бара адекватни работници. „Тие најчесто добиваат цврсти договори“, вели Штрулер. А „Минтајм“ ги презема сите потребни административни работи, собира документи, свидетелства и дипломи, потврди за завршени курсеви по германски јазик и на крајот поднесува барање за виза во германскиот конзулат.
Во текот на првите шест месеци во Германија, фирмата им помага на дојденците на пример во барање стан или отворање тековна сметка. „Законот има повеќе од 130 страници. Барањата се комплексни“, а кон тоа треба да се додадат и прописите од земјите на потекло. На претпријатијата не им се исплаќа самите да ги средуваат сите тие работи. Уве Фетерлајн, главен директор на ИХК, вели дека „на секое трето претпријатие му се потребни поддршка и повеќе информации.“
Процедура - за секој поединечно
Тоа се покажало и на информативниот состанок од почетокот на овој текст. За успех е најважно на надлежните места да се нагажира доволно персонал, за процедурата за секој да може да се заврши без застој, додава Дирк Видух, директор на Здружението на претпријатија од јужен Хесен.
А Паул Штрулер вели: „Многу не` интересира кога нашите луѓе ќе почнат со работа“. И неговата работа не е едноставна, но тој прави и добра заработувачка - зема процент од годишната плата на секој работник кој се вработил благодарејќи на „Минтајм“. Штрулер не сака да споменува конкретни суми. Во круговите блиски на браншата се споменуваат 20 до 30 проценти, според конкретното занимање, пренесува германскиот весник Лампертхајмер цајтунг.
11 зборови кои ви се потребни за работа во Германија
Сакате да работите во Германија? Научете ги овие 11 зборови. И да, бирократија е едниот од нив!
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer
Büro(kratie)/Бирократи
Многумина не работат во канцеларија, но доколку работите во Германија, канцеларија се вика „Büro“. Се разбира, од биро до бирократија нема голема разлика и многу канцеларии во Германија го исполнуваат стереотипот со тоа што ги ставаат работите во кутии, наместо да размислуваат надвор од нив. Ова може да доведе до многу „Amtsschimmel“ што во буквален превод значи канцелариска мувла.
Фотографија: Olaf Wandruschka - Fotolia.com
Chef/Шеф
Секој вработен во Германија има „Chef“. Тоа е нивниот претпоставен и не, тој не готви за нив. Доколку претпоставениот е жена, тогаш се вика „Chefin“. Зборот е предизвик и „лажен пријател“ за Германците кои учат англиски јазик. Но, зарем не би сакале да имате личен готвач? Тој луксуз е резервиран само за врвните директори – кои немаат претпоставени.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Telko/Телко
Добрата комуникација е клучна за успешно завршување на работите, нели? Во модерниот и глобализиран свет сите со кои треба да комуницирате не се во вашата зграда. За голем број од вработените, телефонските конференции, „ Telefonkonferenz “, се секојдневна рутина. Германците сакаат да ги кратат зборовите па така „Telefonkonferenz“ станува „Telko “.
Фотографија: Gajus - Fotolia.com
Gleitzeit/Глајтцајт
"Gleitzeit" – во буквален превод значи „лизгаво време“ и е сон за сите кои не се ранобудци. Тоа е флексибилно време. Додека колегите го пијат третото кафе во 9:59 часот наутро, можете да дојдете на работа пред да почне најдинамичниот дел од работниот ден. Но, тоа можете да го направите само доколку некој од вашите колеги не закажал „Telko “ во 8 часот.
Фотографија: Colourbox
Kantine/Кантине
Јадењето на топол оброк за ручек е многу важно во Германија. Голем дел од компаниите нудат „Kantine“, односно кафетерија/кантина каде што може да се најдат традиционални јадења. Доколку внимавате на вашата тежина, тогаш добра идеја би било да си понесете јадење од дома. Во секој случај, кога Германец ќе види дека јадете ќе ви рече "Mahlzeit", односно „пријатно јадење“.
Фотографија: Imago
Quereinsteiger/Кверајнштајгер
Во Германија, вообичаено е луѓето да работат во полето во кое биле образувани и долго да останат на тоа работно место. Неретко е многу тешко да ја промените работата затоа што голем дел од работодавачите очекуваат дипломи и сертификати од нивната област. За оние кои успеаваат да се преориентираат има посебен збор: "Quereinsteiger", што во буквален превод значи - страничен сурфер.
Фотографија: Colourbox/Pressmaster
Ausgleichstag/Аусглајхстаг
Работевте прекувремено во последно време? Тогаш време е да ги земете заработените пари и да одите на „Ausgleichstag“, односно да земете слободен ден за компензација. Доколку имате само еден ден и живеете на северниот брег, можете да прошетате по плажа. Но, доколку ви се собрани повеќе денови, имате доволно време да организирате некое подолго патување. Само мобилниот телефон оставете го дома.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Naupold
Betriebsrat/Бетрибсрат
Да се биде фер е приоритет во германската работна средина и секоја компанија задолжително мора да има „Betriebsrat“, односно совет на вработени кои ги застапуваат своите колеги. Тие се медијатори и ги олеснуваат преговорите со менаџментот со цел да се осигураат дека сѐ тече како што треба. Ако размислувате да се кандидирате за некоја јавна функција, „Betriebsrat“ е добро место за почеток.
Терминот значи „одговорно лице за обезбедување на еднакви можности“. Позади импресивната титула, стои важна улога која обезбедува фер работна средина. Овие лица учествуваат во процесот на регрутирање на нови работници и се присутни на интервјуата. Нивната задача е да се осигураат дека жените, лицата со попреченост и малцинствата имаат исти можности при вработувањето како сите други.
Фотографија: Fotolia/Andrey_Arkusha
Elternzeit/Елтернцајт
Се преведува како „време за родителите“, но во пракса тоа е всушност „време за децата“. Стапката на новородени во Германија е толку ниска што потенцијалните родители се мотивираат со 12 до 14 месеци платено отсуство од работа, т.е. „Elternzeit“, а по раѓањето на детето, на родителите им се гарантирани следните 3 години на работното место.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Feierabend(bier)/Фајерабенд(биер)
Сите добри нешта имаат крај (дури и работниот ден). Во Германија, тогаш започнува забавата (дури и за канцеларката). Крајот на работниот ден се нарекува „Feierabend“- „време за забава“. За освежителниот пијалок во кој речиси сите возрасни уживаат на крајот на денот има посебен збор „Feierabendbier“, односно пиво за крај на работниот ден.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer
11 фотографии1 | 11
Забрзани процедури
Новиот Закон за доселување квалификувани работници важи од 1 март. Услов за вработување е свидетелството или дипломата на идниот работник да бидат признати во Германија пред соодветното лице да дојде во Германија, да заврши курс по гемански јазик на ниво Б2, а дозволено е и доаѓање во Германија на шест месеци со цел да се бара работа - доколку кандидатот за тоа време може сам да ги финансира трошоците за живот.
Стручњаците од ИТ-браншата не мора да поднесуваат дипломи, но мора да имаат три години работно искуство и очекуван месечен приход од најмалку 4020 евра. Доселениците постари од 45 години мора да имаат плата повисока од 3.685 евра и доказ за уплаќани придонеси за пензија, социјално осигурување. За издавањето визи да се одвива побрзо, во германските конзулати и служби за странци е ангажиран дополнителен персонал.