Речиси 400 илјади бегалци кои од 2015 година дојдоа во Германија, во меѓувреме добија работно или место за занаетчиска обука. Тие знаат што е клучно за успех на пазарот на труд во Германија.
Реклама
Махмуд ал Хомси имал сосема поинакви планови во животот. 29-годишниот Сириец сакал да биде просветен работник. Во Дамаск студирал француска книжевност, кога избувнала војната. Ал Хомси, муслиман, сунит, требало да се бори на страната на трупите на Башар ал-Асад. Тој не сакалви решил да избега од земјата. Преку Турција и Балканската рута - Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија, пристигнал во Германија. На крајот на 2015 година дошол во Бон. Ал Хомси добил дозвола за престој, а потоа во Германија дошла и неговата сопруга. Набргу потоа, меѓутоа, сфатил дека неговиот сон нема да се оствари. „Ќе морав да студирам од почеток. За тоа немам време“, вели Ал Хомси.
Наместо тоа, тој ја разгледал брошурата на Сојузната агенција за вработување (БфА) во која се наведени можности за учење занат. И се одлучил да учи за оптичар. Од 1. август тој е на обука во една оптичарска продавница во бонската населба Бад Годезберг. Ал Хомси е многу среќен: „Тоа е повеќестрана работа со многу добри изгледи за иднина. Можам истовремено и да работам во продавницата и да ги опслужувам муштериите. Оваа обука за мене е перфектна“
Успешна борба со бирократијата
Махмуд Ал Хомси денес не би бил толку воодушевен од новата перспектива, доколку пред три години оптичарката Ула Фасбендер не беше толку упорна. Таа во 2016 година започна борба против германската бирократија за да постигне еден друг Сириец да добие дозвола да учи занает во нејзината продавница.
Долгогодишната борба заврши во нејзина полза. Оваа оптичарска продавница во изминатите 12 години обучила 20-тина девојки и момчиња, а минатата година од Занаетчиската комора во Келн доби награда за висок социјален ангажман. Признание за извонредната поддршка на младите луѓе годинава стигна и од Сојузната агенција за вработување. „Кога пред неколку недели ја примив наградата, раскажав сѐ за тоа како се одвиваа работите во 2016 година и претставниците на агенцијата тогаш се сетија: Ах, да тоа бевте Вие!“
Бегалците можат да го решат проблемот со недостатокот на стручни кадри
Ангажманот на Ула Фасбендер со младите Сиријци не е бескорисен: „Овде, во Бад Годезберг, имаме многу сограѓани со арапско потекло. Тие сега имаат личност со која можат да разговараат. На тој начин и јас добивам клиенти“. Ула Фасбендер се жали дека на германскиот пазар на труд стана многу тешко да се убедат младите луѓе да се обучуваат за оптичарскиот занает. „Со месеци бараме квалифицирани работници и лица кои се заинтересирани за учење занает. Можеби многумина се плашат од работното време, бидејќи продавницата е отворена и во сабота“.
За Махмуд Ал Хомси тоа не е проблем. „Како помошник работев и во столарската продавница на брат ми. Оттаму носам многу нешта што се поврзани со занаетот“. Меѓутоа, освен точноста и сигурноста, она што му е потребно да застане на нозе во Германија е и германскиот јазик. Ал Хомси го положил тестот за петтиот од вкупно шест степени. Тоа не му е доволно. И натаму грижливо го учи јазикот. „Мора да се совлада германскиот јазик. Тоа е она поради кое не успеваат многу бегалци. Но јазикот овде е клуч за сѐ“.
Луѓето на Балканската рута
Стотици илјади луѓе пред една година патуваа кон север преку Балканската рута. Подоцна бројот на бегалците значително се намали, но сѐ уште преку Балканот минуваат илјадници луѓе. Марија Илчева сретна дел од нив.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Родено во бегство
„Во Грција сме од пред шест месеци. Нашето бебе е родено во Турција“, раскажуваат Ахмад и Винус. Тие доаѓаат од село во близина на Латакиа. Во руските бомбашки напади загубиле сѐ.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Десет години бегалец
Абдуламир има 49 години. Последните 10 години овој Ирачанец живее во бегство. Во февруари 2016 дошол во Грција. „Непосредно пред грчкиот брег се појави брод на турската крајбрежна стража. Тој предизвика големи бранови. Смртно се преплашивме.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Кон Германија, „како и останатите“
„Во Бугарија стигнав вчера - преку Турција. Одам за Германија, како и останатите“, вели со широка насмевка 18-годишниот Фарман од Пакистан. „Германија е многу убава. Таму сакам да работам како готвач. Можам многу добро да готвам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Кон Германија - по секоја цена“
„Србите по трет пат ме вратија назад во Бугарија. Но, ќе се обидам повторно. Одам за Германија, по секоја цена“, вели 28-годишниот Пакистанец Васим (со бела маичка). „Многу други успеаја, ќе успеам и јас.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Две семејства од Кина
Во бугарскиот бегалски камп Пастрогор доминираат млади луѓе од Авганистан и Пакистан. Таму живеат само две семејства. Тие се Монголци од Кина. И тие сакаат во Германија. Доаѓаат од Шилин Гол во автономната територија Внатрешна Монголија во НР Кина. „Постојано сме изложени на репресии поради тоа што сме Монголци.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Во Германија за да биде таксист
Патот од Пакистан до Германија го чини 6 илјади американски долари. Али (лево) е две недели во бугарскиот камп Пастрогор. Сега чека повик од шверцерот. „Морам да заминам за Германија. Мора да ја поддржувам финансиски мојата фамилија во Пакистан. Можам да возам такси.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Христијанин меѓу муслимани
„Јас сум христијанин и постојано сум навредуван од муслиманите во овој бегалски камп“, вели 22-годишниот анестезиолог од Иран. „Можам да си претставам да живеам во Бугарија. Само морам задолжително да се тргнам од луѓето со поинаква вера. Тие ми додеваат.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Вратете ме назад“
„Please, Mister, please, deport. Pakistan“, го моли овој човек (десно) раководителот на сместувалиштето за бегалци во Пастрогор. Неговото дете тешко се разболело и тој бара да го вратат кај него. „Патувањето за Европа беше грешка“, вели тој. Не е единствениот што мисли така. Назад сакаат и некои бегалци од Авганистан.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Тепан од полицајци
Хорам од Пакистан неколку дена е во бегалскиот камп во српскиот град Суботица. Тој веќе се обидел да ја мине границата со Унгарија. „Таму бев брутално истепан од унгарски полицајци. Зошто? Не разбирам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Посредно преку Италија
Омар Хидад е во бегство 11 месеци. 23-годишниот Пакистанец во меѓувреме е во Србија. Од Суботица сака да продолжи за Италија. „Таму добиваме азил многу бргу. Потоа ќе можеме да патуваме каде што сакаме“, се надева Хидад.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Надеж за враќање
„Две недели сум во Келебија и се надевам дека наскоро ќе смеам да поднесам барање за азил во Унгарија“, вели ова момче од Сирија на српско-унгарската граница. „Кога војната во Сирија ќе заврши, ќе се вратам назад. Сирија е моја татковина. Моето срце ѝ припаѓа нејзе.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Меркел нѐ покани“
„Што направи госпоѓа Меркел?“, прашува ова момче од Авганистан. Тој една недела е во транзитната зона на српско-унгарската граница. „Таа нѐ покани и сега? Сега ги затвори границите. Зошто?“