Водечки трговски претпријатија во Германија бараат слобода при одлучувањето дали нивните продавници ќе бидат отворени во недела или не. За ова прашање се дискутира со децении.
Реклама
Целта на иницијативата „Недела по сопствена определба“ е да стави крај на дискриминацијата на трговијата на мало во градовите, изјави шефот на концернот Карштат, Штефан Фандерл. Недела е еден од најважните денови за купување во онлајн-трговијата. Сега мора да се стави крај на нелојалната конкуренција, бараат трговците и нагласуваат дека притоа нивна цел не е да се работи секоја недела од годината.
Дали и колку често стоковните куќи и продавниците би работеле во недела би требало да им биде препуштено на одлучување на самите трговци, сметаат во иницијативата „Недела по сопствена определба“. Во моментов, тие имаат право да работат неколку недели во годината, а одлука за тоа носат покраините. Термините пак ги определуваат општините.
Додека во многу германски покраини смее да се работи во четири недели од годината, во Берлин е тоа дозволено во десет недели. Шефот на Здружението на трговци на Германија (ХДЕ), Штефан Гент, нагаласува дека регулација како во главниот град „се чини дека е во согласност со Уставот“.
Црквите и синдикатите се спротивставуваат на ваквите барања и денеска основаа „Алијанса за слободна недела“. Тие велат дека трговијата сака да ги претвори неделите во денови за шопинг. Тоа, пак, би имало влијание не само врз трговијата, туку и врз други општествени дејности, како градинките, згрижувањето на учениците или работните времиња на администрацијата.
Спорот околу работењето во недела во Германија трае со децении. Се полемизира околу правата на работниците, практикувањето на верата, културата на празнување и економските предности, односно последици. Законите и судските пресуди се во насока на трендот на олабавување на забраната за работење во недела.
Каде е поевтино: во Македонија или во Германија?
Нашиот заклучок: без оглед на огромната разлика во животниот стандард и просечната плата, цените во Германија во најголем дел се поевтини. Во Македонија осетно поевтини се само солта, кафето, овошјето и зеленчукот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Леб
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Масло за јадење
Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Млеко
Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско“ млеко е околу 1 евро.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Кашкавал
Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Сол и шеќер
Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари.
Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Ориз и брашно
Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Јајца
Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Зеленчук
Доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија - 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама.
Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Овошје
Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Пиво и алкохол
Просечната цена на пивото е нешто пониска во Македонија и тоа само за домашните марки. „Хајнекен“ од 0,33 литри во Македонија чини 55 денари. Во Германија нешто под 1 евро, доколку купите „сикспек“. Поеетиното виски од 0,75 литри како „Џони Вокер“, „Балантајн“ или „Џејмисон“ во Македонија чини околу 1.000 денари. Во Германија истото има просечна цена од 10 евра (600 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Вино
Цените на виното во Македонија се релативно високи во споредба со она што се нуди на европските пазари. Најевтиното сортно македонско вино започнува од 170 денари за шише, а поквалитетното се нуди во просек за 500 денари. За споредба, македонско вино флаширано во Германија во овдешните супермаркети чини 1,6 евра (100 денари). Врвните сорти во Германија можат да се купат за просечни 6-7 евра.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Шампони за коса и гел за туширање
Разликите се големи и во цените на шампоните за коса меѓу двете земји иако се работи за истиот маркет. Шампон „Пантен Про-В“ од 200 милилитри во Македонија чини 208 денари, а во Германија 1,45 евра или околу 90 денари. Гел за туширање од 250 мл на „Балеа“ во Македонија во просек чини околу 120 денари, а во Германија поголемо количество од 300 мл чини 0,55 евра или малку над 30 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Течен сапун и детергент
Течен сапун „Балеа“ во моментов се нуди на попуст во Македонија за 79 денари, а редовната цена му е 105 денари. Во Германија редовно се продава за 55 центи или за нешто повеќе од 30 денари, а на попуст и поевтино. Детергент „Персил“ за 20 перења во македонскиот ДМ чини 365 денари. Во германскиот ДМ истиот детергент по редовна цена се продава за 5,15 евра или околу 320 денари.