1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работна група со помош на Ванхоуте ќе го преточува Договорот

Катерина Блажевска17 јули 2015

Се прецизираат законски и персонални решенија во ДИК, Агенцијата за медиуми, Бирото за јавна безбедност, ДКСК и УЈП, како фундаментални за демократизација на општеството, велат партиски извори

Фотографија: picture-alliance/dpa

Решението за излез од кризата е постигнато, но суштинската работа допрва почнува. По честитките и рецензиите за договорот, следува најтешкиот дел - негова имплементација. На тоа се посветени работни групи, кои голем дел од обврските треба да ги завршат до 31 јули. Комесарот Јоханес Хан и европските пратеници Кукан, Вајгл и Ховит се вратија задоволни во Брисел, но во Скопје остана белгискиот експерт за јакнење на институционалните капацитети, Питер Ванхоуте, со чија помош работните групи ги прецизираат решенијата.

„Се прецизираат законските и персоналните решенија во Државната изборна комисија, Агенцијата за медиуми, Бирото за јавна безбедност, Државната Комисија за спречување криминал и корупција и Управата за јавни приходи, кои се фундаментални за демократизација на општеството“, велат од СДСМ.

ДУИ најактивна со предлози

Во контекст на договорот на 2 јуни, ДУИ до работните групи ги доставила нејзините предлози за точките што се однесуваат на меѓуетничките односи, на целосната имплементација на Охридскиот договор, добрососедските односи и евроатлантските интеграции. Предлозите што ги доставивме се јасни и концизни, велат од оваа владејачка партија.

„Тие се однесуваат на поделба на трите најзначајни државни позиции (претседател, премиер и претседател на Собранието) со ротација, фер и правична распределба на буџетот, балансиран регионален развој, jазични политики, соодветна и правична застапеност, консенсуалност, помирување, национални симболи, договорот од 29 Мај, 24-часовна државна телевизија на албански јазик, мерки за градење доверба и ресоцијализација“, објаснуваат од ДУИ.

Партијата предложила и теми за разговор кои се однесуваат на односите со Албанија, Косово, Бугарија и Грција, заедно со предлози за забрзување на евроатлантската интеграција на Македонија. Но, тоа не е се‘. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера во Тетово беше домаќин на поранешниот дипломат, Питер Фејт, со кого разговарале околу проект за експертиза на досегашната имплементација на Охридскиот Договор. Проектот го води Фејт во име на Европскиот институт за мир, а е финансиран од земјите-членки на ЕУ.

„Ахмети вети целосна поддршка за реализирање на вистинската слика за спроведување на Охридскиот Договор и за подготвување на препораките за продолжување по патот кон интегрирано општество“, објаснуваат од ДУИ. На критиките дека партијата сака да протурка и предлози кои во моментов не се приоритет, од ДУИ одговараат дека сето тоа произлегува од точката 4 од Договорот. Во него се вели: „Партиите се согласуваат дека треба да дејствуваат во интерес на сите граѓани, за решавање на критичните предизвици со кои се соочува државата, консолидирање на економскиот и демократскиот развој, зајакнување на меѓуетничките односи, целосно спроведување на Охридскиот Договор, зајакнување на добрососедските односи и меѓународниот имиџ, а со тоа да се доведе земјата кон евроатлантскиот пат“.

По договорот на лидерската четворка-следи потешкиот дел од работатаФотографија: MIA

Зелена“ проценка

Партиите се согласуваат дека најважен аспект на Договорот е токму неговата имплементација, бидејќи во спротивно, тој би бил безвредно парче хартија. Според аналитичарите кои деновиве детално го рецензираа Договорот, неговата вредност ќе се потврди само со доследно спроведување според утврдените рокови и со суштинско, а не техничко достигнување на поставените задачи, за што е потребна висока свест и одговорност. Но, патот и „цената“ за достигнувањето на демократските стандарди, се‘ уште различно се доживува и вреднува во Македонија. Пример за капацитетски дефицит во разбирањето на демократијата, вчера манифестираше Град Скопје, од каде преку соопштение информираа дека опозицискиот камп пред Владата предизвикал штета од еден милион денари.

„Стручните служби на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило” извршија и увид на терен на состојбата на средишното зеленило на булевар „Илинден“, како и на околното зеленило, при што е констатирано дека е целосно уништено, како и системот за наводнување на зеленилото (систем капка по капка). Штетата на системот за наводнување на зеленилото е во износ од околу милион денари и ќе се реконструира во наредниот период“, соопшти Град Скопје.

Соопштението беше дочекано со низа реакции и лавина од прашања дали таква проценка ќе се прави и во провладинот камп спроти Собранието.

Ова е трагикомично, вели режисерот и поранешен министер, Сулејман Рушити. „Ваквите соопштенија ми личат на текст од некои 'Монти Пајтон' филмови, особено кога доаѓаат од тие што за една секунда владеење прават толкава штета колку што претендираат дека е направено од камперите пред Владата. И после се‘, го кажуваат тоа без трошка срам. Некој што го уништил целото зеленило, ги исекол сите дрвја, ги бетонирал сите паркови, трагикомично е да проценува штета за уништена трева за време на протест. Жално е што инсталираа таква деканденција на мислата, која сама по себе ја прави државата некомпатибилна дури и со земјите од регионот. Се плашам, дека враќајќи се во антиквизацијата стигнале во времето на Прокруст, па ќе почнат да го имплементираат и неговиот стил“, реагира Рушити.

Од опозицијата потсетуваат дека уште пред одлуката за демонтирање на кампот најавиле дека тој простор деновиве ќе го облагородат со нови садници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми