1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работните групи конечно се сретнаа

Костадин Делимитов23 јули 2015

Специјалниот обвинител очигледно ги „диктира“ разговорите за имплементација на договорот од Пржино. Дел од експертите се скептични во искреноста на политичките противници и не гледаат политичка волја за конструктивност.

Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

По долги натегања, договарања, одлагања, политичките претставници конечно ја одржаа првата средба на работните групи за имплементација на договорот од Пржино, кој треба да гарантира излез од политичката криза и одржување фер и демократски избори. Четирите партии потписнички на договорот, во присуство на експерти од ОБСЕ, граѓанските организации Мост и Цивил, како и претставници на Министерството за правда, ги отвориле прашањата за подобрување на изборниот процес. Стартот на разговорите и „штурите“ информации за нивниот тек според дел од експертите укажува дека кај политичките партии нема подготвеност за конструктивност. Она што се случува реално на терен и она што и‘ се сервира на јавноста е сосема различно, што засега не дава оптимизам дека работите ќе се одвиваат мазно и според договореното:

„Очигледно е дека немаат ниту идеја а уште помалку знаење, капацитет и политичка волја за излез од кризата која тие ни ја наметнаа. Недозволиво е секој на свој начин и поради сопствени сметки да работи на рушење односно на нереализација на договореното. По којзнае кој пат се потврдува мојот став дека не може оние кои не‘ донесоа до оваа криза сега да глумат заинтересираност и да се појавуваат во улога на спасители. Работата уште на самиот старт е тргната наопаку и сега тешко ќе може да се исправи без засилен и сериозен притисок од страна на меѓународната заедница. Ова го велам поради фактот дека Мартовскиот договор беше прогласен за палома хартија, а сега договорот од Пржино лесно може да се случи да биде прогласен за тоалетна хартија. Основниот проблем е во тоа што наместо акцент да се стави на реформите и да се остави подолг период за реализација на истите, приоритет им се даде на изборите, односно на датумот на изборите кои треба да се одржат за многу кратко време. Значи, реформите за сите учесници во преговорите имаат второстепено значење. Филозофијата е ’нека почне нешто да се работи на полето на реформите, па до каде се стигне, стигне’. Битно е оној кој ќе загуби на изборите да подаде рака и да признае дека имало фер избори. Се‘ друго има второстепено значење вклучувајќи ги и реформите. Со ваквиот несериозен и неискрен пристап кон договореното, актуелните политички партии јасно даваат до знаење дека најбитни им се партиските и личните интереси на поединци, а најмалку националните и останатите општествени интереси. Повеќе сум од сигурен дека набрзо ќе ги видиме сите можни инструменти и техники на опструирање на реализацијата на начелно договореното од Пржино“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

По договорот, тешко до реализација?Фотографија: MIA

„Обвинителството бара алиби“

Ако се суди според изјавите на политичките противници и нивните реакции односно контраобвинувања, очигледно е дека специјалниот обвинител, а не Државната изборна комисија и избирачкиот список, добиваат приоритетно значење. Според СДСМ специјалниот обвинител е клучот за регуларни избори во април. Условот е тој да ги процесуира и реши сите криминали за кои јавноста слушна во телефонските разговори, вклучително и оние со наводна вклученост и на премиерот Никола Груевски:

„Можете да забележите многу имиња во соопштението на јавното обвинителство, луѓе кои разговарале, луѓе чиј криминал бил покажан со снимките, ама едно име многу чудно недостига, тоа е името на Никола Груевски. Кога се спомнува за плацевите на Водно, барем тоа се решиле, се охрабриле да го кажат, излегува дека плацевите на Водно се анонимни, дека не знаеме кој ги бирал, кој одлучувал, кој барал да се усвојат урбанистички планови. Ако забележите уште нешто, ќе видите дека оние снимки со криминалот за изградбата на автопатиштата, каде што Груевски бара мито во износ меѓу 15 и 18 милиони евра, Обвинителството се плашело дури и да ги спомене. Има серија на такви примери коишто покажуваат дека Обвинителстовото има една единствена задача – да бара алиби за тоа што нема да покрене вистински обвинение. Мислам дека денешното соопштение потврди колку важен беше тој дел од договорот постигнат на 15-ти јули, а тоа е дека Марко Зврлевски нема да има влијание врз истрагите. Ни треба Специјален обвинител кој ќе ја прочисти државава, кој ќе ја почне борбата со криминалот и кој ќе покаже дека нема функционер кој е над законот. Таа лекција треба да ја слушнат сегашните, таа лекција треба да ја чујат и сите идни министри, политичари, кој било во државата“, изјави синоќа потпретседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска.

„Свесно блокирање на процесите“

Форсирањето за специјален обвинител по „мерка“ на СДСМ за кој во јавноста се изнесуваат и информации дека требало да биде човек на опозицијата, според дел од експертите е смислена стратегија за купување време пред се‘ поради внатрепартиските превирања во СДСМ, генерирани од последните анкети:

„Бидејќи немаат други методи тие сега ќе почнат да прават проблеми на овие преговори, ќе се обидат да ја обвинат власта бидејќи немаат друго оружје. Но сметам дека тоа е погрешна стратегија, да се потпишеш на нешто па потоа да велиш не, се шегуваме. Меѓународната заедница е многу сериозна и нема играчка, таа ќе оди до крај и ќе биде ригорозна кон сите оние што свесно ќе го блокираат процесот. Така ќе биде и со овие работи, последните два дена интензивно се врти дека специјален обвинител треба да биде од нивни редови и да го обвини премиерот и најголем дел од власта кои би немале право ниту да се појават на избори како кандидати, што е спротивно на договорот од Брисел и Пржино. Ваквите изјави се недозволиви и лоши за државата. Тие прејудицираат, како можете да кажете што да прави специјален јавен обвинител, па нели тој треба да е независен? Со тоа не се решаваат проблемите, туку тие може да станат уште поголеми. Очигледно е дека овие постапки се резултат на внатрешните превирања во СДСМ и незадоволството и сега свесно сакаат да влијаат на негово неспроведување и повторно блокирање на процесите. Но од таквата стратегија повторно ќе загубат тие“ изјави за Дојче веле универзитетскиот професор Александар Даштевски.

Во каква атмосфера ќе продолжи она што стартуваше вчера, ќе се знае веќе во понеделник, за кога најверојатно е закажано продолжение на разговорите на работната група. Едно е јасно: дека време за губење нема, на што предупреди и Брисел, а тоа го потврдуваат и дадените рокови- до 31 јули да се модифицира составот на Државната изборна комисија, која пак до 30 септември треба да добие и поголеми овластувања за да обезбеди фер и слободни избори.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми