Работниците во БиХ обединети во сиромаштијата
21 октомври 2012 „Сега ќе дојде од состанок, таму е штрајкувачкиот одбор. Немој мене да ме интервјуираш. Немој, немој ништо...“ Заварувачот со сертификат од фабриката за флексибилни цевки „Панафлекс“ во Бјелина не смее да зборува.
Платата му е 450 конвертибилни марки (КМ), а со уште педесетина колеги и колешки веќе дваесетина дена штрајкуваат бидејќи им должат 4 плати и придонеси на платата. Вкупно 305.000 КМ за нив педесетмина. Во четвртокот 18. октомври, овој работник го чекаше исходот на разговорот помеѓу Ранка Мишиќ, претседателката на Сојузот на синдикати на Република Српска, и Војин Митровиќ, мнозински сопственик на „Панафлекс“. Договорот беше дека и понатаму ќе се преговара, а преставниците на медиумите за изјави чекаа 3 часа.
Приватизирај па пљачкосувај
„Панафлекс“ е само едно од приватизираните, па уништени претпријатија во земјата во која повеќе не може да се биде горд, чесен работник. Намалениот број работни места и неодговорни сопственици се причина за тоа работниците да мораат да молчат и кога им се правата загрозени.
Работничка во една приватна трговска фирма зборува за проблемите, но своето име го премолчува, бидејќи се плаши дека ќе стане дел од армијата 560.000 невработени во БиХ: „Должат 3 плати, а платата ми е помалку од 400 КМ. Регрес не примам, топол оброк исто така. Имам четиричлено семејство, па ете, гледате како се живее. Тоа е едно, а второ, се плашам дека ќе добијам отказ па нема да имам ништо потоа“.
Ранка Мишиќ истакнува дека Синдикатот не е задоволен со работата на инспекциските органи и дека отказот за работниците значи дека ќе немаат повеќе од што да живеат. Небојша Андриќ, претседателот на Регионалната синдикална организација на Бјелина, повторува дека работниците на писмено ги имаат сите права, но не и во пракса. За се’ се криви, како што кажува тој, криминалната приватизација, корупцијата и власта.
Власта не ги спроведува законите
„Кој ја има власта, тој треба да обезбеди и спроведување на законите. Меѓутоа, се разбира не може, кога во власта имаме луѓе кои се сопственици на тие пропаднати претпријатија. Па натаму, погледнете само на кои фирми им е извршено репрограмирање на долгот. Имаме приватни фирми кои не можат да добијат кредит од ИРБ (Инвестициско-развојната банка) туку мораат да земаат комерцијални кредити и свесно, целно се оди кон тоа тие мали фирми да пропаднат“, критикува Андриќ.
Професорот по економија Алекса Милојевиќ тврди дека се’ е последица на погрешна приватизација и комплетниот колапс на економијата. „Во Европа нема приватно претпријатие во кое работниците не учествуваат во управувањето во рамките на Надзорниот одбор или Управниот одбор. Кај нас работниците се во потполност исклучени од кој било облик на партиципирање и ние сме по таа основа во потполност неевропска земја“, истакнува Милојевиќ.