1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работниците во Македонија се оставени на милост и немилост

Костадин Делимитов
1 мај 2017

Поделени синдикати, обесправени работници, мизерна цена на трудот. Работничките права во Македонија се буквално урнисани. На работниците не им е до скара, туку до вистински права!

Symbolbild Wirtschaft in Brasilien
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

„Одам секој ден на работа, а веќе трет месец чекам да добијам плата! Веќе не знам каде да се жалам, ниту што да правам. Газдата само нѐ лаже и ни вели, ако не ни чини да си одиме, а јас само си го барам заработеното!“

Судбината на 50 годишната Гордана, вработена во приватна компанија во Скопје ја делат сѐ повеќе работници во Македонија. Статистиката од ден на ден станува сеѐ попоразителна. Наместо да се унапредуваат, правата на работниците во Македонија постојано се кршат, а за жал и законски се намалуваат. Бројот на компании каде доцнат платите на работниците е во пораст, а се множат и поплаките за кршење на работничките права. Стравот од отказ или реваншизам ги прави работниците гласни, но главно ако се анонимни:

„Сакаме да штрајкуваме, ама не сме единствени. Формиравме и синдикат но попусто, нема поддршка. Луѓето немаат храброст, се плашат дека ќе останат на улица“, раскажува Гордана.

Најалармантна состојбата во приватниот сектор

Состојбата е алармантна речиси насекаде, но најмногу во приватниот сектор каде се регистрираат и најголем дел од повредите на работничките права:    

„Работниците во Македонија се оставени на милост и немилост. Секојдневно се кршат можеби по 100 илјади права, по основ на работно време, прекувремена работа, годишен одмор, дневна пауза, неисплатени плати. Па зарем 10 илјади денари минимална плата е некакво право. Тоа практично значи дека работникот работи за 4000 денари ако се пресметаат храна и превоз, тоа е мизерија, најниска плата во светот е можеби“, предупредува Драге Јовановски, експерт за работнички права.

Битката за превласт и доминација во синдикатот ги стави во втор план работничките права. Синдикатите се поделија и буквално заборавија на правата на работниците. Проблемот според упатените е во политиката но и преголемите права што ги уживаат работодавачите.

„ВМРО ДПМНЕ работеше да ги сотре синдикатите и ги сотре. Власта преку претседателот на ССМ, Живко Митревски, не само што го растури синдикалното движење туку буквално го погреба. Па само погледнете што се прави во ССМ, каде советот изгласа смена на Митревски но тој и натаму е на функција. Власта вложи максимални напори и го држат на стаклени нозе со помош на министерството за труд и социјала и централниот регистар, кој треба нешто само да регистрира, а не да одлучува по тоа. Формално правно, тие таму ја сопираат постапката и од нивни причини сѐ уште тој фигурира како некаков претседател, а фактички одлуката за негова смена е одамна падната. Власта мора да се тргне од синдикалното организирање“, предупредува Јовановски. 

Протести на синдикатите во Македонија, архивска фотографија Фотографија: Petr Stojanovski

Спрепки за синдикално организирање

Каква е состојбата со синдикалното движење покажуваат бројките. Ако во 90-те години синдикалното членство броело 600.000 тогаш тоа сега е опаднато дури за десет пати. А и оваа бројка е благодарение на административни, а не стопански дејности. Ваквите состојби, според упатените не се за чудење во услови кога работничките права не само што не се почитуваат, туку се прави сѐ и она што е ставено во закони и колективни договори да се заобиколи, и да се направи неприменливо:

„Незамисливо е во една демократска земја да имате забрана на синдикално организирање, кај нас тоа се случува.Таму каде не е формално забрането, се смета за нелојалност кон газдите. Наместо да биде партнер, затоа што интересите и на вработените и на сопствениците во едно нормално општество се исти - успешна фирма, синдикатот се смета за непријател, со него ако воопшто се разговара, се разговара 'преку нишан'. Ги сведовме луѓето на 'човечиња' кои живеат во агонија дека ќе бидат отпуштени ако не се послушни, плата земаат како  да им е подарок од џебот на некој кој дебело профитира од нивната работа“, реагира Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари.

Ваквите состојби доминираат и во медиумскиот простор, кој во последниве години станува сѐ подевастиран. Се затвараат медиуми, се отпуштаат работници, доцни исплата на платите:

„Нема дилеми дека  точката во која се кршат рбетите на професијата и на професионалците е токму нивната економско социјална положба. Законот за работни односи постојано се менува со минимални отстапки за работниците, со огромни поволности за работодавачите. Штрајкот е обременет со толку формалности, што речиси е невозможно да го спроведеш. Ама и тоа не им е доволно. Прекарната, несигурна работа на определено време е масовна појава. На тој начин и оние права што работникот ги има се одбегнуваат со лукаво 'истекување на договорот'. Мислам дека сѐ додека не се направат сериозни измени во законите за работен однос, сѐ додека наместо формален, не се промовира вистински социјален дијалог - во Македонија нема да има демократија. Нема да има почитување на човекови права, бидејќи правото на пристојна работа и пристојна плата е основно човеково право. Како и правото на синдикално организирање“, предупредува Чаусидис.

Според дел од упатените, за вистински дијалог и вистински права на работниците потребни се и институционални промени:

 „Крајно време е и министер за труд и социјална политика да биде човек што е од редовите на синдикатот, бидејќи видовме како поминува синдикалното движење од досегашните министри политичари. Но дефинитивно, потребна е одлучна акција за редефинирање на правата на работниците во законот за работни односи, да се вградат сите европски стандарди, преземање на препораките на Меѓународната организација на труд“, смета Јовановски. 

Колкава е поделеноста во синдикалното движење во Македонија покажуваат и најавените синдикални активности за 1 Мај, Денот на трудот. Сојузот на синдикати на Македонија и овој пат не се „охрабри“ да ја прекрши традицијата на актуелното раководство и од улица преку работнички марш да испрати макар и симболична порака за подобрување на состојбите. Сепак синдикалната битка за правата на работниците ќе добие гласност благодарение на синдикатите и задруженијата од „Повелбата за солидарност" заедно со неправедно исклучените гранкови синдикати од ССМ. Под мотото „Само сложни ќе бидеме можни“ во Скопје и Кавадарци протестно ќе се маршира за одбрана на синдикалната автономија и унапредување на работничките права, против секоја економска и политичка моќ која сака да го стивне гласот на организираното работништво. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми