Радикализацијата на младите Албанци
7 јануари 2017„Доријан студираше англистика на универзитетот во Тирана. Тој го сакаше универзитетот. Зедовме кредит за да може да студира. Откако магистрираше се врати во селото, но не најде постојана работа ниту овде ниту во околината.“ Мелеќ Куќо за својот син, кој загинал во војната во Сирија како џихадист, раскажува видливо потресен и со треперлив глас.
Семејството живее во малото село Ремењ, на југоистокот на Албанија, и е многу сиромашно. Како што се повеќето овде. Во селото има околу 250 куќи, една џамија и покрај неа- црква.
Како и многу други Албанци и Доријан се обидувал да заработи пари со сезонска работа во соседна Грција за да го отплати студентскиот кредит и да му помогне на семејството. Меѓутоа, поради финансиската криза во Грција, многу албански гастарбајтери останаа без работа. И Доријан морал да ја напушти земјата. На почетокот на 2014. година на родителите им рекол дека ќе оди неколку месеци на работа во Австрија. Од тоа патување никогаш не се вратил. „Се јавуваше еднаш месечно и раскажуваше дека нашол работа. Кога му рековме дека сакаме да го посетиме, ни ја кажа вистината и рече дека уште од почетокот бил во Сирија. Станал џихадист и се оженил со муслиманска девојка од Каваја, централна Албанија. Го молевме да се врати, но тој рече дека таму заминал доброволно“, раскажува таткото на Доријан.
На 18 август стигнала тажната вест. „Беше 19:27 часот кога се јави негов пријател од соседното село Загорчан и рече дека Доријан е убиен во војната. Телото не може да се пренесе.“
Жртви на сиромаштијата
Во периодот 2012.-2014. година од гратчињата во централна и источна Албанија повеќе групи млади мажи заминаа за Сирија за да ѝ се приклучат на т.н. „Исламска држава“. Според официјалните податоци, во овој период на ИД ѝ се приклучиле 114 лица. Од нив, 40-мина во меѓувреме се вратиле назад, а 20-мина се загинати.
Роланд Хоџа, заболекар и муслиман кој ја практикува верата, познавал дел од момчињата кои заминале за Сирија. „Повеќето од нив имаа само занает, некои имаа средношколска диплома, а само малкумина студираа. Потекнуваат од многу сиромашни семејства и беа лесен плен за оние кои им ветуваа пари и благосостојба“, вели Хоџа.
„Доријан беше добро момче, не можеше на мува да згазне. Сакаше странски јазици и почна да учи арапски кај имамот во селото. Никој не можеше да претпостави дека може да стане џихадист“, вели таткото Мелеќ Куќо. Тој е уверен дека имамот, кој секој петок доаѓал на служба од Македонија, го регрутирал син му и другите момчиња од околните села. „По петочната молитва водеше индивидуални разговори со момчињата“, се сеќава таткото на Доријан.
Радикалните исламски фондации и проповедници лесно регрутирале млади луѓе поради сиромаштијата и бесперспективноста во земјата. Освен тоа, некои од џамиите не се дел од Исламската верска заедница на Албанија, која инаку важи за умерена и опфаќа голем дел од муслиманското население во земјата. „Имамите од тие џамии проповедаа насилен и екстремистички ислам и се обидоа да регрутираат невработени младинци“, нагласува Роланд Хоџа. Таков бил и имамот од селото Лешница, кој и самиот ѝ се приклучил на ИД. Фејсбук и другите социјални мрежи одиграа исто така важна улога во ширењето на овие идеи, уверен е Хоџа.
Салафизмот нема шанса
Салафизмот и другите екстремни правци на исламот својот пат во Албанија го најдоа по 1990. година, вели за ДВ, муфтијата Ули Гура, член на раководството на Исламската верска заедница на Албанија. Во комунистичка Албанија беа забранети сите религии, а по пресвртот во земјата имаше мал број имами и немаше исламски верски учители и училишта. Дури и џамии имаше малку. „Тоа на некои исламски организации и фондации од Саудиска Арабија, кои по терористичките напади од 11 септември се наоѓаа на црната листа на САД, им овозможи да дојдат во Албанија и овде да изградат џамии и исламски верски училишта.“ Истовремено, тие на сиромашните семејства им нудеа финансиска поддршка за на тој начин да придобијат луѓе за својата идеологија, вели Гура. „Несигурноста што со себе ја донесе пресвртот, доведе до тоа во албанското општество, кое беше сосема неподготвено и неинформирано, да се шират салафистички идеи“.
Сепак, Ули Гура е уверен дека салафизмот и верскиот екстремизам немаат перспектива во Албанија, „Веќе две години ниту еден албански граѓанин не ѝ се приклучил на ИД“, нагласува тој. „Сите имами во меѓувреме се проверуваат и секоја џамија сега има свое раководство, кое редовно на Исламската верска заедница ѝ јавува за содржината на она што се проповеда.“ Гура е сигурен дека оваа контрола е ефикасна и дека влијанието на салафистите е близу нула. „Радикалниот ислам нема ништо заедничко со муслиманската традиција на Абанија. Верската толеранција и хармонијата која постои меѓу приврзениците на религиите, се основни вредности на албанското мултиконфесионално општество“, подвлекува Гура.