Анкетите на јавното мислење покажуваат дека владејачката коалиција во Германија продолжува да ја губи поддршката на гласачите, а најголем профитер е популистичката АфД. Рејтингот на Зехофер на дното
Реклама
Германската крајно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) ги престигна владејачките Социјалдемократи според популарноста и сега е втора најсилна партија во Германија по конзервативците на канцеларката Ангела Меркел, покажа анкета на германскиот јавен сервис АРД.
Рејтингот на АфД се зголемил за два проценти од последната анкета на 9 септември, и сега достигнува 19 проценти- еден отсто повеќе од помалиот коалициски партнер во владата- СПД, кој пак загубил еден процент од поддршката.
Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на Меркел, кој ја предводи германската влада од 2005 година, исто така загубил еден процентен поен поддршка и паднал на 28 проценти, што е најлош резултат откако е започнато истражувањето во 1997 година.
Растечката поддршка за АфД се случува само една година откако оваа партија за првпат влезе во парламентот како трета најсилна во германската политика, освојувајќи 12,6 отсто од гласовите.
АфД беше основана во 2013 година врз анти-евро платформа, но оттогаш прерасна во радикално десна, анти-имиграциска партија која користи реторика која многу наликува на онаа од времето на нацизмот.
И другите помали германски партии профитираат од опаѓачката поддршка за владејачката коалиција. Партијата на Зелените и Либералите имаат зголемен рејтинг за еден отсто и сега се на 15 односно 9 проценти. Левицата е константна со поддршка од 10 проценти.
Растечки поделби
Последното испитување е извршено во период кога ескалираше судирот во владината коалиција поради скандалот со шефот на домашната тајна служба. Владата беше остро критикувана поради одлуката да го смени шефот на службата Ханс-Георг Масен, кого многумина го обвинуваат дека ја симпатизира радикално десната идеологија, и потоа да му даде подобра платена функција во Министерството за внатрешни работи. Критикуваното решение ги зголеми тензиите и во самата владина коалиција, во најголем дел околу имигрантската политика, откако конзервативците почнаа да се залагаат за уште поостри ограничувања во обид повторно да ги придобијат гласачите кои се определуваат за десно-радикалната АфД.
Но, ваквата стратегија се чини најлошо се одрази врз еден од главните поддржувачи на стратегијата за вртење кон десно, министерот за внатрешни работи од баварската Христијанско-социјална унија, Хорст Зехофер. Само 28 проценти од анкетираните граѓани сега сметаат дека Зехофер е вистинската личност за функцијата, што е далеку помалку од поддршката од 39 проценти која ја имаше во април годинава.
Неговата популарност опаѓа дури и меѓу симпатизерите на конзервативниот блок, и само 31 отсто од поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ го прифаќаат како министер за внатрешни работи.
Колку е радикална европската десница?
Бавен економски раст, незадоволство поради политиките на Европската унија и мигрантската криза доведоа до изборен успех на десничарските партии низ цела Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Фрауке Петри, Алтернатива за Германија (АФД)
Лидерот на Алтернатива за Германија, Фрауке Петри изјави дека полицијата може да користи оружје како крајна мерка при спречување на илегално преминување на границата, потенцирајќи дека „таков е законот“. Она што започна како евроскептична партија се претвори во антиестаблишмент и анти-ЕУ политичка сила која на покраинските избори во Германија во март 2016 година освои 25 проценти од гласовите.
Фотографија: Reuters/W. Rattay
Марин Ле Пен, Национален фронт (Франција)
Многумина веруваат дека Брегзит и победата на Доналд Трамп може да бидат стимул за Националниот фронт. Со партијата, која беше формирана во 1972 година, раководи Марин Ле Пен, која во 2011 година го презеде водството од нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен. Национален фронт е националистичка партија која користи популистичка реторика да ги промовира своите анти-имиграциски и анти-ЕУ позиции.
Фотографија: Reuters
Герт Вилдерс, Слободарска партија (Холандија)
Лидерот на холандската Слободарска партија, Герт Вилдерс, е еден од најпроминентните десничарски политичари во Европа. Во декември тој беше осуден затоа што во 2014 година праша толпа граѓани дали сакаат повеќе или помалку Мароканци во земјата, но не му беше изречена казна. Неговата партија се смета за анти-ЕУ и антиисламска и моментално има 15 пратеници во холандскиот парламент.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Koning
Никос Михалолиакос, Златна зора (Грција)
Никос Михалолиакос е претседател на грчката неофашистичка партија Златна зора. Тој и десетина други членови на партијата во септември 2013 година беа уапсени под обвинение за формирање на криминална организација. Михалолиакос беше ослободен во јули 2015 година. Златна зора освои 18 мандати на парламентарните избори во септември 2016 година. Партијата застапува антиимигрантски ставови.
Фотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images
Габор Вона, Јобик (Унгарија)
Јобик е унгарска антиимиграциска, популистичка и протекционистичка партија која се стреми да биде дел од следната влада во земјата. Јобик е трета по големина политичка партија во Унгарија и на последните избори освои 20 проценти од гласовите. Партијата бара одржување референдум за членството во ЕУ и се залага за криминализација на „сексуалната девијантност“. Лидер на Јобик е Габор Вона.
Фотографија: picture alliance/dpa
Џими Акесон, Шведски демократи
По изборот на Трамп, лидерот на Шведските демократи Џими Акесон во интервју за шведска телевизија изјави: „Постои движење во Европа и САД кое го предизвикува владеењето на естаблишментот. Тоа очигледно се случува и тука“. Шведските демократи бараат ограничување на имиграцијата, се противат на приклучувањето на Турција во ЕУ и бараат референдум за членството на земјата во ЕУ.
Фотографија: AP
Норберт Хофер, Слободарска партија на Австрија
Норберт Хофер, член на австриската националистичка Слободарска партија, загуби на неодамнешните претседателски избори за само 30.000 гласови, откако беше фаворит во првиот круг на гласање. Поранешниот лидер на Зелената партија освои 50,3 проценти од гласовите, а Хофер осови 49,7%. Слободарската партија се залага за зајакнување на државните граници и ограничување на бенефициите на имигрантите.
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Мариан Котлеба, Народна партија – Наша Словачка
Лидерот на крајно десничарската Народна партија – Наша Словачка, Мариан Котлеба, изјави: „Дури и еден имигрант е премногу“. Во друга прилика тој го нарече НАТО „криминална организација“. Оваа партија се залага за напуштање на ЕУ и на Еврозоната. На изборите во март 2015 година партијата освои 8 проценти од гласовите, со што обезбеди 14 мандати во националниот парламент кој брои 150 пратеници.