1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разбуди се Вашингтон!

Михаел Книге; превод: Александар Методијев12 јули 2014

Драстичниот чекор на Берлин за протерување на претставникот на ЦИА во Германија е очајнички обид за конечно да се привлече вниманието на Вашингтон. Администрацијата на Обама треба сериозно да го сфати потегот.

World Cup 2014 - Public Viewing in einer US Kaserne
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германско-американското партнерство е врска која тешко се раскинува. Тоа надмина бројни бури за време на периодот од Студената војна, но и поделбата околу војната во Ирак.

Но, тековната криза за американското собирање разузнавачки информации и шпионажа во Германија и врз Германци, која произлезе од објавите на Сноуден пред една година, има потенцијал да го дестабилизира германско-американското партнерство. Лебедовата песна за трансатлантските односи се „пееше“ во редовни интервали по падот на Берлинскиот ѕид. Но, пред односите сега стои вистинска закана тие да излезат од правилниот колосек.

Ако американскиот амбасадор се вика повеќе пати за неколку дена тоа е сигурен знак дека работите стојат лошо. Кога германските политичари од двете најголеми партии го осудуваат однесувањето на САД во еден глас и со невообичаено остар јазик, тогаш тоа со сигурност е знак дека работите стојат лошо. Кога дури и канцеларката Ангела Меркел, која не е склона кон емоционални реакции и една година стоечки ги издржа штетните откритија за активностите на американското разузнавање против неа лично и против Германија, потпиша протерување на врвниот шпион на ЦИА, тогаш тоа со сигурност е знак дека работите стојат навистина лошо.

Михаел Книге, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Никакво поместување од Вашингтон

Припишувањето вина за некој политички неуспех често е покомплексно отколку што се чини, ама не и во овој случај. Факт е дека досега Вашингтон не направи ништо суштинско барем да се обиде да ги смири германските грижи и чувства од почетокот на кризата пред една година.

Судејќи според одговорот на германските грижи, позицијата на администрацијата на Обама може да се сумира во три збора: тврдоглавост, рамнодушност и игнорирање.

Но, германската влада конечно и немаше премногу очекувања. Откако се појави веста дека САД го прислушуваат телефонот на канцеларката немаше некој знак на каење, па ниту официјално извинување. Наместо тоа, Велата куќа остана нема и испрати во Берлин двајца конгресмени од задните редови, односно на неистурени позиции.

Вообичаен бизнис

Берлин рагираше посебно на отфрлањето од страна на Вашингтон на Договорот за нешпионирање меѓу двете држави, кој Германија го пропагираше, а беше нереален од самиот почеток. Наместо тоа, германската влада се задоволи со сајбер-дијалог, кој е заменски проект и всушност претставува смоквин лист за ништо да не се прави. Но, само неколку дена по првата конференција новите откритија за случаи на шпионажа го уништија остатокот од довербата што постоеше меѓу двете земји.

Иако со „Хендигејт“ ги полни насловните страници ширум светот, администрацијата на обама не се погрижи да ги ограничи своите шпионски активности во Германија, барем привремено, со цел да се спречи натамошна штета. Тоа ќе беше прагматичен и разумен чекор, кој немаше политички да ја чини САД ништо, а всушност и немаше ништо да промени.

Негативен имиџ

За тоа сепак е потребно познавање на околностите во Германија и на политичкото водство, како и политичка волја во Вашингтон, која очигледно во моментов ја нема.

Германско-американските доноси се наоѓаат во опасна ситуација. Довербата на Германците во САД, според најновите анкети, се наоѓа на ниско ниво. Секако, ова е моментална слика. Полоша е реалистичната перспектива – по крајот на Студената војна погледите на Германци кон САД растеа во доминантно негативна насока, пред се’ поради војната во Ирак, а сега и поради скандалот со НСА. Вашингтон треба да го спречи тоа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми