1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Развојот на апликации е новиот златен рудник

Табеа Принте / Александар Методијев23 јули 2013

Без апликации не беше можен бумот на смартфоните. Малите програми за помош се неопходни за овие мобилни телефони. Пазарот на апликации е тежок милијарди евра и постојано расте и се развива.

Фотографија: imago/Schöning

Еден милион апликации (Apps) имаше во 2011 година. Денес, две години подоцна, бројот речиси двојно се зголеми. Во меѓувреме ширум светот се користат 1,8 милиони минипрограми. Според едно истражување на германската Хајтек асоцијација Витком, 38 проценти од Германците се подготвени да платат за нивното користење. Речиси половина од испитаниците, односно 45 проценти, сакаат од интернет да симнуваат бесплатни апликации. При истражувањето било откриено и дека секој шести Германец не користи дополнителни програми на својот мобилен мини-компјутер.

„Апликациите се главната причина за бумот на смартфоните“, вели Тобијас Арнс од Витком. Нивните функции требаат да им го олеснат или, пак, да им го направат попријатен животот на корисниците. „Мноштво апликации со доплата од неколку евра ги прошируваат функциите на смартфонот, како што е можноста да се користат програмите Офис, да се најдат решенија за навигација или, пак, да се претвори телефонот во бејбифон“, вели Тобијас Арнс и додава: „Како резултат на тоа тие често заменуваат скапи дополнителни уреди“.

Има ли некој без апликации?

Во просек корисниците на смартфони годишно трошат по 21 евро на апликации, а за еден единствен дополнителен програм најмногу меѓу седум и осум евра. Но, повеќе од три четвртини од сите апликации се бесплатни.

Фитнес апликација која покажува на кој ден колку се движел сопственикот на смартфонот, како и колку калории притоа потрошилФотографија: Nike Fuelband

Кај некои корисници на смартфони тие се поомилени отколку вебстраниците. Така, 22 проценти повеќе сакаат да даунлодираат апликација, отколку што сакаат да отворат некоја вебстраница. Ова го регистрира Главниот франкиски центар за електронска трговија (МЕЦК).

Најголем дел од корисниците на апликации припаѓаат на групата меѓу 14 и 29 години. Од нив 44 проценти ги користат овие интернет програми. Со возраста овие бројки се намалуваат. Меѓу 30 и 49-годишниците само 28 проценти се запознаени со овие минипрограми. Процентите уште повеќе паѓаат меѓу лицата од 50 до 64 годишна возраст. Тука 10 проценти користат апликации.

Сојузната асоцијација Дигитална економија во едно свое истражување дошла до резултатот дека 49 проценти од лицата над 14 години секогаш и секаде го користат својот смартфон со апликации. 60 проценти од корисниците на социјалните мрежи се секогаш онлајн.

Фејсбук предничи пред сите

Смартфоните се користат и како навигациски уреди со помош на апликациите

Најомилената апликација беше и останува Фејсбук. Над 63 проценти од анкетираните изјавиле дека ја користеле таа апликација во последната недела. Веднаш зад него е апликацијата ВатсАп (WhatsApp) со 62,5 проценти. На трето место се наоѓа иБеј со речиси 32 проценти. Во топ 10 спаѓаат и ЈуТјуб, Амазон, Скајп, Фејсбук месинџер, навигаторот на Дојче бан, Гугл мапс и Шазам.

Само во Германија во минатата година се даунлодирани 1,7 милијарди апликации, информира Битком. Тоа зборува за 54 апликации во секунда. Во просек, секој корисник на смартфон има инсталирано по 23 апликации во својот телефон. Но, ако толку многу апликации се бесплатни или многу поволни за користење, тогаш како нивните развивачи имаат добивка од тоа?

Најголем дел од апликациите имаат делови од програмите кои мораат дополнително да се платат. Освен тоа, се заработуваат пари и преку реклами кои се вклучуваат додека се користи апликацијата. Секоја платена апликација во просек се инсталира 9.300 пати, што е заработка од 12.100 американски долари. 30 проценти од тоа добиваат производителите на смартфони, а за создавачот на апликацијата остануваат во просек 8.500 долари. Така во 2011 година ширум светот е направена продажба од 4,2 милијарди евра. Само во Германија тогаш биле направени продажби во висина од 210 милиони евра. Споредено со претходната година тоа е пораст од 123 проценти. А, заработката и натаму расте. За годинава, според порталот за статистика Statista.com, се прогнозираат продажби во висина од 29,5 милијарди американски долари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми