1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разврска во покерот „Фолксваген“ - „Порше“

23 јули 2009

Шефот на автоконцернот „Порше“ Венделин Видекинг заминува. Тој е првата жртва во разврската на бизнис-трилерот меѓу автомобилските концерни. Веќе е јасно - „Фолксваген“ ќе го додаде „Порше“ во својата колекција.

„Порше“ ќе стане десетти бренд во палетата на најголемиот европски автопроизводителФотографија: dpa - Bildfunk

На почетокот се` се одвиваше мирно во преговорите меѓу „Порше“ и „Фолксваген“. „Фолксваген“ со отворени раце го пречека малиот, но симпатичен производител на спортски автомобили, кога во 2005 година „Порше“ објави дека сака да стане дел од далеку поголемиот концерн од Волфсбург. Тогаш „Порше“ се славеше како „спасител“, бидејќи освен покраината Долна Саксонија, „Фолксваген“ немаше ниту еден друг поголем акционер, кој би можел да го заштити од неповолни преземања. Сите го поздравија проектот. Но, откако „Порше“ покажа амбиции да ја преземе целата моќ врз најголемиот европски автопроизводител, главните актери возвратија на нападот.

Првата жртва е шефот на „Порше“, Венделин Виндекинг. Тој беше разрешен на вчерашната маратонска седница на Надзорниот одбор на компанијата во Штутгарт, а како главна причина за неговото отпуштање се наведуваат долговите во кои турна „Порше“, поради амбициозните планови за преземање на далеку поголемиот „Фолксваген“. Тој го зголеми учеството на Порше во Фолксваген на 51 процент, но затоа спортскиот производител на автомобили се задолжи за десет милијарди евра. Сега, со отстранувањето на Виндекинг од патот, работите се свртеа, а како голем победник излезе шефот на надзорниот одбор на Фолксваген, Фердинанд Пиех, кој истовремено е и косопственик на „Порше“.

Финансиската дупка ќе ја пополни емиратот Катар

Видекинг „изгуби“ во борбата за превласт - замина со оштета од 50 мил. евраФотографија: AP

Со него на чело, денеска во Штутгарт се одржува седница на Надзорниот одбор на „Фолксваген“. Меѓу останатите е и премиерот на покраината Долна Саксонија, Кристијан Вулф, бидејќи покраината поседува дваесет насто од акциите на авто-концернот. Од кругови блиски до Одборот, се дознава дека „Фолксваген“ опстојува на плановите за преземање на „Порше“.

Финансиската дупка во целиот проект ќе ја пополни емиратот Катар. Во првиот чекор, емиратот ќе преземе седумнаесет проценти од акциите на „Фолксваген“, а по фузијата со „Порше“, планирано е учеството да се зголеми на деветнаесет проценти. Освен тоа, Катар му додели кредит на „Порше“ во висина од 750 милиони евра, за компанијата да може да го врати кредитот во иста висина, што го зеде од „Фолксваген“. На крајот од трансформацијата, семејствата Пиех и Порше ќе поседуваат нешто помалку од педесет проценти од акциите на концернот, покраината Долна Саксонија нешто повеќе од дваесет, а емиратот Катар - деветнаесет проценти.

Автор: ТТ/АТ/дпа/ап/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми