До крајот на неделава се очекува да се добие појасна слика дали и во која мера постои согласност и совпаѓање на партиско-програмските платформи, за кои деновиве се водат разговори меѓу тимовите на ДУИ и СДСМ.
Реклама
Со претпазливост и умерен оптимизам извори од двете партии најавуваат дека деновиве е можно финиширање на првата фаза од разговорите меѓу СДСМ и ДУИ. Станува збор за фаза во која се хармонизираат политичките ставови за реформите препорачани во Извештајот на Прибе, мандатот на СЈО и реализацијата на Охридскиот договор, особено во делот на употребата на албанскиот јазик. Според партиски извори, ДУИ вчера попладне му го доставила на СДСМ мислењето за предлог законот за употребата на албанскиот јазик, а неофицијално, одговорот на забелешките ќе го чека до крајот на неделава. Ако партиите ги усогласат ставовите по тоа и други прашања, се очекува Ахмети потоа да го свика Централното претседателство за да се донесе одлука пратениците на ДУИ да ги дадат потписите, со што би се обезбедило мнозинство врз чија основа СДСМ треба да добие мандат за формирање влада. Потоа би почнал да тече и уставниот рок од 20 дена за состав на влада, во кој партиите треба да детализираат и усогласат и други прашања, меѓу кои и поделбата на ресори и утврдувањето на роковите во кои треба да се реализираат договорените програмски определби.
Не се произведуваат атомски бомби
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Зијадин Села од Алијансата за Албанците, завчера имаа средба на која разговарале за точките од Декларацијата на албанските партии и предлозите од СДСМ. Забелешките кои биле нотирани на тој состанок, подоцна биле предмет на поширока дебата на ниво на уставни експерти, ангажирани во согласност на двете страни. Со експертска помош била подготвена верзија на закон за употреба на албанскиот јазик, кој вчера бил доставен во СДСМ. Партиите во оваа фаза од разговорите се внимателни и не откриваат детали ниту за содржината на предлозите, ниту за роковите во кои може да се очекува одлука. Лидерот на ДУИ вчера повтори дека неговата партија нема да брза при донесувањето на одлуката.
„Се анализираат сите работи. Мислам дека во иднина ќе има конкретен одговор. Ова се прашања кои се разговараат во рамките на партијата, но јас ве уверувам дека таму не се произведуваат атомски бомби. Се разбира дека се дискутира за важни прашања во врска со политичкиот и правниот статус на Албанците во Македонија. Ние зборуваме и со другите политички партии затоа што треба да формираме заедничко мислење. Со господинот Села се сретнав и разменивме мислења“, изјави Ахмети.
Оваа размена и усогласување на предлози меѓу ДУИ и СДСМ се одвива во период кога ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја нагласува опасноста од игнорирање на волјата на мнозинството, а нејзини функционери последниве два дена изјавуваат дека „не преговараат со ДУИ, но комуницираат, и не сакаат да се откажат од битката за формирање влада, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ за тоа има легитимитет, право и обврска кон граѓаните кои гласале за партијата“.
Сето ова фокусот го насочува кон ДУИ, особено кај оние што сметаат дека на партијата ѝ пратиле јасна изборна порака дека бараат промени, а агенсот на тие промени не го гледаат во нова коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Како израз на таа определба, голем дел од гласовите на албанскиот електорат на изборите завршија кај СДСМ. Последната анкета на „М-Проспект“ покажа дека тој тренд не завршил со изборниот ден и дека СДСМ и постизборно останува преферирана партија меѓу Албанците. На прашањето „доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале“, 20,4 отсто од анкетираните Албанци одговориле дека би гласале за СДСМ. За „Беса“ би гласале 15 отсто, за ДУИ 14 отсто, за ДПА 10 отсто и за Алијансата за Албанците 6 отсто.
Храбар чекор на Албанците
Според аналитичарите, ваквите резултати треба да бидат клучен аларм за „треторангираната“ ДУИ, во однос на нејзините идни одлуки и политики. Во анализите, главното прашање и натаму е дали станува збор за нов феномен во албанскиот електорат - авангарден почеток на отстапување на етничкото пред граѓанското, некаква „авантура“ или како што тоа го доживеаја во некои албански партии - „предавство на националната кауза“?
Според професорот Артан Садику, албанскиот глас за македонска партија може да се чита како политички виталитет и политичко освестување, кое во клучни историски моменти знае како да ја ориентира својата поддршка.
„Треба да се чита како глас за промена или како одговор кон менталитетот на досегашното владеење. Овие гласови не можеме директно да ги толкуваме како израз на алтруизам или како моментално враќање кон либералните идеи, туку како израз на самовиталитет. Овој виталитет со текот на времето неопходно ќе создаде свои услови каде ќе преговара за полиберални принципи. Се работи за феномен кој требаше да почне од некоја страна. Овој нов однос внатре во системот требаше да дојде како резултат на похрабар чекор, на храброст - која Албанците ја покажаа во овој случај. Сега Албанците ја фрлија топката кај македонските политички партии, особено кај едната од двете главни партии, кои по некое време оваа структурална промена треба да ја кодифицираат внатре во системот. Тоа е позитивна политичка промена која понатаму ќе донесе и системски промени“, вели Садику.
Според него, волјата на тие гласачи не треба да биде запоставена и тие не треба да се третираат како „авантуристи“ или „предавници на националната кауза“, туку како напредни во размислувањето за политичките услови во Македонија и како потенцијал кој во иднина може да биде многу корисен и позитивен.
Кој е кој во македонската политика
Предвремените парламентарни избори нема да понудат многу нови лица на македонската политичка сцена. Главната битка ќе ја водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалиции. Изненадувања се можни во албанскиот политички блок.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Никола Груевски - ВМРО-ДПМНЕ
Беше избран за премиер во 2006 година како млад технократ кој најавуваше „Преродба“ на државата. Кормилото на ВМРО-ДПМНЕ го презеде во 2003. Боксер во детството, брокер во младоста, во меѓувреме стана политичар со најдолг премиерски стаж. Во јануари 2016 ја напушти функцијата жестоко притиснат по скандалот со прислушкувањето. Изборите во декември ќе ја одредат неговата, не само, политичка судбина.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ. Неговата амбиција е градоначалничката функција да ја замени со премиерска.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Гласањето за некои клучни закони во Собранието укажува дека Ахмети му останува верен на Груевски и натаму.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата Левица најави самостоен настап на изборите, со отворена можност таквата одлука да се преиспита.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. Малкумина ќе бидат изненадени доколку тоа се случи.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. Прашање е дали самостојниот настап на изборите на ЛП ќе и донесе пратеничко место?
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. Анкетите не и даваат големи шанси на неговата партија на изборите, но Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а сега најавува учество на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори. Прашањето е само... со кого? Засега се најавува соработка со ВМРО-НП на Георгиевски, но никој со сигурност не ја исклучува можноста дека двајцата би можеле да се вратат во прегратките на Груевски.