ВМРО-ДПМНЕ не протестира, но манипулира со оние што протестираат. Тие се ново јато „глинени гулаби“ и ќе бидат жртвувани пред олтарот на Мицкоски: додека ним не им се стемни, на неговиот рејтинг нема да му се раздени
Реклама
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во моментов игра една многу монструозна манипулација. Од една страна, партијата официјално не протестира, но мотивира тоа да го прават нејзини членови во повеќе општини. Зошто? Поради длабоко вкоренетите девијантни модели за „патриотско“ дејствување на ВМРО-ДПМНЕ во изминатата деценија, а типични за времињата од пред еден век, Мицкоски не може да создаде свој лидерски идентитет потврден низ тие искривоколчени „канони“. Од една страна, сака да се претстави како модерен политичар, а од друга, да ги амортизира силните критики од радикални и ретроградни сили во партијата кои го сметаат за неодлучен и млак. Под таков притисок, но и личен поткапацитет храбро и одважно да го изгради својот лидерски идентитет, се решава на еден погубен сублимат: малку да глуми конструктивен политичар од европски десничарски штоф, малку да кокетира со радикалните струи, оние кои едвај чекаат знак да застанат на некоја барикада, да запалат нечие возило, да раскварат нечија „предавничка“ глава. Со тоа што свесно и намерно не прави разлика меѓу мирни протести и оние (формално мирни, но со погубна содржинска есенција) од кои се испраќаат закани за животите на пратениците и нивните семејства, тој директно го одобрува нивното натамошно продолжување во истиот формат и со истата реторика. Доказ за тоа е што изјавата на премиерот Заев дека ќе ги заштити децата на пратениците, скандалозно ја нарече „злопотреба на деца за политички цели“ и му порача „да ги остави децата надвор од политиката“.
Зошто? За да можат неговите членови да ги внесуваат децата во политиката на најлошиот можен начин, со закани и заплашувања пред нивните домови. Од ваквата нечесна игра, Мицкоски се надева на двојна добивка. Целта е тие радикални елементи кои го доживуваат како мекотел, преку вербално амнестирање на нивните протести да ги мотивира да продолжат, но за да се изгорат - да се соочат со пријави по разни основи. Секако, неговата цел не е со тоа да се стопира говорот на омраза, туку да го намали нивниот притисок врз себе. Да ги симне од вратот. Ем за пријавите би биле одговорни полицијата, обвинителството и СДСМ, ем тој ќе добие простор да ламентира дека нема демократија, дека санкционирањето на националистички хајки и закани по живот е „репресија“. Фактички, Мицкоски планира да ја подгрее истата запршка што Груевски им ја зготви на протагонистите од 27-ми април 2017 година. Колку и да е страшно што ова го зборува лидер на партија, па нека е и најголемата опозициска, пострашно е што ова го зборува универзитетски професор. Тој треба да биде модел за најпрогресивните трендови во државата, а за жал, станува доказ зошто образованието е девалвирано токму преку голем дел од оние кои ја сочинуваат т.н. академска заедница.
Сепак, најстрашно е што видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, со многу подолг партиски стаж од Мицкоски, со многу повисок рејтинг од неговиот и неизвалкани по прашањето на меѓуетничките односи, знаат за оваа монструозна манипулација и молчат. Дел свесно го оставаат да се препелка во улогата на хомо дуплекс, за да се демаскира самиот до крај. Дел, пак, не сакаат јавното дистанцирање од ваквите маневри на Мицкоски да биде протолкувано како нанесување удар на партијата. Многу погрешно. Ударот веќе е нанесен. Она што Груевски го реализираше, Мицкоски го завери. ВМРО-ДПМНЕ се самохендикепираше на подолг рок. Дури и под претпоставка дека партијата би можела некогаш да победи на избори, мислите ли дека постои партија од албанскиот блок што би се дрзнала да коалицира со неа по целиот отров истурен врз албанската етничка заедница? Таа врата ВМРО-ДПМНЕ ја затвори со десет катанци. Така што, каква било игра на Мицкоски може да се одвива само надвор од теренот. На теренот ќе се вратат само оние што ќе разберат дека и на партијата, и на општеството, не им требаат луѓе кои ги рушат интраетничките и меѓуетничките мостови, туку што ќе ги реобноват. Такви луѓе би можеле да се наречат вистински патриоти. А не оние што патриотизмот го разбираат како истурање чаша вода или нешто слично на тоа, каква што беше и вчерашната изјава на Мицкоски. На срамен и скандалозен начин тој реши да изигрува „свиркач“ против легитимни мерки на полицијата. Вели, „добив информација дека се регрупираат полициските сили кои што имаат за задача и цел оние мирни протестанти кои што мирно го изразуваат својот револт да ги стишaат по секоја цена, па се закануваат со кривични пријави. Тоа ќе претставува едно такво кршење на човековите права и враќање на Среќна нова 49-та година“.
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Сезона на протести во Македонија
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Груевски и „народот“
„Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата, длабоко се во заблуда. Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување“, изјави Никола Груевски во интервјуто за телевизијата Сител на 26 февруари. Веќе следниот ден се одржа првиот протест за одбрана на татковината...
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“
Првиот протестен марш беше оддржан на 27 февруари. Граѓани со транспаренти на кои беа испишани пораки за одбрана на Македонија се собраа пред Владата од каде го започнаа маршот кон Собранието. Предводници маршот се Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски здружени во иницијативата „За заедничка Македонија“.
Во првите неколку денови од протестите, пораката за „Заедничка Македонија“ беше во втор план, а настапот на демонстрантите беше одбележан со транспаренти кои го потенцираа нивниот надпартизам или се промовираше Македонското патриотско здружение- „Тврдокорни“. Мотото на почетокот беше „Македонски марш- завет за Македонија“.
Фотографија: DW/P.Stojanovski
Црвени линии
Барањата на демонстрантите и иницијативата „За заедничка Македонија“ се безусловно отфрлање на т.н. Тиранска платформа и зачувување на унитарноста на Македонија. Тие исто така се против двојазична и двонационална Македонија, против промена на знамето, химната и државниот грб.
Организаторите на протестите порачаа дека нивните барања се базирани на вредностите на претходните три Илиндени - соживот, почит и толеранција. „Сакаме да живееме во оваа земја заеднички со сите останати народи – како што сме живееле до сега, да продолжиме во иднина“ изјави Богдан Илиевски - иако на првиот ден од протестите се скандираше за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Стари пораки
Политичките пораки на транспарентите кои можат да се видат на протестите имаат препознатлива симболика. На нив се испишани пораки против мешањето на ЕУ во кризата, против Џорџ Сорос и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли - додека истовремено се изразува поддршка за Доналд Трамп. Оваа констелација на пораки во голем дел се поклопува со реториката на власта во пред и пост изборниот период.
Фотографија: DW/P.Stojanovski
Јоханес Хан „сардисан“
При посетата на Скопје на 21 март, Јоханес Хан беше пречекан со протест пред седиштето на ЕУ од демонстрантите на „За Заедничка Македонија” и дел од вработените во Трансмет. Граѓаните се собраа пред канцелариите на ЕУ, а вработените во компанијата на Сеад Кочан со камиони го блокираа булеварот. Хан мораше да излезе од задната врата под полициски надзор, без да биде забележан од демонстрантите.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Медиумски (не)пријатели
„Медиумите под отстрел“ - гласи еден од транспарентите на протестите, алудирајќи на случајот на Сеад Кочан, исто така сопственик на телевизија НОВА. Но, се чини дека токму новинарите кои известуваат од протестите се најдоа на мета на демонстрантите. На вториот ден од протестите беа нападнати двајца новинари кои со повреди завршија во ургентниот центар.
Ова го вели претседател на партија која тврди дека се залага за европски вредности и правна држава. Човековите права на засегнатите ги смета за помали од човековите права на заканувачите! И што да прави полицијата - да мижи и да не не реагира пред заканите?
Попусто се прашувате колку човек треба да биде неодговорен за да даде ваква изјава. Но, Мицкоски точно знае зошто го кажува тоа. За да ги мобилизира дополнително, за да ги насанка на лизгав терен, бидејќи, додека ним не им се стемни, на неговиот рејтинг нема да му се раздени. Уште едно јато „глинени гулаби“ е подготвено да биде жртвувано пред партискиот олтар на Мицкоски. И неодговорно е ако некој од разумните гласови во партијата ова не им го предочи на оние партиски членови, кои под притисок на дезинформации се доведени во заблуда дека „ја бранат државата“. Доста е од интерни исповеди на видни партиски функционери дека нема разлика меѓу големиот диктатор и големиот манипулатор. Таа приказна еднаш мора да излезе од назнаката „неофицијално“. Токму за да се направи разлика: кој се бори за лични интереси, а кој за државните.
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Невидени хаотични слики: Откако мнозинството пратеници го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието, на противење на пратениците од ВМРО ДПМНЕ, во законодавниот дом упадна толпа насилни луѓе.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Навала пред вратите на Парламентот
По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Слабо присуство на полицијата
Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Незапирливо „заземање“ на Парламентот
Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“ во Собранието
Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski
Знамиња и песни
Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.
Фотографија: picture-alliance/abaca/B. Ademi
Напади врз пратениците на СДСМ
Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev
Полицијата се „разбуди“
По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Евакуација на повредените пратеници
Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Извлечени пратениците
Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти.
Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Шатори пред Собранието
Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.