1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размена на територии меѓу Србија и Косово- погребана идеја?

ЖА /ДВ
2 октомври 2018

Два германски весници донесуваат текстови во кои идејата за промена на границите меѓу Србија и Косово се смета за веќе пропадната - поради недоволна поддршка во ЕУ и отпор во самите земји, посебно во Приштина.

SEAE Mogherini - Vucic - Thaci -Treffen in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/AA/EU POOL

Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг во тексот со наслов „ЕУ ја одбива идејата за размена на територии“, чиј автор е дописникот од Брисел, Михаел Стабенов пишува дека „повереничката за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини прекрши еден табу во балканската политика на ЕУ“.

„Од крвавите судири во текот на 90-те години за европските политичари важи девизата дека размена на територии според етнички критериуми, не е решение. Тоа само би ги заострило тензиите во регионот. Па сепак Могерини покажа наклонетост кон плановите за размена на територии, кои летоска ги формулираа српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи, иако тие не одеа во детали.“

Весникот својата теза дека „ЕУ ја одбива идејата“ ја извлекува од ставот на Германија, додавајќи дека освен Берлин, идејата ја отфла и „јасно мнозинство држави во ЕУ“. 

„Могерини изгледа не може да биде обесхрабрена. Таа се надева изгледите за скоро српско членство во ЕУ и подоцнежно пристапување на Косово, да претставуваат доволна мотивација за спуштање на тензиите меѓу Белград и Приштина. Се чини за неа не е превисока ни цената размена на територии, иако таа е отфрлена во ЕУ“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Освен на веќе познатите предупредувања за можен домино-ефект, на пример отвореното писмо на тројца бивши високи претставници на меѓународната заедница во БиХ: Билт, Шварц-Шилинг и Ешдаун, авторот се повикува и на „интерни оценки“ изнесени од претседателот на Комисијата на Бундестагот за надворешна политика, Норберт Ретген и бившиот британски дипломат Роберт Купер по посетата на Косово.

„Тие двајцата доаѓаат до залучок дека претседателот Тачи ја загубил поддршката од странските посматрачи во регионот и дека има значајни тешкотии да постигне консензус на Косово. Европските амбасадори во Приштина се согласни дека промената на границите веројатно не би можела да се одвива мирно, пишува во извештајот. 'Владите и набљудувачите не би требало еуфорично да гледаат на идејата за размена на територии'.“ Ретген и Купер заклучуваат дека идејата за промена на границите веројатно ќе биде отфрлена.

Навистина, се додава дека во последно време на „корекцијата на граници благонаклоно гледаат и САД и Русија, која секако во вид го има и конфликтот во Украина.“

Мостот во МитровицаФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Во весникот Франкфуртер рундшау е објавен коментар на Андреас Витковски, експерт од Центарот за меѓународни мировни мисии во источна и југоисточна Европа.

„Потребно е да се биде сомничав секогаш кога се пропагираат едноставни решенија за долготрајни конфликти“, пишува Витковски, кој до 2008. година работел за УНМИК на Косово.

Предлогот на Тачи и на Вучиќ, наведува тој, претставува „забодување нож во грбот во досегашната мантра на меѓународната заедница според која границите на Балкан се конечни. Предлогот би бил ветар во грбот посебно на одделни политичари во БиХ кои ја отфрлаат заедничката држава. А во Македонија албанското малцинство би почнало да размислува има ли можеби нешто подобро од мултиетничка држава 'Северна Македонија'.“

Повеќе:

Газивода - веќе видено шоу

Косово и Србија: Уверени дека мора да биде така

Нова поделба на границите на Балканот- лоша идеја

Наведувајќи дека од последните настапи на Вучиќ и Тачи сепак е јасно дека идејата е на предолг стап и постојат отпори од граѓанското општество и националистичкото милје во двете земји, Витковси пишува: „Тој политички бродолом сега може да има само уште една предност: на сите да им појасни оти етничкото повлекување граници не е решение. Вистински 'историски компромис' беа и останаа две држави кои на своите граѓани им гарантираат еднакви права и мултиетнички соживот.“ 

„Посебно за Косово, од каде се заканува бегство на целокупното население, се остава простор за дејствување на одговорни државници. Предлогот на претседателот секако ѝ наштети на таа цел. Тој испраќа фатални сигнали дека на крајот се исплатуваат етничките чаури и политичките блокади. ЕУ, заради сопствена веродостојност, би требало и натаму да инсистира услов за пристапување кон неа да бидат разрешени односи во постојните граници“, заклучува експертот за Балкан во Франкфуртер рундшау.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми