1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размисли за Прибе

8 јуни 2017

Екипата Прибе сама по себе не може да ги изведе деликатните длабочински резови и хируршки операции во отстранување на нашето диво месо. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Уште пред да се изџвака најавата дека Германија и ЕУ спремаат мини-Маршалов план за регионот, стигна известувањето на Јоханес Јан со која го најави испраќањето на тимот Прибе во нова истражувачка мисија во Македонија. Иако временската коинциденција сама по себе е доволен мотив за анализа, она што го сметам за поинтересно е интензитетот на реакции кон двете вести како илустрација на расположението на општеството. Додека веста за економскиот пакет на ЕУ за помош на регионот беше примена со ентузијастичност во про-владиниот мејнстрим, најавата за доаѓањето на Прибе вревливо одекна низ медиумите, социјалните мрежи и разговорите помеѓу луѓето. Диспаритетот на интерес помеѓу про-владиниот полит-медиумски камп и жагорот на обичниот плебс ја отсликува поделбата на приоритетите. Додека првите сета надеж ја полагаат во добивањето помош со која ќе им се олесни владеењето, реакциите на вторите укажуваат дека без добро протресување на политичката елита, било кој мини-Меркел пакет помош нема да донесе ништо друго, освен месо за политичката елита и зелка за граѓаните.

Своевидно дипломатско екстерно тестирање

Господинот Рајнхард Прибе, според кој е именувана неговата екипа, попусто ќе укажува дека тој нема магично стапче за решавање на нашите дубари, дека е само дел од делегацијата експерти, дека нема мандат за носење одлуки. Делумно по наша вина (упростување на неговата улога), троа повеќе по негова заслуга во конципирање во досега најпрецизната анамнеза на нашата безнадежност. Во секој случај, Прибе и неговиот Извештај е веќе одомашен синоним за суштински реформи, но и коска во партиските грла додека низ стиснати заби и кисели усни се залагаат за негово целосно имплементирање.

Но впечатоците се едно, реалностите сосема друго, поради што е подобро очекувањата да ги ставиме во реално рамниште и да се поштедиме од претерани надежи и разочарувања. Би било некоректно од г. Прибе и неговата екипа да очекуваме чуда и магични решенија, исто како што е логично да очекуваме острицата на неговата оценка и препораки да не биде затапена поради кусогледи политички интереси. Бидејќи, колку и да е добар и виртуозен дијагностичар, Екипата Прибе сама по себе не може да ги изведе деликатните длабочински резови и хируршки операции во отстранување на нашето диво месо. 

Користејќи го домашниот вокабулар, посетата на Прибе е своевидно дипломатско екстерно тестирање на изработеното во последните три години од неговиот Извештај, како и верификациона мисија за испитување на старо-новата влада на СДУИ и нејзините капацитети, намери и спремности за испорачување на ветеното и почитување на подареното. Сето спакувано во решителноста на давање добри услуги, совети и помош на старо-новата влада во исполнување на сопствените цели и заложби. Кои секако се веќе нашироко и акламативно прифатени – сѐ додека се однесуваат на другите, т.е. старата влада. Затоа оваа посета – и се надеваме следниот Извештај – секако ќе даде увид и во спремноста и капацитетите на кабинетот на Заев да реално и веродостојно не зацапа по истиот пат на неговиот претходник. Нешто што (барем досега) сѐуште не е испорачано пред јавноста, граѓаните и гласачите.

Како прво, политиката, економијата и правдата во земјата сѐуште се диктира од (семејни, локалистички, бизнис-подземни) кланови затскриени зад партиски фасади. Како што може да се заклучи според имињата на избраните министри, членови на кабинетот на г. Заев и надолу низ владејачката пирамидална структура.  И затоа, како второ, сѐ што партиите ќе кажат едни за други во своите аргументации пред Прибе е речиси апсолутно точно и во тоа треба да им се верува. Под трето, проблемот со доминацијата на нереформираните тајни служби опстојува без никаква промена, како поради претходните две точки, така и поради нашироко елаборираната поврзаност на поранешниот премиер со г. Мијалков, така и поради тековната – но недоволно разјаснета - поврзаност на сегашниот премиер со г. Верушевски, вклучително г. Ахмети со двата премиера и двата шефа на разузнавањето. Како четврто, можноста за ефективна и кредибилна реформа на судството е однапред осудена на крах поради компромитацијата на про-ВМРОвскиот Јавен обвинител Зврлевски и про-СДСМ Специјалното јавно обвинителство предводено од Катица Јанева и нејзините две придружнички. Како петто, молкот на медиумите и невладините по прашања кои не се по воља и интерес на страната која ги финансира е доказ дека се сѐуште само паравани и сателити кон партиите, споделувајќи ја нивната агенда за парцијални манипулации со јавноста, граѓаните и гласачите.  И со тоа ја компромитираат било која вистинска реформска иницијатива, желба или општествена енергија за вистински промени и директно ја хранат културата на неказливост и злоупотребата на правдата како орудие за освета кон соперниците.

Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Разрешување на ЈО и на СЈО

Затоа, без премногу вртење во круг, неколку размисли околу модалитетите за надградба и проширување на конкретната ефективност на Извештајот Прибе во пресрет на неговата посета.  

Како прво, неопходно е ветемелување на натпартиска и вонпарламентарна Комисија за организирање на јавен распит на поранешните шефови на тајните служби, министри за внатрешни работи, лидери на водечките политички партии и премиери. Комисијата, составена од лица неповрзани со големите политички партии и кланови, би била задолжена за испрашување (пред камери) на именуваните за нивната улога или поставеност во настани од интерес за граѓаните, општеството и државата. 

Како второ, разрешување како на ЈО Зврлевски и неговиот тим обвинители, така и на сегашниот СЈО состав предводен од Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска, поради селективниот однос кон правдата и борбата против криминалот и корупцијата. Сегашниот длабоко компромитиран дуалитет помеѓу ЈО и СЈО, сведени на политички механизми час поскоро треба да биде заменет со сеопфатен, самостоен институционален правосуден организам составен од Обвинителство, Истражно Оделение и Специјален суд. Искуствата од Хрватска со УСКОК, како и кампањата „Чисти раце” во Италија се секако репери кои треба да се земат во обзир, како и можноста за именување на меѓународен обвинител, според моделот на Антонио Ди Пиетро. 

Трето, целосна ревизија на процесот на подршка на невладиниот сектор, условите за кандидирање и добивање меѓународна и домашна финансиска поддршка со цел разбивање на воспоставениот труст и монопол контролиран преку владејачките партии и кон нив наклонетите резидентни меѓународни институции. Постоечкиот НВО сектор, компромитиран поради папочната повраност со СДСМ, ВМРО и ДУИ, треба да биде подложен на санкции и елиминација од понатамошна финансиска поддршка. Поврзано со тоа, вреди да се подвлече дека тврдењето дека во „Македонија нема енергија за вистински промени” е апсолутно неточна. Туку е мнение на западните дипломати базирано врз обрачот околу нивните претставништва составен од послушни домашни фонд-паразити, грантождери и кариерни липицанери. Или како што нивниот омилен западен амбасадор ги нарекува – „јапи револуционери”.

Четврто, неопходно е поголема меѓународна соработка, подршка и промоција на помалите партии со јасна дефинирана идеолошка и политичка дистанца од сегашниот контингент на приватно профитабилни мини-сателити на големите партии со цел спречување на понатамошната доминација на т.н. султан-партии базирани врз автократска беспоговорна послушност и етничка манипулација. Јакнеењето на партиите со јасно дефиниран, докажан и демонстриран либерален, граѓански и еколошки профил и структура треба да се развива во чекор со јакнењето на невладиниот и медиумски сектор со сличен профил и независен критички дискурс кон системските партии (ВМРО, СДСМ, ДУИ).

Мерки и реализација

Секако, составување листинг на неопходни мерки и чекори за справување со ендемската крим-корупција е неспоредливо полесниот дел на предизвикот. Но исто така, нивното одложување поради спорот поради името, односите со соседите, членството ваму, членството онаму, изговорот таму уште повеќе и посилно ќе го абе трпението и интересот на граѓаните заситени од изговори и гладни за решенија. Се надевам дека некој ќе најде храброст и време да во своето излагање пред тимот Прибе ја разјасни непријатната вистина дека грото граѓани на оваа земја не бараат Меркел-пакет награди за владите, туку реализација на  Шојбле-санкции за корумпираните. Дека без второто, нема фајде од првото. Дека без европеизација на одговорноста кон криминалот и корупцијата, ентузијазмот за членства во ЕУ, НАТО ќе продолжи забрзано да бледнее од ден на ден.

Од следниот Извештај на Прибе ќе зависи дали пакетот-Меркел ќе биде условен инцентив за промени – реални, опипливи и болни за политичарите -  или ќе заврши како германско послушно финансиско сервисирање на американската „реформа” сведена на сочувување на истите политики со различни актери и реално болни за граѓаните. И следствено гарантирано ист, идентичен финален рециклиран резултат на перманетен трулеж.  За чие расчистување граѓаните ќе бидат принудени да побараат услуги од некој друг.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми