Разочарувањето ќе доминира на изборите во Хрватска
28 декември 2014Марио Миљак е загрижен за својата земја. 35-годишникот отворено признава дека му оди подобро „отколку на другите млади луѓе во остатокот на Хрватска“, затоа што живее во Дубровник, градот кој секоја година бележи нови рекорди во туристичка посетеност. Во Дубровник секој има работа, вели Миљак, кој работи како техничар на свадби, конгреси и други големи собири и манифестации. Сепак, неговиот поглед на иднината на земјата генерално е мрачен. „Се‘ повеќе млади се иселуваат, затоа што овде не гледаат перспектива. Дозволуваме да си заминат клучните фигури на општеството во иднина.“ Иако е разочаран од етаблираните политичари, Миљак ќе гласа на изборите.
Тројца етаблирани кандидати и еден политички новајлија
Најмладиот кандидат на изборите е 24-годишниот Иван Вилибор Синчиќ, кој на почетокот беше оценуван како апсолутен аутсајдер, но во меѓувреме собра многу симпатии, пред се‘ од младите Хрвати. На последните ТВ-дуели тој се презентираше успешно како човек кој не му припаѓа на политичкиот естаблишмент. На крајот на првиот дуел на кандидатите, тој во насока на тројцата противкандидати рече: „Како млад човек, потресен сум од демагогијата што ја слушнав овде. Сите вие бевте членови на влади и партии кои ја уништија мојата татковина.“ Овој цитат и бутновната фотографија од младиот Синчиќ оттогаш се шират на социјалните мрежи. Ја шири и Марио Миљак, кој на својот Фејсбук-профил пишува: „Можеби нема да стане претседател, но им ја кажа вистината.“
Синчиќ стана познат како активист од движењето „Жив ѕид“, кое се бореше против принудно иселување од станови. Политички тој бара заземање поостар курс кон ЕУ и се заканува дури и со излегување од Унијата.
Според истражувањата на јавното мислење, актуелниот претседател Иво Јосиповиќ е фаворит на изборите. Тој е близок до социјалдемократите, но мораше да се откаже од партиската книшка од СПД. Негови противкандидати, покрај Синчиќ, се поранешната хрватска министерка за надворешни работи Колинда Грабар-Китаровиќ од конзервативната ХДЗ и лекарот Милан Кујунџиќ, кој минатата година ја основаше денсопопулистичката партија Хрватска зора.
Туризмот не може да ја спаси земјата од криза
Идниот претседател на земјата го очекуваат големи предизвици, зашто Хрватска е во длабока економска криза. Од приклучувањето во ЕУ, на 1 јули 2013 година, расположението во земјата е влошено. Ако на почетокот постоеше надеж за позитивен ефект од приклучувањето, како што е можноста малите пртприемачи полесно да дојдат до пари од фондовите на ЕУ, во меѓувреме е раширен ставот дека ЕУ нема чудотворен лек за економските проблеми на земјата. „Фајненшл Тајмс“ неодамна ја опиша Хрватска како „ново проблематично дете на ЕУ“. Во текстот е јасно дефиниран хрватскиот проблем: земјата има убаво крајбрежје, со многу идилични острови кои се многу посетени во текот на летото, но овие три-четири летни месеци не можат да ја извлечат земјата од криза.
Хрватска шеста година по ред не бележи економски пораст, а јавниот долг во меѓувреме е двојно поголем отколку во 2008-та. На ранг листата на ЕУ на земји со најслаба економија, Хрватска е на трето место оддолу, директно по Грција и Шпанија. Невработеноста изнесува во просек 19%, а особено им е тешко на младите - речиси секој втор е невработен.
Брејндрејн на хрватски
Младите Хрвати се убедени дека во догледно време нема ништо да се промени на подобро. Хрватскиот печат речиси секојдневно објавува текстови за апсолвенти кои раскажуваат оти покрај дипломата, најважни документи им се пасошот и авионскиот билет за некоја друга земја. Многумина од нив се жалат и дека во Хрватска може да се добие работа само ако се членува во соодветна партија или се имаат роднински врски со оние што носат одлуки.
Разочаран е и Марио Миљак. „ХДЗ со години не‘ крадеше, СПД е неспособна да промени што било, иако е сега на власт. Целиот политички систем е корумпиран.“ Сепак, тој ќе излезе на избори, зашто смета дека е важно да го даде својот глас за некој од кандидате, барем за да се одржи демократијата.
Новинарот Тони Габриќ од Загреб има поинаков став. Тој е сопственик на интернет порталот „h-alter“ и во еден текст напиша: „Сега ги кршам сите правила на објективното новинарство и ве повикувам да си резервирате половина час време, да отидете на избирачкото место и едноставно да ги прецртате имињата на сите четворица кандидати.“ Зашто, никој од нив не е соодветен за функцијата, секој си мисли само на своите лични предности и полза, убеден е Габриќ. Новинарот стравува дека изборите и онака нема да променат ништо во земјата која е во лоша состојба.