Ракетен напад врз полициска централа во Анкара
21 септември 2013Турските власти соопштија дека убиле маж, кој е осомничен за синоќешниот ракетен напад врз зградата на полицијата во Анкара, додека уште еден осомничен бил повреден.
Двајцата напаѓачи биле пронајдени во близина на универзитетски кампус. Две ракети синоќа ја погодиле зградата на директоратот на националната полиција во предградието Дикмен, а третата паднала во дворот. Полицијата ја блокира областа, каде пронајде и една неексплодирана граната.
Градоначалникот на Анкара Мелих Ѓукчен потврди дека нема жртви во инцидентот, меѓутоа причинета е материјална штета.
Турскиот министер за внатрешни работи Муамер Гулер истакна дека полицијата во близина на местото на нападот пронашла еден рачен минофрлач и материјал кој и’ припаѓа на „нелегална организација“. Медиумите во Турција без официјална потврда за нападот ја сомничат левичарската екстремистичка група ДХКП-Ц. Таа во март годинава ја презеде одговорноста за сличен напад врз зградата на министерството за правда како и врз седиштето на владејачката партија АКП (насловна фотографија).