Ракетни напади на аеродромот во Лавов
18 март 2022Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, на Телеграм соопшти дека на аеродромот имало тешки експлозии. Притоа, како што се додава, не бил погоден самиот аеродром, туку работилница за поправка на авиони. Жртви, според првичните информации, нема. Садовиј ги повика жителите на градот да внимаваат на алармот за воздушна опасност.
Лавов се наоѓа на 80 километри од границата со Полска. Во текот на изминатите три недели, откако почна руската инвазија на Украина, во градот беше релативно мирно, но тој е полн со бегалци.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ноќеска соопшти дека Украина сѐ уште ги има под контрола областите во кои се обидуваат да навлезат руските трупи. Зеленски се обрати особено до луѓето во Мариупол, Харков и Чернихив, чии градови претрпеа големи штети. Тој ги уверува дека не се оставени на цедило. „Ќе бидете слободни“, им порача претседателот Зеленски.
- повеќе: Украина - неутрална како Австрија: Дали е тоа решението?
Во врска со ситуацијата околу Киев, се вели дека Украина се бори против руските сили и се обидува да ги истера противничките трупи од селата околу главниот град. Ситуацијата е тешка, но е под контрола. Армијата одговара на секој руски напад, рече Зеленски во видео порака .