Рак на дојка - дијагноза преку проба со урина?
13 јуни 2015Два до три милилитри урина се доволни. Тие се испитуваат во лабораторија. На првите тестови кои ги развија професор Елмар Штикелер од Универзитетската клиника Фрајбург и неговиот тим учествуваа вкупно 48 жени.
За едната половина од жените беше познато дека боледуваат од рак на дојка, додека другата половина од жените беа здрави. Врз основа на проба од урина, научниците со 92-процентна сигурност утврдија дали жената боледува од рак или не, вели Штикелер.
Сето тоа се базира на определени, мали молекули, наречени микро-РНА. РНА (РНК) е кратенка за рибонуклеинска киселина, која е важна супстанција за пренесување на генетички информации. Микро-РНА го регулираат на пример клеточниот метаболизам (ја регулираат генската екпресија на постранскрипциско ниво од трансферот на информациите од ген до протеин, н.з.).
Во клетките на ракот молекулите се погрешно регулирани. Тие преку крвта може да стигнат во урината. Таму научниците ја мерат концентрацијата на микро-РНА. Кај ракот на дојка профилот на микро-РНА во урината е карактеристично променет.
„Сето тоа е многу комплексно“, објаснува Штикелер. „Се‘ уште не сме откриле сосема како функционира точната регулација на овие мали РНА, овие микро-РНА. Но, знаеме дека во клетките од тумор има значително поинакви мустри отколку во нормалните клетки.“
Постојат над 200 различни РНА. „Нам ни се доволни 9. Нив ги меревме во урината и ги споредивме една со друга двете групи испитаници“, објаснува професорот.
Само во Германија годишно од рак на дојка збаолуваат над 70.000 жени, а умираат повеќе од 17.000/ Вообичаен метод за откривање на овој вид рак се мамографијата или ултразвук, а потоа, ако постои сомневање за рак, се зема и проба од ткивото. Ризиците притоа се пред се‘ големо озрачување и неретко - погрешни позитивни наоди. Ваквите ризици би ги немало при тестирањето со урина.
Поголеми тестирања
Тимот на Елмар Штикелер работи на проектот речиси две години. Но додека се добие дозвола ќе треба да се мине уште долг пат, нагласува професорот. Додека овој метод да се најде на пазарот, спрерд него, ќе минат уште околу 5 години.
За поголемата студија која сега претстои, научниците имаат добиено средства од Помер-Јунг-фондацијата од Лихтенштајн. Освен тоа, има и пари од Германската фондација за борба против рак. Во новата студија ќе учествуваат меѓу 200 и 300 жени и таа не само што ќе трае подолго, туку е и „многу скапа“, вели Штикелер. Имено, со поголемото истражување ќе бидат опфатени и жени кои не се лекуваат на клиниката во Фрајбург, односно доаѓаат од други места.
„Доколку се потврди дека ваквиот начин на испитување навистина може да се применува, тогаш ќе го извадиме на пазарот“, вели Штикелер. Тој смета дека постои можност можеби подоцна ваквото тестирање да се применува и за други видови рак. „Но, тогаш веројатно со поинакви микро-РНА од оние кои сега ги применуваме во нашиот тест“.