1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рама: Планот „А“ е Голема Европа, а не Голема Албанија!

Силвера Падори-Кленке18 јуни 2014

Албанскиот премиер Еди Рама во Берлин лобираше за проширувањето, предупредувајќи: Европа за едни е мајка, за други маќеа, едни напредуваат а други се хронични кандидати. Кажа и: Нема проблеми меѓу Македонија и Албанија

Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Регионот не може да чека! Не треба да се заборави дека Западен Балкан можеби не е ЕУ, но е дел од - Европа. Проблемите кои ги има Унијата не треба да се оправдување со кое не сака да им се даде шанса и на другите. На луѓето од Балканот им' се потребни сигнали дека - по Хрватска, проширувањето не е сопрено. Од проект на надеж, проширувањето се претвори во проект на страв. Место пат на обединување, стана начин на оградување“. Ова е само дел од пораките искажани на синоќешната дискусија на премиерот на Албанија Еди Рама (на насловната фотографија во средината) и социјалдемократот и член на Бундестагот, Дитмар Нитан во Фондацијата Фридрих Еберт во Берлин. Во рамките на темата „Европскиот пат на Албанија“, беше пренесена цела лепеза аргументи што генерално се однесуваат на проширувањето и вклучувањето на регионот на Западен Балкан во ЕУ.

Албанскиот премиер Рама лобираше за својата земја и остро се спротивстави на толкувањата дека Унијата ги согледала и не сака да ги повтори грешките од минатото, од претходните проширувања. Тој се осврна и на замореност на Европа од проширувањето, подвлекувајќи дека „не може Европа за едни да е мајка, а за други маќеа - едни експресно да чекорат нанапред, а други да бидат хронични кандидати!?“. Според него „стравот од проширувањето не е реален, туку станува збор за недостиг на политички визии и смелост да се види што е подобро“.

Добра соработка независна од владите

Во контекст на инсистирањето на Унијата на добрососедски односи меѓу земјите од Балканот и заеднички билатерални проекти, Рама во своето обраќање потсети дека уште од поодамна владите на Македонија и Албанија се договориле да се поврзат со железница. Проектот, меѓутоа до денес не е реализиран поради финансиските проблеми и другите приоритети кои ги притискале двете земји. Во делот од дискусијата посветен на коментари, Дојче веле го праша Рама: Каква ќе биде соработката со новата влада на Македонија која в четврток треба да биде потврдена од Собранието, а во која коалиционен партнер е ДУИ?
„Во вистинска смисла ние не сме зависни од тоа кој е во владата во Македонија или кој е во Албанија. Имаме добри односи. Се разбира имаме и сопствени проблеми со кои се занимаваме, како на пример Охридскиот договор, со кој на Албанците во Македонија треба да им се дадат целосни права. Но инаку, немаме никакви проблеми“, одговори Рама, кого ДВ дополнително го праша: колку е денес реално опасна идејата за создавање Голема Албанија?
„Што се однесува до Голема Албанија, тоа е стар сон на Албанците, создаден во текот на времето кога животот бил тежок. Но, ние сакаме да бидеме дел од Голема Европа, а не од Голема Албанија! Планот 'А' е Голема Европа. И тоа е нашиот план! Јас навистина се надевам дека за младите генерации Голема Албанија нема да биде план Б.“, одговори албанскиот премиер Еди Рама.

Нема проблеми меѓу Македонија и Албанија, премиерите Никола Груевски и Еди РамаФотографија: MIA
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми