1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ранлива регионална сила: Колку е силна Саудиска Арабија?

Керстен Книп
18 септември 2019

Саудиски рафинерии во саботата беа нападнати со дронови. Тоа не е прв успешен напад врз кралството. Добро опремената армија има една клучна слабост.

Jemen Saudi-Arabische Truppen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Армијата на Саудиска Арабија има многу оружје и скапа воена опрема. Па сепак, тој арсенал во моментов не е од вистинска помош. Нападот врз нафтените постројки е невидена бламажа за Саудиска Арабија, вели експертот за Блиски Исток, Михаел Лидерс во разговор за ДВ. „Саудиска Арабија е најважниот купувач на американско оружје. Десет проценти од американскиот извоз на оружје одат во Саудиска Арабија. А, само со десет дронови, кои може да се произведат или купат релативно едноставно, на Хути-бунтовниците, или кој и да е друг, им успеа да го погодат срцето на саудиското производство на нафта.“

Притоа, Саудиска Арабија во изминатите години и децении инвестираше огромни пари во својата армија. Само во 2018 година, според податоците на Институтот за истражување на мирот од Стокхолм (СИПРИ), Ријад купил оружје и воена опрема во вредност од над 67 милијарди долари, повеќе од која било друга држава во регионот. Во светски рамки кралството е на трето место во делот на купено оружје, односно директно зад САД и Кина. Воените издатоци во 2018 година изнесуваа 8,8% од брутодомашниот производ, а во 2015 година беа дури 13%.

Ако се мери според воените издатоци, главниот конкурент на Саудиска Арабија - Иран, заостанува прилично. Во 2018 година оваа земја дала 13 милијарди долари за оружје и друга воена опрема. Сепак, и овој износ е значителен товар за буџетот на Иран и сочинува 9,5% од брутодомашниот производ.

Хути-бунтовниците со дронови ги нападнаа саудиските нафтени постројки (рафинериите сликани од воздух)Фотографија: European Commission/AP

Опремени за војните од вчера

Висината на издатоците за оружје не е гаранција за воената способност на една земја. Оваа лекција Саудиска Арабија ја учи во изминатите четири и пол години во текот на воената интервенција во Јемен, која е насочена против Хути-бунтовниците. Саудиското кралство ги напаѓа своите непријатели исклучиво од воздух, досега без некои позначајни успеси. Напротив, во изминатите месеци Хутите очигледно стигнале до ракети и дронови со кои сега ја напаѓаат Саудиска Арабија.

Повеќе:

Паника на нафтениот пазар по нападот во Саудиска Арабија

Иран - регионална сила на Блискиот Исток

Саудиска Арабија, западните вредности и парите

Саудиската армија во Јемен, а сега сѐ повеќе и во Ормускиот Теснец, е исправена пред проблемот на водење војна за која не е опремена - борба против непријател кој се бори герилски. „Мора да се разговара за тоа како се води војна со посредници“, оценува за магазинот „Бизнис инсајдер“ Михаел Најтс од Институтот за блискоисточна политика во Вашингтон, кој е специјализиран за политички прашања во Заливот. „Затоа што во регионот денес се водат такви војни.“ Според Најтс, Ријад сега треба што е можно побрзо да биде советуван од партнери како што се САД како да спречува вакви напади во иднина.

САД и други партнери би требало да му дадат на Ријад практични совети за противвоздушна одбрана, која ќе биде концентрирана на практични, краткорочни мерки, што ќе го направат кралството поотпорно на ракетни напади, оценува Најтс.

Хутите во Јемен со вооружуваат наголемоФотографија: Reuters/K. Abdullah

Закана од Јемен

Саудиска Арабија мора сѐ повеќе да смета со напади од Јемен, односно од Хути-бунтовниците. Тие во изминатите месеци го имаат многу зголемено својот арсенал со оружје.

Главниот уредник на интернет-магазинот „Раи ал-јавм“, Абдел бари Атван, кој има добри врски во регионот, во понеделникот напиша дека му се јавил портпарол на Хутите и најавил голем напад врз саудиска територија.

Сеедно дали најавата претставува психолошко водење војна, факт е дека Хутите во последно време се вооружуваат наголемо. „Кај нив е забележлив технолошки скок кој во прв ред се должи на Техеран“, вели Гинтер Мејер, раководител на Центарот за истражување на арапскиот свет од Универзитетот Мајнц.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми